Создавање 22:1-13
Создавање 22:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
По тие настани Бог, искушувајќи го Авраам, рече: „Аврааме!“ А тој одговори: „Еве ме!“ Бог продолжи: „Земи го синот твој единец Исак, кого што многу го сакаш, па оди во земјата Морија, и принеси го таму како жртва сепаленица на една горичка што ќе ти ја покажам!“ И утредента рано, откако стана, Авраам го оседла магарето свое, зеде со себе двајца од слугите свои и Исак, синот свој; па, откако нацепи дрва за жртвата, се крена, и појде на местото, за кое му рече Бог. На третиот ден, кревајќи ги очите свои, Авраам го здогледа местото оддалеку. И им рече Авраам на слугите свои: „Останете вие овде со магарето, а јас и детето ќе одиме онаму, па откога ќе се помолиме, ќе се вратиме кај вас.“ И зеде Авраам дрва за жртвата, му ги натовари на Исак, синот свој, а самиот тој зеде во свои раце оган и нож; па отидоа обајцата заедно. Тогаш му рече Исак на Авраам, таткото свој: „Татко!“ А тој одговори: „Што е, синко!“ А тој рече: „Ете оган и дрва, а каде е јагнето за жртва?“ А Авраам одговори: „Бог ќе си прибави, синко, јагне за жртва.“ И обајцата го продолжија патот заедно. И стигнаа до местото, за кое му беше рекол Бог. Тука Авраам направи жртвеник, и кладе дрва на него, а откако го врза Исак, синот свој, го стави на жртвеникот врз дрвата. Тогаш Авраам ја пружи раката своја и го зеде ножот да го заколе синот свој, но ангел Господов викна од небото, и рече: „Аврааме! Аврааме!“ А тој одговори: „Еве ме!“ И ангелот продолжи: „Не кревај ја раката своја на детето, и не прави му ништо! Еве, сега знам дека се плашиш од Бога штом не го пожали ни синот свој единец заради Мене.“ И Авраам ги крена очите свои и погледа: а тоа – зад него овен, кој се беше сплеткал со роговите во гасталакот. И Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе како жртва сепаленица место синот свој.
Создавање 22:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
По тие настани Бог го стави на проверка Авраама. Го повика: „Аврааме!“ Тој одговори: „Еве ме!“ Бог продолжи: „Земи го својот син, својот единец Исак, кого го љубиш, и отиди во месноста Морија и принеси го таму како жртва паленица, на ридот што ќе ти го покажам.“ Утрото Авраам стана рано, му стави самар на ослето и ги поведе со себе, двајцата свои слуги и сина си Исака, откако пред тоа нацепи дрва за жртва паленица, и се запати кон местото што Бог му го означи. На третиот ден Авраам ги подигна очите и го виде местото оддалеку. Тогаш Авраам им рече на слугите: „Вие останете тука покрај ослето, а јас и детето ќе одиме горе да се поклониме, па ќе се вратиме при вас.“ Авраам ги зеде дрвата за жртвата паленица, ги натовари на сина си Исака, а во својата рака зеде оган за потпалување и нож. Така тргнаа двајцата заедно. Тогаш Исак му рече на татка си Авраама: „Татко!“ „Еве ме, сине!“ се јави тој. „Еве огнот и дрвата - пак рече синот - но каде е јагнето за жртвата паленица?“ „Бог Самиот ќе си предвиди за јагнето за жртвата паленица, сине мој!“ одговори Авраам. И го продолжија патот. Стигнаа до местото за кое зборуваше Бог. Тогаш Авраам подигна жртвеник, ги нареди дрвата, го врза својот син Исака и го положи над цепениците на жртвеникот. Сега Авраам ја испружи раката и го зеде ножот, за да го заколе сина си. Но Господов ангел од небото го повика и рече: „Аврааме! Аврааме!“ „Еве ме!“ одговори тој. „Не ја спуштај раката врз детето - рече - ниту му прави нешто! Еве, сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го задржа од Мене ни својот син, својот единец.“ Ги подигна Авраам очите и виде, и ете, зад него овен сплеткан со роговите во грмушка. Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе во жртва сѐпаленица место сина си.