Галатјаните 6:1-10
Галатјаните 6:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Драги пријатели христијани, ако некој од вас заглиби во некаков грев, вие што сте подуховни треба да му помогнете да се извлече, но внимателно, чувајќи се и вие да не бидете завлечени. Помагајте си еден со друг кога имате проблеми. На тој начин ќе го извршувате Христовиот закон. Ако некој мисли дека е премногу важен за да им помага на другите, самиот се залажува. Со тоа само покажува дека е никој и ништо. Секој треба да си ги проценува сопствените постигања, без да се споредува со други луѓе. Ако некоја работа е добро извршена, тоа треба да биде за лично задоволство, а не за да се фали пред другите. Зашто секој од нас е одговорен за сопственото поведение. Оние што присуствуваат на поуки од Светото Писмо, нека ги делат сите свои добра со учителот што ги поучува. Не залажувајте се: никој не може да го измами Господ! Секој човек ќе си го жнее тоа што си го сее! Тој што живее само за сопственото тело, ќе ожнее смрт, а кој живее за Духот, од Него ќе добие вечен живот. Да бидеме неуморни во правење добро, зашто ако истраеме, ќе дојде време кога ќе го ожнееме посеаното. Затоа, секогаш кога ќе ни се укаже можност, треба да им правиме добро на сите луѓе, а особено на оние што се наше семејство по вера, на христијаните.
Галатјаните 6:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани. Поднесувајте го товарот еден на друг и исполнувајте го така законот Христов. Зашто оној, кој сам себе се смета за нешто, а не е ништо, тој се мами самиот себе. Секој нека си ги испита делата свои и тогаш ќе има пофалба пред себе самиот, а не пред друг. Зашто секој ќе го понесе својот товар. А оној што се учи на словото, нека му дава дел од секое добро на оној што го учи. Не лажете се: Бог не е за подигрување. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее. Кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот. Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме. И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера.
Галатјаните 6:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Браќа, ако и да падне некој во некаков грев, вие, кои сте духовни, поправувајте го таквиот во духот на кротоста, но чувај се себеси и ти да не бидеш искушан. Носете ги бремињата еден на друг, и со тоа ќе го исполните законот Христов! Зашто, ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот се измамува. А секој да го испита своето дело, па тогаш ќе има пофалба само пред себеси, а не пред друг. Зашто секој ќе го носи своето бреме. А кој се учи на словото, нека ги дели сите свои добра со оној, кој го учи. Не лажете се: Бог не дозволува да биде изигран! Зашто што човекот ќе посее, тоа и ќе жнее: кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во Духот, од Духот ќе пожнее вечен живот. Да не бидеме уморни да правиме добро, зашто ќе жнееме во право време, ако не се умориме. Затоа, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на оние, кои припаѓаат на нашето семејство по вера.