Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 39

39
Праведен Јосиф
1Јосифа го доведоа во Египет. Таму, од Исмаилците кои го доведоа тука, го купи Египетецот Петефриј, фараонов придворник и заповедник на неговата телесна стража. 2Господ беше со Јосифа, затоа имаше успех во сѐ: Египетецот го зеде при себе, во куќата. 3Неговиот господар виде дека е Господ со него и дека му дава успех во сѐ што неговата рака презема; 4тој го засака и го зеде дворјанец, и го постави за управител на својот дом и му го довери сиот свој имот. 5А откако го постави над домот свој и над сѐ што имаше, Господ го благослови домот на Египетецот заради Јосифа: Господовиот благослов беше на сѐ што имаше - во куќата и во полето.
Јосифово искушение
6И така сѐ свое ѝ отстапи на Јосифовата грижа, па повеќе не се грижеше за ништо, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со складна става и убав. 7По некое време господаровата жена се загледа во него и му рече: „Легни со мене!“ 8Тој ѝ се спротиви ѝ рече на жената на својот господар: „Гледај! Откако сум јас тука, мојот господар не се грижи за ништо во куќата; сѐ што има ми го довери мене. 9Тој нема во куќава поголема власт отколку јас, и ништо не ми скратува освен тебе, зашто си негова жена. И како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!“ 10Иако таа секојдневно му зборуваше така на Јосифа, тој не се согласи да легне со неа и да биде со неа. 11Еден ден Јосиф влезе во куќата по работа. Бидејќи никој од слугите не беше во куќата, 12таа го фати за наметката и рече: „Легни со мене!“ Но тој ја остави својата наметка во нејзината рака, се истрга и избега надвор. 13Откако виде дека ја остави наметката во нејзината рака и дека избега надвор, 14ги повика своите слуги и им рече: „Гледајте! Требаше да ни доведе еден Евреин, за да се подигрува со нас. Тој дојде при мене, за да легне со мене, но јас извикав со сиот глас. 15А штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.“ 16Ја задржа неговата наметка кај себе, додека господарот дојде дома. 17И нему му ја раскажа истата приказна: „Оној, слугата Евреинот, кого ни го доведе, дојде при мене, за да се подигрува со мене! 18Но штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.“
Јосиф невин фрлен во темница
19Кога неговиот господар го чу раскажувањето на својата жена, која рече: „Ете, така постапи твојот слуга со мене“, се разгневи. 20Господарот го грабна Јосифа и го фрли во темницата - таму каде што беа затворени царските затвореници. И остана во темницата. 21Но Господ беше со него, му покажа благодат на Јосифа, и тој најде милост во очите на управителот на темницата. 22Така управителот на темницата ги предаде во Јосифови раце сите затвореници, кои се наоѓаа во темницата; и таму не се правеше ништо без него. 23Бидејќи Господ беше со него, управителот не надгледуваше ништо што му беше доверено на Јосифа: Господ беше со него, и што да преземеше, Господ му даваше успех.

Селектирано:

БИТИЕ 39: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се