Создавање 44:1-34
Создавање 44:1-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа му заповеда Јосиф на управителот на домот, велејќи: „Наполни им ги на овие луѓе вреќите со жито, колку што можат да носат, и на секого во отворот на вреќата стави им го среброто нивно; а чашата моја сребрена стави му ја на најмалиот во вреќата, заедно со среброто негово за купеното жито!“ И тој направи така, како што му рече Јосиф. А утредента, на осамнување, ги испратија луѓето со нивните магариња. Уште не беа изминале многу пат од градот, му рече Јосиф на човекот, кој управуваше со домот негов: „Стани, оди брзо по оние луѓе, а, кога ќе ги стигнеш, кажи им: ‚Зошто враќате зло за добро‘. Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? А тој на неа ги чита и претскажувањата! Тоа што го направивте е лошо.“ И тој ги стигна, и им ги рече овие зборови. А тие му одговорија: „Зошто зборуваш, господаре, такви зборови? Не, слугите твои такво нешто не би направиле. Дури и среброто, што го најдовме при отворот на вреќите, го вративме од хананската земја, па како можеме да украдеме од куќата на господарот твој сребро или злато? А при кого од слугите твои ќе се најде чашата, тој нека загине; а ние, пак, ќе му бидеме робови на господарот наш.“ А тој, пак, рече: „Добро, нека биде така, како што рековте; но во кого ќе се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие другите нема да бидете виновни.“ И тие брзо ги симнаа вреќите свои, и ги одврзаа секој својата вреќа. А тој почна да бара, почнувајќи од најстариот, и завршувајќи со најмалиот; и се најде чашата во вреќата Венијаминова. Тогаш ја раскинаа облеката своја, па го натоварија секој товарот на своето магаре, и се вратија во градот. И дојдоа Јуда и браќата негови во домот на Јосиф, кој беше сѐ уште дома, и паднаа пред него на земја. А Јосиф им рече: „Што направивте? Зар не знаевте дека човек, каков што сум јас, се занимава со пророкување и секако ќе може да разбере?“ Тогаш рече Јуда: „Што да одговориме на господарот наш? Што да кажеме или со што да се оправдаме? Бог ја откри неправдата на твоите слуги. Еве, ние сме сите робови твои, господаре, и ние и овој, во кого се најде чашата!“ Но Јосиф одговори: „Не, јас не го сакам тоа; кај кого се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие одете си со здравје кај таткото ваш.“ Но Јуда пристапи до него и рече: „Господаре, дозволи да проговори слугата твој пред тебе и гневот твој нека не се истури на слугата твој, зашто ти си како и фараонот. Господарот мој ги праша слугите свои велејќи: ‚Имате ли татко или брат?‘ А ние му рековме на господарот наш: ‚Имаме стар татко и најмал брат, кој му се роди во староста; а неговиот брат умре, и тој остана сам од мајката своја, и таткото многу го сака!‘ А ти им рече на слугите твои: ‚Доведете го кај мене да го видат моите очи.‘ И ние му рековме на господарот наш: ‚Не ќе може детето да го остави таткото свој; ако го остави својот татко, тој ќе умре.‘ А ти им рече на слугите твои: ‚Ако не дојде со вас најмалиот ваш брат, нема повеќе да го видите лицето мое.‘ Па, кога се вративме кај слугата твој, таткото наш, му ги кажавме зборовите на господарот наш. Потоа ни рече таткото наш: ‚Одете пак, купете ни малку храна.‘ А ние рековме: ‚Не можеме да одиме; но, ако дојде со нас братот наш најмал, тогаш ќе одиме, зашто не можеме да го видиме лицето на оној човек, ако со нас не биде нашиот најмал брат.‘ А слугата твој, таткото наш, ни рече: ‚Знаете дека жената моја ми роди два сина. А еден од нив отиде од мене, и јас реков: Сигурно е растргнат, и јас досега не го видов. Ако и овој го земете од мене, па го снајде некоја неволја по патот, ќе ме турнете вака стар со тага в гроб.‘ И сега, ако отидам кај слугата твој, таткото наш, и да не биде со нас детето, со чија душа е приврзана неговата душа и кога ќе види дека го нема детето, ќе умре; и слугите твои ќе го турнат стариот слуга твој, таткото наш, со тага в гроб. А твојот слуга ја зеде одговорноста за детето пред таткото наш, велејќи: ‚Ако не ти го доведам, нека бидам виновен пред таткото свој довека.‘ Затоа јас, слугата твој, нека останам место детето, да му бидам роб на господарот мој, а детето нека си оди со браќата свои. Зашто, како ќе се вратам кај таткото свој, детето да не е со мене? Би го видел злото, што ќе го снајде мојот татко.“
