Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 50:1-26

Создавање 50:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Јосиф падна врз лицето на својот татко, заплака над него, и го бакна. И им заповеда Јосиф на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат таткото негов; и лекарите го балсамираа Израел. И изминаа четириесет дена, зашто толку дни се потребни за балсамирање, и го оплакуваа Египќаните седумдесет дена. Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците фараонови, велејќи: „Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со фараонот и речете му: ‚Таткото мој ме заколна, велејќи: – Еве, јас умирам. Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‘ – Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.“ А фараонот рече: „Оди и погреби го таткото твој, како што те заколнал.“ Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги фараонови, старешините на до­мот негов и сите старешини на земјата египетска, и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов. Само децата свои и ситниот и крупниот добиток свој ги оставија во земјата Гесем. Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, така што погребната поворка беше многу голема. А кога дојдоа во Горен Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена. А луѓето од онаа земја, Хананците, кога слушнаа плачење во Горен Хатад, рекоа: „Голема жалост имаат Егип­ќаните.“ Затоа тоа место го нарекоа „Авел Мицраим“, што е отаде Јордан. И направија синовите негови онака, како што им беше заповедал; го однесоа синовите негови во земјата хананска, и го погребаа во пеште­рата на нивата Махпела, што ја беше купил Авраам од Хитиецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница. А Јосиф се врати во Египет, – тој и браќата негови, и сите, кои беа на по­гребот на неговиот татко. Кога видоа браќата Јосифови дека нивниот татко умре, си рекоа еден на друг: „Да не би да си спомне Јосиф за нашата омраза, па да ни се одмазди за сето зло, што му го направивме!“ Затоа рекоа да му кажат на Јосиф: „Татко ти остави клетва пред да умре и рече – ‚Вака кажете му на Јосиф: Прости им ги на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти ги направија.‘ И ете, сега прости им го гревот на слугите на татковиот ти Бог.“ А Јосиф заплака, кога му го рекоа тоа. Потоа дојдоа пред него и рекоа: „Еве, ние сме слуги твои.“ Јосиф им рече: „Не плашете се, зар сум јас наместо Бог? Вие смисливте зло за мене, но Бог тоа го сврте на добро, за да се изврши она, што денес се случува: да се зачува животот на многу луѓе.“ И им рече: „Не плашете се, јас ќе ве прехранам вас и вашите деца.“ Така ги утеши, зборувајќи им од срце. И продолжи да живее Јосиф во Египет, тој и браќата негови и целиот дом на таткото негов: поживеа Јосиф сто и десет години. И ги виде Јосиф синовите Ефре­мови до третото колено; а и синовите на Махир, синот Манасиев, се родија на колената Јосифови. Тогаш им рече на браќата свои, велејќи: „Јас ќе умрам; но Бог ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја во земјата, за која им се заколнал на Авраам, на Исак и на Јаков.“ Па ги заколна Јосиф синовите на Израел и им рече: „Кога Бог ќе ве посети вас, вие тогаш понесете ги коските мои одовде со вас!“ Јосиф умре на сто и десет години. Го балсамираа и го положија во ковчег во Египет.

Создавање 50:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Јосиф падна на лицето на татка си, го облеа со солзи и го изљуби. Потоа Јосиф им нареди на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат татка му; и тие го балсамираа Израел. Поминаа четириесет денови: имено, толку трае балсамирањето. Египетците го оплакуваа седумдесет денови. А кога помина времето на жалост, Јосиф им рече на фараоновите придворници: „Ако имате пријателство кон мене, пренесете го ова во ушите на фараонот: мојот татко ме заколна велејќи: ‘Кога ќе починам, погреби ме во гробот што си го приготвив во Ханаанската Земја!’ Дозволи ми да одам горе и да го погребам таткото, а тогаш ќе се вратам.“ Фараонот одговори: „Оди горе и погреби го својот татко како што те заколна.“ Така Јосиф отиде да го погребе таткото. Со него тргнаа и сите фараонови службеници - старешините на неговиот дворец и сите достоинственици на Египетската Земја; целото Јосифово семејство, неговите браќа и татковото семејство. Единствено нивните деца, нивните овци и говедата останаа во Гесенската Земја. Со него одеа и коли и коњаници: тоа беше многу долга поворка. Откако стигнаа во Горен Атад, отаде Јордан, одржаа таму големо и силно плачење. Јосиф направи седумдневна жалост по татка си. Кога жителите на таа земја, Ханаанците, го видоа тажењето во Горен Атад, рекоа: „Тоа е голем плач на Египетците!“ Затоа го нарекоа тоа место Авел-Мисраим (Египетски Плач), што е отаде Јордан. Јакововите синови направија како што им нареди таткото: го однесоа во Ханаанската Земја и го погребаа во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купи од Хетеецот Ефрон за погребување. Откако го погреба татка си, Јосиф се врати во Египет - тој, неговите браќа и сите, кои отидоа да го погребат татка му. Кога Јосифовите браќа видоа дека почина татко им, рекоа: „Што! ако е Јосиф лут на нас и ако се обиде да ни врати за сето зло што му го направивме?“ Затоа му порачаа на Јосифа: „Пред својата смрт татко ти порача: ‘Речете му вака на Јосифа: „Прости им ги на своите браќа злото и гревот, зашто постапија толку сурово кон тебе.“‘ И така, прости им ја навредата на слугите на Бога на твојот татко!“ На тие зборови Јосиф се расплака. Тогаш неговите браќа дојдоа сами кај него, се фрлија пред него и му рекоа: „Еве нѐ кај тебе да ти бидеме робови!“ Јосиф одговори: „Не бојте се! Па зар сум јас место Бога! Освен тоа, иако имавте вие намера да ми сторите зло, Бог го сврте тоа кон добро: да направи тоа што се случува денес - да спаси живот на голем народ. Затоа не бојте се! Јас ќе се грижам за вас и за вашите деца.“ Така ги смири со љубезни зборови. Јосиф остана во Египет заедно со својот и со татковиот род; Јосиф живееше сто и десет години. Така Јосиф ги виде Ефремовите деца до третото колено; а му се раѓаа деца и на Махир, синот Манасиев, на Јосифови колена. Најпосле Јосиф им рече на браќа си: „Еве, јас ќе умрам скоро, но Бог, навистина, ќе се сети за вас и ќе ве изведе од земјава во земјата што им ја вети, под заклетва, на Авраама, Исака и Јакова.“ Тогаш Јосиф ги заколна Израелевите синови: „Бог вистина ќе се сети за вас, и тогаш изнесете ги моите коски оттука!“ Јосиф умре кога му беа сто и десет години; го балсамираа и го положија во ковчег во Египет.