Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 43:15-34

Создавање 43:15-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш тие ги зедоа подароците и двојно повеќе сребреници, го зедоа и Венијамин, па станаа и отидоа во Египет и излегоа пред Јосиф. А Јосиф кога го виде со нив и Венијамин, му рече на човекот што управуваше со неговата куќа: „Одведи ги овие луѓе дома, па заколи нешто од добитокот и зготви го, зашто тие на пладне со мене ќе ручаат.“ И направи човекот така како што му рече Јосиф, и ги одведе луѓето во домот Јосифов. А тие луѓе се уплашија, кога чо­векот ги водеше во домот Јосифов, и рекоа: „Заради среброто, што се најде порано во вреќите наши, нѐ водат, додека не смислат нешто, па да нѐ обвинат, за да нѐ заробат нас и нашите магариња!“ И му пристапија на човекот, што управуваше со домот Јосифов, и му проговорија пред вратата на куќата и рекоа: „Чуј нѐ, господаре! Ние и порано бевме овде, за да купиме храна. Но кога бевме на ноќевање, ги отворивме вреќите, а тоа – среброто на секого од нас беше одозгора во вреќите наши; и еве во иста количина го враќаме со свои раце, а и друго сребро донесовме, да купиме храна; ние не знаеме кој ни го стави среброто наше во вреќите.“ А тој одговори: „Бидете спокојни, не плашете се, вашиот Бог и Бог на таткото ваш го ставил тоа благо во вреќите ваши; среброто ваше стигна кај мене.“ И им го изведе Симеон. И ги воведе човекот во домот Јосифов и им донесе вода, за да ги измијат нозете; а им даде и храна за нивните магариња. И ги приготвија подароците, че­кајќи дури да дојде Јосиф на пладне, зашто чуја дека тука ќе ручаат. А кога дојде Јосиф дома, му ги дадоа подароците, што ги имаа в рацете свои, и му се поклонија доземи. Потоа тој ги праша за здравјето и рече: „Добар ли е вашиот стар татко, за кого ми зборувавте? Жив ли е уште?“ А тие одговорија: „Жив е слугата твој, нашиот татко, и здрав е.“ Па се наведнаа и му се поклонија. А кога ги подигна очите свои, го виде братот свој, Венијамин, и рече: „Овој ли е најмалиот брат ваш, за кого ми зборувавте?“ И додаде: „Бог нека ти биде благонаклонет, синко!“ Тогаш Јосиф побрза надвор, зашто срцето му се беше возбудило поради братот негов. Му дојде да заплаче, па влезе во внатрешната соба и таму плачеше. Потоа се изми и излезе, и воздр­жувајќи се рече: „Принесете јадење!“ И му донесоа, нему посебно, ним одделно, и на Египќаните што ручаа кај него посебно, зашто Египќаните не можат да јадат со Евреите, бидејќи тоа би им било неугодно на Египќаните. И седнаа тие пред него, постарите според возраста нивна, а помладите спо­ред младоста нивна, па се погледаа, чудејќи се. И нареди дел од јадењата што беа пред него, да ги носат пред нив, а делот на Венијамин беше петпати поголем од делот на секого од нив. И пиеја и се нагостија со него.

Создавање 43:15-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Луѓето ги зедоа даровите; зедоа двојно сребреници со себе, го поведоа Венијамина и слегоа во Египет, и стапија пред Јосифа. Кога Јосиф го здогледа Венијамина со нив, му рече на управителот на своето домаќинство: „Одведи ги луѓето во куќата, заколи едно добиче и зготви, зашто луѓево ќе ручаат со мене на пладне!“ Човекот направи како што му рече Јосиф и ги поведе луѓето во Јосифовиот дом. Луѓето се исплашија кога ги поведоа во Јосифовиот дом и рекоа: „Заради сребрениците што ги најдовме во нашите вреќи, првиот пат, нѐ водат нас внатре, да нѐ нападнат и да нѐ земат за робови, заедно со нашите ослиња.“ Заради тоа му се приближија на управителот на Јосифовиот дом и, при влезот на куќата, му рекоа: „Прости, господару! Ние, еднаш, и порано дојдовме да набавиме храна; и кога стигнавме во преноќиштето и ги отворивме нашите вреќи; а ете сребрениците на секој од нас: одозгора во неговата вреќа, нашите сребреници, исто количество, сега ги донесовме со себе. А донесовме и други сребреници, за да купиме храна. Ние не знаеме кој ни ги стави сребрениците во нашите вреќи.“ „Бидете мирни! - им рече тој. - Не бојте се! Вашиот Бог и Бог на вашиот татко го стави благото во вашите вреќи; вашите сребреници стигнаа при мене.“ Потоа им го изведе Симеона. Тогаш човекот ги воведе луѓето во Јосифовата куќа; им даде вода да си ги измијат нозете; а на нивните ослиња им даде храна. Потоа тие ги приготвија своите подароци до Јосифовото доаѓање на пладне, зашто чуја дека ќе ручаат таму. Кога Јосиф дојде дома, му ги дадоа даровите што ги донесоа со себе, и му се поклонија до земја. Тој ги праша за здравјето, а натаму рече: „А дали е добар вашиот стар татко, за кого што ми зборувавте? Дали му е добро здравјето?“ „Твојот слуга, нашиот татко, добар е и здравјето му е уште добро“, одговорија и му се поклонија, искажувајќи му почитување. Подигајќи ги своите очи, Јосиф го забележа својот брат Венијамин - синот на мајка си - и праша: „Овој ли е вашиот најмлад брат, за кого ми зборувавте?“ И продолжи: „Божјата милост да биде со тебе, сине мој!“ Па Јосиф се оддалечи брзо, зашто му се возбуди срцето заради братот; му идеше да заплаче. Влезе во една соба и таму се изнаплака. Тогаш го изми лицето, се јави повторно и, совладувајќи се, нареди: „Послужете ручек!“ Му ставија нему одделно, ним одделно, а пак одделно на Египетците, кои јадеа со него. Египетците не би можеле да јадат со Евреи, зашто тоа би им било одвратно на Египетците. И кога седнаа пред него, најстариот според своето првородство, а најмладиот според својата младост, само се загледуваа. И тој наредуваше јадењата од пред него да ги носат при нив, а Венијаминовиот дел беше петпати поголем од сите други. И пиеја и се гостеа со него.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност