Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 39:6-12

Создавање 39:6-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И остави во Јосифовите раце сѐ што имаше, и не се грижеше веќе за друго, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со стројна става и со убаво лице. И се случи, по некое време, жената на господарот негов да се загледа во Јосиф, и му рече: „Легни со мене!“ А тој одби и ѝ рече на жената од господарот свој: „Ете, господарот мој не се грижи веќе за ништо што има во куќата, туку сѐ што има, ми го предаде мене во рацете. Ни самиот не е поголем од мене во својот дом; и тој ништо не ми забранил, освен тебе, зашто си му жена; па како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?“ И така таа му зборуваше на Јосиф за тоа секој ден, но тој не ја послуша да легне со неа, ниту се задржуваше кај неа. Се случи еден ден тој да дојде во куќата по своја работа, а таму дома да нема никој од домашните. Тогаш таа го фати за облеката и му рече: „Легни со мене!“ Но тој, оставајќи ја облеката своја во рацете нејзини, избега и си отиде.

Создавање 39:6-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така сѐ свое ѝ отстапи на Јосифовата грижа, па повеќе не се грижеше за ништо, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со складна става и убав. По некое време господаровата жена се загледа во него и му рече: „Легни со мене!“ Тој ѝ се спротиви ѝ рече на жената на својот господар: „Гледај! Откако сум јас тука, мојот господар не се грижи за ништо во куќата; сѐ што има ми го довери мене. Тој нема во куќава поголема власт отколку јас, и ништо не ми скратува освен тебе, зашто си негова жена. И како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!“ Иако таа секојдневно му зборуваше така на Јосифа, тој не се согласи да легне со неа и да биде со неа. Еден ден Јосиф влезе во куќата по работа. Бидејќи никој од слугите не беше во куќата, таа го фати за наметката и рече: „Легни со мене!“ Но тој ја остави својата наметка во нејзината рака, се истрга и избега надвор.