Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 18:20-33

Создавање 18:20-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Господ рече: „Голем викот е против Содом и Гомора, зашто гревовите нивни се претешки. Затоа ќе слезам да видам дали е тоа токму така, како што доаѓа викот до Мене, или не.“ Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам уште стоеше пред лицето на Господ. Тогаш Авраам се приближи и рече: „Зарем ќе го уништиш и праведниот со неправедниот? Можеби во градот има педесетмина праведници; зарем ќе го погубиш и нема да му простиш на тоа место заради оние педесет праведници, што се во него? Не е можно така да постапиш Ти, да погубиш праведни со неправедни заедно, та исто да се случи со праведникот како и со неправедникот; не може да биде тоа од Тебе; зарем Суди­јата на целата земја нема да суди право?“ И Господ рече: „Ако во градот Содом најдам педесетмина праведници, ќе го поштедам градот и целото место заради нив.“ А Авраам одговори и рече: „Еве, се осмелив да Му проговорам на Господ, иако сум земја и пепел. Можеби има праведници за пет помалку од педесет; зарем заради тие пет ќе го сотреш целиот град?“ Тој од­говори: „Нема тоа да го направам, ако најдам четириесет и пет.“ И го продолжи разговорот со Него и рече: „Можеби ќе се најдат таму четириесет?“ Тој, пак, одговори: „Нема да го направам ни поради тие чети­риесет.“ Потоа рече: „Нека не се налути Господ, ако речам – можеби ќе се најдат триесет?“ – Тој рече: „Нема да го на­правам, ако најдам триесет.“ И пак рече: „Еве, се осмелувам одново да Му проговорам на Господ – можеби ќе се најдат дваесет?“ „Нема да го уништам – рече – ни заради тие дваесет.“ Најпосле рече: „Нека не се налути, Господ, ако уште еднаш проговорам – можеби ќе се најдат десет?“ – Тој рече: „Нема да го уништам ни заради оние десет.“ И Господ замина, откако престана да зборува со Авраам; а Авраам се врати во своето место.

Создавање 18:20-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Господ продолжи: „Голема е викотница против Содом и Гомор, бидејќи нивниот грев е претежок. Ќе слезам долу да видам дали прават навистина така, како што вели тужбата што стигна до мене. Сакам да разгледам.“ Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам стоеше уште пред Господа. Тогаш Авраам се приближи и рече: „Ќе го погубиш ли и невиниот со виновниот? Можеби има педесет праведници во градот. Зар ќе го уништиш местото и нема да го поштедиш заради педесетте невини, кои се таму? Далеку да е од Тебе тоа да го погубиш невиниот со виновниот, така што и праведниот и нечесниот да поминат исто! Далеку да е од Тебе! Зар ни Судијата на целиот свет нема да суди праведно?“ „Ако најдам педесет праведни во градот Содом - одговори Господ - заради нив ќе го поштедам целото место.“ „Еве, јас пак се осмелувам да му зборувам на Господа, - пак проговори Авраам. - Јас, кој сум прав и пепел: Можеби ќе има пет праведници помалку од педесет? Дали би го истребил целиот град заради петмината?“ „Нема да го разурнам ако најдам таму четириесет и пет,“ одговори. Авраам пак рече: „Можеби ќе се најдат таму само четириесет?“ Тој одговори: „Нема да го сторам тоа заради четириесетмината.“ Потоа рече: „Господ нека не се лути ако продолжам: „Можеби ќе се најдат таму само триесет?“ Одговори: „Нема да го направам тоа ако најдам таму само триесет.“ Продолжи натаму: „Еве, пак се осмелувам да му зборувам на Господа. Можеби ќе се најдат таму случајно само дваесет?“ Тој одговори: „Нема да го истребам градот заради дваесетмината.“ Најпосле рече: „Нека Господ не се гневи, ако речам само уште еднаш: Можеби случајно ќе има таму само десет?“ Тој одговори: „Нема да го уништам заради десетте.“ Кога Господ го заврши разговорот со Авраама, замина, а Авраам се врати во своето место.