Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 6

6
Расипаност на луѓето: Божји суд
1Кога луѓето почнаа да се множат по земјата и им се народија ќерки, 2Божјите синови гледаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, кои ќе ги избереа. 3Тогаш Господ рече: „Мојот Дух нема да остане довека во човекот; човекот е телесен, па векот нека му биде сто и дваесет години.“ 4Во оние времиња - а и подоцна - на земјата беа Нефили, кога Божјите синови општеа со човечките ќерки, па тие им ги раѓаа оние деца. Тоа се оние, од стари времиња, по сила прочуени луѓе. 5Господ виде колку е голема човековата расипаност на земјата и дека секоја мисла во неговата памет секогаш е само зло. 6Господ воздивна и се натажи во Своето срце дека го создаде човекот на земјата. 7Господ рече: „Ќе ги истребам луѓето што ги создадов од лицето на земјата - од човекот до ѕверот, ползачите и птиците во воздухот - зашто се покајав што ги создадов.“ 8Ама Ное најде благодат во Господовите очи.
Ноево родословие
9Еве го Ноевото родословие: Ное беше праведен и непорочен човек во свое време. Ное одеше со Бога. 10Три сина му се родија на Ное: Сим, Хам и Јафет.
11Во Божјите очи земјата беше се расипала; земјата се наполни со насилства. 12И кога Бог виде како се расипа земјата - та секое суштество на земјата се изопачило - 13Бог му рече на Ное: „Одлучив да им биде крај на сите суштества, зашто земјата се наполни со насилства; и, еве, ќе ги уништам заедно со земјата. 14Направи си брод од гоферово дрво; направи го бродот со соби и намачкај го со смола внатре и надвор. 15А ќе го направиш вака: бродот нека биде триста лакти во должина, педесет во ширина, а триесет лакти во височина. 16Направи му отвор за светлина на бродот, заврши го на лакт до врвот; направи врата на бродот отстрана; направи три ката во него: долни, среден и горен. 17Еве, Јас ќе пуштам потоп - води на земјата - за да загине секое суштество под небото, сѐ во што има животен дух: сѐ на земјата треба да загине. 18А со тебе ќе склучам Завет; ти ќе влезеш во бродот - ти и твоите синови со тебе, твојата жена и жените на твоите синови. 19А од сѐ што е живо - од сите суштества - воведи во бродот по две од секое, за да преживеат со тебе, и нека бидат машко и женско. 20Од птиците според нивните видови, од животните според нивните видови, и од сите суштества што ползат по почвата според нивните видови: по две од сите нека влезат кај тебе, за да преживеат. 21Земи со себе сѐ за јадење па чувај го, за да има храна за тебе и за нив.“ 22Ное направи така. Сѐ како што му заповеда Бог, така стори.

Селектирано:

БИТИЕ 6: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност