Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 43:1-14

Создавање 43:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но гладот се зголемуваше во таа земја. А кога го изедоа житото, што го беа донеле од Египет, таткото нивни им рече: „Одете пак и купете ни малку храна.“ Јуда му проговори и рече: „Оној човек јасно ни рече: ‚Да не се јавувате пред лицето мое, ако вашиот помал брат не дојде со вас.‘ Ако го пуштиш со нас братот наш, ќе одиме и ќе ти купиме храна. Ако, пак, не го пуштиш, тогаш нема да одиме, зашто оној човек ни рече: ‚Да не се појавувате пред лицето мое, ако вашиот брат не биде со вас!‘“ Но Израел рече: „Зошто ми направивте такво зло и му рековте на човекот дека имате уште еден брат?“ А тие одговорија: „Човекот се рас­пра­шуваше за нас и за родот наш, ве­лејќи: ‚Дали е уште жив таткото ваш? Имате ли друг брат?‘ И ние му одго­воривме како што нѐ прашуваше. Можевме ли да знаеме дека ќе рече: ‚Доведете го братот ваш!?‘“ А Јуда му рече на Израел, таткото свој: „Пушти го малиот со мене, па ќе се кренеме и ќе отидеме за да останеме живи, и да не изумреме ни ние, ниту ти, ни нашите деца. Јас ќе одговарам за него, од моја рака ќе го бараш. Ако не ти го доведам и не го претставам пред тебе, ќе бидам виновен пред тебе до крајот на мојот живот. Да не се бавевме толку, досега можеби двапати ќе се вратевме!“ Тогаш Израел, таткото нивни, рече: „Ако е така, еве што ќе направите – земете плодови од оваа земја, па однесете му ги како подарок на оној човек; малку балсам, малку мед, миризлива смола, темјан, кикиритки и бадеми. А пари, со себе земете двојно по­веќе, бидејќи ќе треба да ги вратите парите, што ги најдовте под грлата на вашите вреќи; можеби е грешка. Земете го и братот ваш, па станете и одете пак кај оној човек. А семоќниот Бог Ел-Шадај да ви помогне да најдете милост кај оној човек, па да ви го пушти и другиот ваш брат, и Венијамин. А јас, пак, ако треба веќе да останам без деца, нека останам.“

Создавање 43:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Страшен глад ја притисна земјата. Кога ја изедоа храната, што ја донесоа од Египет, нивниот татко им рече: „Одете пак и набавете ни малку храна.“ А Јуда му рече: „Оној човек ни рече јасно: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’ И така, ако сакаш да го испратиш нашиот брат со нас, ние ќе отидеме таму и ќе ти купиме жито. Но ако не го пушташ него со нас, тогаш ние таму и нема да одиме, зашто оној ни се закани: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’“ „Зошто ми правите зло - праша Израел - кажувајќи му на човекот дека имате уште еден брат?“ Тие одговорија: „Човекот нѐ распрашуваше непрекратно за нас и за нашето семејство: ‘Уште ли е жив татко ви? Имате ли уште некој брат?’ Ние му одговаравме на прашањата. Како можевме да знаеме дека ќе рече: ‘Доведете го брата си!’“ Потоа Јуда му рече на татка си Израел: „Пушти го детето со мене, па да станеме и да тргнеме; така ќе преживееме, а нема да изумреме, и ние и ти и нашите деца. Јас емчам за него, и сметај ме одговорен за него. Ако не ти го вратам тебе и ако не го доведам пред тебе, ќе ти бидам виновен засекогаш. Па ако не се двоумевме толку, можевме веќе и двапати да се вратиме.“ Нивниот татко Израел им рече: „Штом е така, нека биде; ама направете го ова: ставете во торбите најодбрани производи на оваа земја: малку балсам, малку мед и миродии, мириси и смирна, и лешници и бадеми, и однесете му ги како дар на оној човек. Земете со себе двојно сребреници, зашто треба да бидат вратени сребрениците, што ги најдовте во отворите на вреќите. Можеби она беше забуна. Земете го својот брат и запатете се пак при оној човек. Нека Ел Шадај (Сѐмоќниот Бог) го поттикне оној човек на милост кон нас, па да ви ги пушти и другиот брат и Венијамина. А јас, ако треба да останам без деца, нека останам.“