Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Галатјаните 3:6-14

Галатјаните 3:6-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Така беше и со Авраам. Тој поверува и верата му се припиша како праведност. Треба да ви биде јасно дека оние што Му веруваат на Бог се вистинските потомци на Авраам. Светото Писмо претскажа дека Бог ќе ги прифати сите народи врз основа на нивната вера во вистинскиот Бог. Тоа беше во оној дел кога Бог на Авраам му ја објави Радосната вест, велејќи му: „Преку тебе ќе бидат благословени сите народи.“ Тоа значи дека секој што ќе поверува во Христос ќе биде благословен, исто како што Авраам беше благословен бидејќи Му поверува на Бог. Сите оние што се надеваат дека ќе се спасат преку придржување кон Мојсеевиот Закон живеат под проклетство! Светото Писмо вели: „Проклет да е секој што не исполнува се што е запишано во книгата на Законот.“ А дека никој не може да се оправда пред Бога преку придржување кон Мојсеевиот Закон јасно се гледа од она што го вели Светото Писмо: „Праведникот добива живот преку вера.“ Законот не се засновува врз верата. Напротив, во него се вели: „Ако сакаш да добиеш живот преку придржување кон Мојсеевиот Закон, ќе мораш да се придржуваш до сите негови заповеди.“ Христос не ослободи од проклетството на Законот, така што, наместо ние, Тој ги поднесе последиците на проклетството. Во Светото Писмо е запишано: „Проклет е секој што е обесен на дрво.“ Така ветувањето што Бог му го даде на Авраам сега може преку Исус Христос да се исполни и сите народи да добијат благослов. Тоа ветување е дека ќе го примат Светиот Дух, врз основа на верата во Христос.

Галатјаните 3:6-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се сметаше за праведност. Знајте, пак, дека оние што се потпираат на верата, се синови Авраамови. И Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ги оправдува незнабошците, однапред му благовести на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“ И така, оние што веруваат, се бла­гословени заедно со верниот Авраам; а сите оние, што се од делата на За­конот, под клетва се. Зашто е на­пи­ша­но: „Проклет да е секој кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!“ А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, зашто „Праведниот ќе живее преку верата.“ А Законот не е од верата, туку збо­рува: „Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив.“ Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво!“, така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ве­тениот Дух преку верата.

Галатјаните 3:6-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Како што и Авраам „му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.“ И така, признајте, дека Авраамови синови се оние, кои се од верата. А и Писмото предвиде, дека Бог преку верата ги оправдува народите, и однапред му го навести Евангелието на Авраама: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“ И така, оние, кои веруваат се благословени заедно со верниот Авраам. Имено, кои ги прават делата на Законот, под клетва се, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој не е постојан во сѐ што е напишано во Книгата на Законот, да го исполнува тоа.“ А дека никој не е оправдан пред Бога преку Законот, јасно е, зашто „праведникот ќе живее од верата.“ А Законот не е од верата, туку вели: „Кој ги исполнува, ќе живее преку нив.“ Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој виси на дрво!“ - Та Авраамовиот благослов да дојде на народите во Христа Исуса, и да Го примиме преку верата ветувањето на Духот.