Создавање 11:1-9
Создавање 11:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
По целата земја имаше еден јазик и исти зборови. А кога луѓето се селеле од исток, најдоа рамнина во земјата Сенаар и се населија таму. И си рекоа меѓу себе: „Ајде да правиме тули и на оган да ги печеме!“ И користеа тули наместо камен и земјана смола наместо вар. Потоа рекоа: „Ајде да си соѕидаме град и кула, висока до небото; и да се здобиеме со име, пред да се растуриме по целата земја!“ Тогаш Господ се спушти да го види градот и кулата, што ги ѕидаа синовите човечки. И рече Господ: „Ете, еден народ се и сите имаат еден јазик; ова е само почеток на нивните настојувања. Наскоро ќе прават сѐ што ќе наумат! Ајде да слеземе и да им го збркаме нивниот јазик за да не се разбираат еден со друг што зборуваат!“ И така Господ ги растури оттаму по целата земја, и престанаа да го ѕидаат градот. Затоа тој се нарече Вавилон, зашто таму го збрка Господ јазикот на целата земја и оттаму ги растури Господ по целата земја.
Создавање 11:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Целата земја имаше еден јазик и исти зборови. Ама кога луѓето се преселија од исток, најдоа рамница во Сенарската Земја, и се населија таму. И си рекоа еден на друг: „Ајде, да направиме плитари и да ги испечеме во оган!“ Плитарите им беа место камен, а смолата место кал. Тогаш рекоа: „Ајде, да си изградиме град и кула, со врв до небото! Да си спечалиме име, за да не се распрснеме по целата земја!“ Господ слезе да ги види градот и кулата, што луѓето ги градеа. И Господ рече: „Ете, еден народ се, со еден јазик за сите! Но, ова е само почеток на нивните настојувања. Сега ништо нема да им биде неостварливо, што и да намислат да направат. Да слеземе и да им го измешаме јазикот, за да не се разбираат еден со друг што зборуваат.“ Така Господ ги распрсна оттаму по целата земја и прекратија да го ѕидаат градот. Затоа е наречен Вавилон (Мешање), зашто Господ го измеша таму јазикот на целата земја.