Потоа му заповеда Јосиф на управителот на домот, велејќи: „Наполни им ги на овие луѓе вреќите со жито, колку што можат да носат, и на секого во отворот на вреќата стави им го среброто нивно; а чашата моја сребрена стави му ја на најмалиот во вреќата, заедно со среброто негово за купеното жито!“ И тој направи така, како што му рече Јосиф. А утредента, на осамнување, ги испратија луѓето со нивните магариња. Уште не беа изминале многу пат од градот, му рече Јосиф на човекот, кој управуваше со домот негов: „Стани, оди брзо по оние луѓе, а, кога ќе ги стигнеш, кажи им: ‚Зошто враќате зло за добро‘. Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? А тој на неа ги чита и претскажувањата! Тоа што го направивте е лошо.“ И тој ги стигна, и им ги рече овие зборови. А тие му одговорија: „Зошто зборуваш, господаре, такви зборови? Не, слугите твои такво нешто не би направиле. Дури и среброто, што го најдовме при отворот на вреќите, го вративме од хананската земја, па како можеме да украдеме од куќата на господарот твој сребро или злато? А при кого од слугите твои ќе се најде чашата, тој нека загине; а ние, пак, ќе му бидеме робови на господарот наш.“ А тој, пак, рече: „Добро, нека биде така, како што рековте; но во кого ќе се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие другите нема да бидете виновни.“ И тие брзо ги симнаа вреќите свои, и ги одврзаа секој својата вреќа. А тој почна да бара, почнувајќи од најстариот, и завршувајќи со најмалиот; и се најде чашата во вреќата Венијаминова. Тогаш ја раскинаа облеката своја, па го натоварија секој товарот на своето магаре, и се вратија во градот.
И дојдоа Јуда и браќата негови во домот на Јосиф, кој беше сѐ уште дома, и паднаа пред него на земја. А Јосиф им рече: „Што направивте? Зар не знаевте дека човек, каков што сум јас, се занимава со пророкување и секако ќе може да разбере?“ Тогаш рече Јуда: „Што да одговориме на господарот наш? Што да кажеме или со што да се оправдаме? Бог ја откри неправдата на твоите слуги. Еве, ние сме сите робови твои, господаре, и ние и овој, во кого се најде чашата!“ Но Јосиф одговори: „Не, јас не го сакам тоа; кај кого се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие одете си со здравје кај таткото ваш.“ Но Јуда пристапи до него и рече: „Господаре, дозволи да проговори слугата твој пред тебе и гневот твој нека не се истури на слугата твој, зашто ти си како и фараонот. Господарот мој ги праша слугите свои велејќи: ‚Имате ли татко или брат?‘ А ние му рековме на господарот наш: ‚Имаме стар татко и најмал брат, кој му се роди во староста; а неговиот брат умре, и тој остана сам од мајката своја, и таткото многу го сака!‘ А ти им рече на слугите твои: ‚Доведете го кај мене да го видат моите очи.‘ И ние му рековме на господарот наш: ‚Не ќе може детето да го остави таткото свој; ако го остави својот татко, тој ќе умре.‘ А ти им рече на слугите твои: ‚Ако не дојде со вас најмалиот ваш брат, нема повеќе да го видите лицето мое.‘ Па, кога се вративме кај слугата твој, таткото наш, му ги кажавме зборовите на господарот наш. Потоа ни рече таткото наш: ‚Одете пак, купете ни малку храна.‘ А ние рековме: ‚Не можеме да одиме; но, ако дојде со нас братот наш најмал, тогаш ќе одиме, зашто не можеме да го видиме лицето на оној човек, ако со нас не биде нашиот најмал брат.‘ А слугата твој, таткото наш, ни рече: ‚Знаете дека жената моја ми роди два сина. А еден од нив отиде од мене, и јас реков: Сигурно е растргнат, и јас досега не го видов. Ако и овој го земете од мене, па го снајде некоја неволја по патот, ќе ме турнете вака стар со тага в гроб.‘ И сега, ако отидам кај слугата твој, таткото наш, и да не биде со нас детето, со чија душа е приврзана неговата душа и кога ќе види дека го нема детето, ќе умре; и слугите твои ќе го турнат стариот слуга твој, таткото наш, со тага в гроб. А твојот слуга ја зеде одговорноста за детето пред таткото наш, велејќи: ‚Ако не ти го доведам, нека бидам виновен пред таткото свој довека.‘ Затоа јас, слугата твој, нека останам место детето, да му бидам роб на господарот мој, а детето нека си оди со браќата свои. Зашто, како ќе се вратам кај таткото свој, детето да не е со мене? Би го видел злото, што ќе го снајде мојот татко.“