Создавање 44:1-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Јосиф му нареди на управителот на своето домаќинство: „Наполни ги вреќите на луѓево, со храна, колку што можат да носат, а сребрениците на секого стави ги при отворот на неговата вреќа. А мојата чаша - онаа од сребро - стави ја во отворот на вреќата на најмладиот, заедно со неговото сребро за житото.“ Тој направи како што му нареди Јосиф. Кога се раздени, ги испратија луѓето и нивните ослиња. Точно по излегување од градот - не беа заминати далеку - кога Јосиф му рече на началникот на својот дом: „На нозе! Тргни по луѓето! Кога ќе ги стигнеш, речи им: ‘Зошто враќате зло за добро? Зар мојот господар не пие од онаа чаша и не чита пророштва од неа? Направивте зло!’“ Откако ги стигна, ги повтори зборовите. Тие одговорија: „Зошто господарот ни зборува така? Далеку да е од твоите слуги да сторат нешто такво! Па и сребрениците што ги најдовме во своите вреќи, ти ги вративме назад од Ханаанската Земја. Како би можеле тогаш да украдеме сребро или злато од куќата на твојот господар! Оној, од твоите слуги, во кого ќе се најде, нека биде убиен, а ние другите ќе му станеме робови на твојот господар.“ „Иако е право тоа што го предлагате - рече тој - сепак само оној, кај кого ќе биде најдено украденото, ќе биде мој роб, а другите ќе бидете слободни.“ Бргу ги спуштија вреќите на земја и секој ја отвори својата вреќа. Тој пребаруваше, почнувајќи од највозрасниот и завршувајќи со најмладиот, чашата беше најдена во Венијаминовата вреќа. Тогаш тие ги скинаа своите облеки; секој повторно го натовари своето осле и се вратија во градот. Кога Јуда и неговите браќа стапија пак во Јосифовиот дом, тој уште беше таму, и паднаа пред него на земја. Јосиф им рече: „Какво е тоа дело што го сторивте? Зар не знаете дека човек, каков што сум јас, се бави со пророкување?“ Јуда одговори на тоа: „Што можеме да му речеме на својот господар? Што можеме да му кажеме? Со што да се оправдаме? Бог го откри злоделото на твоите слуги. Еве нѐ за робови на својот господар - еднакво и ние и оној, кај кого е најдена чашата.“ „Далеку од мене да направам така! - одговори. - Туку, мој роб ќе биде оној, кај кого е најдена чашата, а вие другите одете си мирно при својот татко!“ Тогаш Јуда му се приближи и рече: „Господару мој, те молам, дозволи му на својот слуга да му каже збор, на ушите на својот господар, и твојот гнев нека не се разлева на твојот слуга; па ти си рамен на фараонот. Мојот господар ги праша своите слуги: „Имате ли татко или уште некој брат?“ Му одговоривме на својот господар: „Имаме стар татко; тој има уште еден син, роден во неговата старост, тој е најмлад, неговиот брат умре, така што тој остана единствен од својата мајка. Неговиот татко го љуби особено.“ Потоа им рече на своите слуги: ‘Доведете ми го ваму, за да го видат моите очи!’ А ние му одговоривме на својот господар: ‘Детето не може да го остави таткото; кога би го оставил, таткото би умрел.’ Но ти им рече на своите слуги: ‘Ако вашиот најмлад брат не дојде со вас ваму, нема повеќе да го видите лицето мое.’ Кога се вративме при твојот слуга, мојот татко, му ги кажавме зборовите на мојот господар. Нашиот татко ни рече: ‘Одете пак и набавете ни малку храна!’ Му одговоривме: ‘Не можеме таму, само ако тргне со нас нашиот најмлад брат, ќе слеземе, зашто не смееме пред оној човек, ако нашиот најмлад брат не биде со нас.’ Твојот слуга, татко ми, ни одговори: ‘Како што знаете, мојата жена ми роди два сина. Едниот го снема, па заклучив: дека е растрган од ѕвер. Оттогаш веќе не го видов. Ако и овој го одведете од мене, па му се случи некаква несреќа, ќе ја фрлите со тага мојата седа глава долу, во Шеолот (гроб).’ Ако сега дојдам при твојот слуга, мојот татко, а младецот - чиј живот е поврзан толку со неговиот - не биде со нас, тој ќе умре кога ќе види дека детето го нема со нас; така твоите слуги ќе ја фрлат со тага седата глава на твојот слуга, на татка ни, долу во Шеолот. Зашто твојот слуга му заемчи на татка си за детето, велејќи: ‘Ако не ти го вратам, ќе му бидам виновен на татка си засекогаш.’ Затоа, те молам, твојот слуга нека остане како роб на мојот господар, а детето нека оди назад со браќата. Зашто, како ќе отидам при татка си, ако детето не биде со мене! Не би можел да го гледам јадот, што би го снашол татка ми.“