Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 39:7-23

Создавање 39:7-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И се случи, по некое време, жената на господарот негов да се загледа во Јосиф, и му рече: „Легни со мене!“ А тој одби и ѝ рече на жената од господарот свој: „Ете, господарот мој не се грижи веќе за ништо што има во куќата, туку сѐ што има, ми го предаде мене во рацете. Ни самиот не е поголем од мене во својот дом; и тој ништо не ми забранил, освен тебе, зашто си му жена; па како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?“ И така таа му зборуваше на Јосиф за тоа секој ден, но тој не ја послуша да легне со неа, ниту се задржуваше кај неа. Се случи еден ден тој да дојде во куќата по своја работа, а таму дома да нема никој од домашните. Тогаш таа го фати за облеката и му рече: „Легни со мене!“ Но тој, оставајќи ја облеката своја во рацете нејзини, избега и си отиде. А таа, кога виде дека тој ја остави во рацете нејзини облеката своја и избега, ги викна своите домашни, па им рече, велејќи: „Гледајте, ни довел човек Евреин за да нѐ срамоти! Дојде кај мене за да легне со мене, но јас извикав на сиот глас. А тој, кога чу дека го подигнав гласот и извикав, ја остави облеката своја кај мене и избега, па си отиде.“ И таа ја задржа облеката негова кај себе, додека си дојде господарот во домот свој. А тогаш и нему му ја кажа истата работа, велејќи: „Слугата, Евреинот, што го доведе кај нас, дојде кај мене да ме срамоти. Но кога чу дека подигнав глас и извикав, тој ја остави облеката своја кај мене и избега.“ Кога ги чу господарот негов зборовите на жената своја, која му рече: „Ова ми го направи слугата твој“ – се разгневи многу. И го фати господарот Јосиф, па го фрли в затвор, каде што лежеа цар­ски­те затвореници. И тој остана таму, во затворот. Но Господ беше со Јосиф и ја излеа милоста Своја над него и направи да му омили на управникот на затворот. И началникот на затворот му ги довери на Јосиф сите затвореници во затворот; и над сѐ што таму се рабо­теше, тој беше наредбодавец. И старешината на затворот не надгледуваше ништо што беше во Јоси­фовите раце, зашто Господ беше со него; и сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева.

Создавање 39:7-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По некое време господаровата жена се загледа во него и му рече: „Легни со мене!“ Тој ѝ се спротиви ѝ рече на жената на својот господар: „Гледај! Откако сум јас тука, мојот господар не се грижи за ништо во куќата; сѐ што има ми го довери мене. Тој нема во куќава поголема власт отколку јас, и ништо не ми скратува освен тебе, зашто си негова жена. И како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!“ Иако таа секојдневно му зборуваше така на Јосифа, тој не се согласи да легне со неа и да биде со неа. Еден ден Јосиф влезе во куќата по работа. Бидејќи никој од слугите не беше во куќата, таа го фати за наметката и рече: „Легни со мене!“ Но тој ја остави својата наметка во нејзината рака, се истрга и избега надвор. Откако виде дека ја остави наметката во нејзината рака и дека избега надвор, ги повика своите слуги и им рече: „Гледајте! Требаше да ни доведе еден Евреин, за да се подигрува со нас. Тој дојде при мене, за да легне со мене, но јас извикав со сиот глас. А штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.“ Ја задржа неговата наметка кај себе, додека господарот дојде дома. И нему му ја раскажа истата приказна: „Оној, слугата Евреинот, кого ни го доведе, дојде при мене, за да се подигрува со мене! Но штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.“ Кога неговиот господар го чу раскажувањето на својата жена, која рече: „Ете, така постапи твојот слуга со мене“, се разгневи. Господарот го грабна Јосифа и го фрли во темницата - таму каде што беа затворени царските затвореници. И остана во темницата. Но Господ беше со него, му покажа благодат на Јосифа, и тој најде милост во очите на управителот на темницата. Така управителот на темницата ги предаде во Јосифови раце сите затвореници, кои се наоѓаа во темницата; и таму не се правеше ништо без него. Бидејќи Господ беше со него, управителот не надгледуваше ништо што му беше доверено на Јосифа: Господ беше со него, и што да преземеше, Господ му даваше успех.