Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 50:1-14

Создавање 50:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Јосиф падна врз лицето на својот татко, заплака над него, и го бакна. И им заповеда Јосиф на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат таткото негов; и лекарите го балсамираа Израел. И изминаа четириесет дена, зашто толку дни се потребни за балсамирање, и го оплакуваа Египќаните седумдесет дена. Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците фараонови, велејќи: „Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со фараонот и речете му: ‚Таткото мој ме заколна, велејќи: – Еве, јас умирам. Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‘ – Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.“ А фараонот рече: „Оди и погреби го таткото твој, како што те заколнал.“ Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги фараонови, старешините на до­мот негов и сите старешини на земјата египетска, и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов. Само децата свои и ситниот и крупниот добиток свој ги оставија во земјата Гесем. Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, така што погребната поворка беше многу голема. А кога дојдоа во Горен Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена. А луѓето од онаа земја, Хананците, кога слушнаа плачење во Горен Хатад, рекоа: „Голема жалост имаат Егип­ќаните.“ Затоа тоа место го нарекоа „Авел Мицраим“, што е отаде Јордан. И направија синовите негови онака, како што им беше заповедал; го однесоа синовите негови во земјата хананска, и го погребаа во пеште­рата на нивата Махпела, што ја беше купил Авраам од Хитиецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница. А Јосиф се врати во Египет, – тој и браќата негови, и сите, кои беа на по­гребот на неговиот татко.

Создавање 50:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Јосиф падна на лицето на татка си, го облеа со солзи и го изљуби. Потоа Јосиф им нареди на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат татка му; и тие го балсамираа Израел. Поминаа четириесет денови: имено, толку трае балсамирањето. Египетците го оплакуваа седумдесет денови. А кога помина времето на жалост, Јосиф им рече на фараоновите придворници: „Ако имате пријателство кон мене, пренесете го ова во ушите на фараонот: мојот татко ме заколна велејќи: ‘Кога ќе починам, погреби ме во гробот што си го приготвив во Ханаанската Земја!’ Дозволи ми да одам горе и да го погребам таткото, а тогаш ќе се вратам.“ Фараонот одговори: „Оди горе и погреби го својот татко како што те заколна.“ Така Јосиф отиде да го погребе таткото. Со него тргнаа и сите фараонови службеници - старешините на неговиот дворец и сите достоинственици на Египетската Земја; целото Јосифово семејство, неговите браќа и татковото семејство. Единствено нивните деца, нивните овци и говедата останаа во Гесенската Земја. Со него одеа и коли и коњаници: тоа беше многу долга поворка. Откако стигнаа во Горен Атад, отаде Јордан, одржаа таму големо и силно плачење. Јосиф направи седумдневна жалост по татка си. Кога жителите на таа земја, Ханаанците, го видоа тажењето во Горен Атад, рекоа: „Тоа е голем плач на Египетците!“ Затоа го нарекоа тоа место Авел-Мисраим (Египетски Плач), што е отаде Јордан. Јакововите синови направија како што им нареди таткото: го однесоа во Ханаанската Земја и го погребаа во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купи од Хетеецот Ефрон за погребување. Откако го погреба татка си, Јосиф се врати во Египет - тој, неговите браќа и сите, кои отидоа да го погребат татка му.