Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 47:13-31

Создавање 47:13-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но жито немаше по целата земја, зашто гладот стана многу голем: се истоштија египетската и хананската зем­ја од глад. И го собра Јосиф сето сребро што се наоѓаше во земјата египетска и во земјата хананска, за житото, што го купуваа, и го однесе Јосиф среброто во домот фараонов. И снема сребро во земјата египет­ска и во земјата хананска. Тогаш сите Египќани почнаа да доаѓаат кај Јосиф и викаа: „Дај ни леб! Зошто да умираме пред тебе? Среброто веќе заврши.“ А Јосиф им велеше: „Дајте го добитокот свој, па ќе ви дадам храна за добитокот, штом среброто сте го по­трошиле.“ И го доведуваа добитокот свој кај Јосиф, а Јосиф им даваше жито за ко­њите, за ситниот и крупниот добиток и за магарињата. Така ги исхрани таа го­дина со жито во замена за сиот добиток нивни. А кога помина таа година, почнаа пак да доаѓаат кај него и втората година, велејќи: „Нема да криеме од господарот наш дека среброто наше сврши, а и стадата добиток се кај господарот наш, па не ни остана веќе ништо да му донесеме на господарот наш, освен те­лата наши и нивите наши. За да не пропаднеме пред очите твои, купи нѐ нас и нивите наши за жито, па ние и земјата наша да му станеме робови на фараонот. А ти дај ни семе, да сееме и да останеме живи и да не умреме, та и земјата да не за­пусти.“ И така Јосиф ја купи за фараонот сета земја во Египет, бидејќи сите Егип­ќани ја продадоа својата земја на фараонот, зашто гладот ги притисна. И земјата стана фараонова. А народот го пороби од едниот крај на Египет до другиот. Само не ги купи имотите на свештениците, бидејќи фараонот имо­тите им ги подарил, и тие се хранеа од давачки, што им ги определил фарао­нот. Затоа тие не ја продадоа својата земја. Јосиф, пак, му рече на народот: „Ете, ве купив денес вас и нивите ваши за фараонот. Па, еве ви семе, и посејте ги нивите. Но од родот една петина ќе му давате на фараонот, а четирите дела не­ка останат за вас: за сеење на нивите и за прехрана ваша и на оние, кои се по домовите ваши, како и за прехрана на вашите деца.“ А тие рекоа: „Ти ни го запази животот; нека најдеме милост пред господарот наш и да му бидеме робови на фараонот.“ И донесе Јосиф закон, кој е и денес во сила во земјата египетска: петина му припаѓа на фараонот, освен од земјата на свештениците, што не стана фара­онова. А Израел се насели во египетската земја, во областа Гесем, и ја владееја, и се изнародија и намножија многу. И поживеа Јаков во египетската земја седумнаесет години; Јаков живее­ше вкупно сто четириесет и седум години. А кога се наближи времето Израел да умре, го повика својот син Јосиф и му рече: „Ако сум нашол милост пред тебе, стави ја раката твоја под бедрото мое, и направи ми милост и вети ми дека нема да ме погребеш во Египет. Но за да почивам кај татковците мои, ќе ме пренесеш надвор од Египет и ќе ме погребеш во гробот нивни.“ А тој рече: „Ќе направам како што ве­лиш.“ И му рече: „Заколни ми се!“ И тој му се заколна. Тогаш Израел му се поклони врз перницата од својата постела.

Создавање 47:13-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Никаде немаше храна: зашто притисна страшен глад: тој ги измачи и Египетската Земја и Ханаанската Земја. Јосиф ги собра сите сребреници што се наоѓаа во Египетската Земја и во Ханаанската Земја за житото, што беше продавано, и ги однесе сребрениците во фараоновиот дворец. Кога ги снема сребрениците во Египетската Земја и во Ханаанската Земја, сите Египетци дојдоа при Јосифа и му рекоа: „Дај ни леб! Зошто да изумреме пред твои очи? Нема веќе сребро.“ Јосиф одговори: „Дотерајте го својот добиток, па ќе ви дадам жито во замена за добитокот, штом ги снема сребрениците.“ Така тие го дотеруваа својот добиток при Јосифа; а Јосиф им даваше леб во замена за коњите, за ситниот и крупниот добиток и за ослињата. И ги снабдуваше во таа година со леб во замена за сиот нивни добиток. Кога помина годината, дојдоа при него и во втората година и му рекоа: „Не можеме да скриеме од нашиот господар: сребрениците ги снема, добитокот е веќе отстапен на господарот; не ни останува ништо друго да му отстапиме на господарот освен себеси и нашите ораници. Зошто да погинеме во твоите очи, и ние и нашата земја? Купи нѐ нас и нашата земја за леб; и така ќе станеме фараонови робови заедно со нашата земја; дај ни семе за да преживееме: да не умреме и да не запустат нашите ораници!“ Така Јосиф ја купи за фараонот сета Египетска Земја, зашто секој Египетец, кога го притисна гладот, ги продаде своите ниви. Така земјата стана фараонова сопственост, а народот, од едниот до другиот крај на Египет, негово робје. Единствено не ги купи свештеничките имоти, зашто фараонот им даваше на свештениците одреден дел, и така живееја од приходот што им го даваше фараонот, затоа не ги продадоа своите имоти. А Јосиф му рече на народот: „Бидејќи денес ве купив за фараонот и вас и вашата земја, еве ви семе, па засејте ја земјата. Но кога ќе биде жетвата, ќе му давате на фараонот една петина, додека четири петини ќе ви остануваат вам: за засејување на полето, за храна за вас и за оние, кои се во вашите домови и за храна на вашите деца.“ Тие одговорија: „Ни го спаси животот! Ние сме му благодарни на нашиот господар, зашто можеме да бидеме фараонови робови.“ Така Јосиф го постави земјоделскиот закон во Египет, што важи и денес: петината му припаѓа на фараонот; исклучувајќи ја само земјата на свештениците, што не му припаѓаше на фараонот. Израел живееше во Египетската Земја, во Гесенскиот Крај; во него добија сопственост; беа плодни и се намножија многу. Јаков поживеа седумнаесет години во Египетската Земја. А должината на Јакововиот живот достигна сто четириесет и седум години. Кога му наближи на Израела времето да умре, го повика сина си Јосифа и му рече: „Ако најдов милост во твоите очи, стави ја раката под моето бедро, за да пројавиш милост и правда кон мене: Не ме погребувај во Египет! За да легнам долу, со своите татковци, пренеси ме од Египет горе и погреби ме во нивната гробница!“ А тој рече: „Ќе сторам според твоите зборови.“ И му рече: „Заколни ми се!“ И тој му се заколна. Тогаш Израел се поклони длабоко врз перницата на постелата.