Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ездра 5:1-17

Ездра 5:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но пророкот Агеј и пророкот Захарија, синот на Идо, им пророкуваа на Јудејците во Јудеја и во Еру­салим во името на Бог Израелов. Тогаш Зоровавел, синот на Сала­тиил, и Јешуа, синот на Јоседек, поч­наа да го градат Божјиот дом во Еру­салим, и со нив Божјите пророци, кои ги поддржуваа. Во тоа време дојдоа кај нив Татенај, управител од оваа страна на Реката, и Ситар-Бознај, со своите со­работници, и им рекоа вака: „Кој ви дозволи да го градите овој дом и да ги поправате овие ѕидишта?“ Потоа ги прашаа: „Кои се имињата на луѓето што ја градат таа зграда?“ Но окото на нивниот Бог беше врз старешините јудејски, и тие не им се заканија, додека работата не отиде до Дариј, и додека не дојде писмено решение за таа работа. Еве ја содржината на писмото што го испратија Татенај, управител на областа зад Реката, и Ситар-Бознај со своите соработници – Афарсехајци, од онаа страна на Реката, до царот Да­риј. Во соопштението што го испратија до него, еве што беше напишано: „До царот Дариј – секаков мир! Да знаеш, царе, дека ние бевме во ерусалимската област во домот на ве­ликиот Бог; го градат со големи камења, а во ѕидиштата ставаат дрва; таа работа напредува брзо и успешно во рацете нивни. Тогаш ги прашавме нивните ста­решини и им рековме вака: ‚Кој ви дозволи да го градите овој дом и да ги поправате овие ѕидови?‘ Освен тоа, ги прашавме и за имињата нивни за да ти јавиме и да ти го напишеме името на главниот меѓу нив. Тие ни одговорија со овие збо­рови: ‚Ние сме слуги на Бога на небо­то и на земјата и градиме дом што беше изгра­ден многу години пред тоа, – а великиот цар Израелов го градеше и го доврши. А кога татковците наши Го раз­гневија Бога небесен, Тој ги пре­даде во раката на Навуходоносор, ца­рот ва­вилонски, Халдеец; тој го раз­руши овој дом и го пресели народот во Вавилон. Но во првата година од владеењето на Кир, царот на Вавилон, Кир дозволи да се изгради овој дом Божји; уште и садовите на Божјиот дом, златни и сребрени, што Наву­ходоносор ги беше земал од ерусалимскиот храм, па ги беше однел во вавилонскиот храм, – цар Кир ги из­несе од вавилонскиот храм и ги даде со број на Сасавасар, управникот на ризницата, и му рече: – земи ги тие садови, и однеси ги во ерусалимскиот храм, и Божјиот дом нека се гради на своето место. Тогаш оној Сасавасар дојде и ги постави темелите на Божјиот дом во Ерусалим; оттогаш па досега се гради и уште не е завршен.‘ И така, ако му е угодно на царот, нека побара во домот во царските ар­хиви, таму во Вавилон, дали навистина цар Кир дозволил да се гради овој дом Божји во Ерусалим, и нека ис­пратат одговор за волјата на царот околу тоа.“

Ездра 5:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш пророците Агеј и Захариј, синот Адонов, почнаа да им пророкуваат на Јудејците во Јудеја и Ерусалим, во Името на Израелевиот Бог, Кој беше над нив; тогаш Зоровавел, синот Салатилов, и Исус, синот Јоседеков, станаа и почнаа да го ѕидаат Божјиот Дом во Ерусалим: Божјите пророци беа со луѓето и ги бодреа. Во тоа време дојде кај нив Татнај, управител оттаде Реката, Сетар-Воснај и нивните другари пратеници и ги прашаа: „Кој ви одобри да го градите овој Храм и да ги подигате овие ѕидови? Како се викаат луѓето, кои ја изградија оваа зграда?“ Но Божјото око бдееше над јудејските старешини, па не им забранија да работат додека веста не отиде до Дариј и додека не стигна писмен одговор за тоа. Ова е препис на писмото, што му го испратија на царот Дариј: „Татнај, управител од онаа страна на Реката, Сетар-Воснај и нивните другари пратеници, оттаде Еуфрат.“ Тие му испратија извештај со оваа содржина: „На царот Дариј секаков мир! Царот нека знае дека дојдовме во покраината Јудеја кај Домот на великиот Бог: го градат со крупни камења, ѕидовите ги обложуваат со дрво; работата се изведува внимателно и напредува во нивните раце. Ги прашавме нивните старешини и им рековме: ‘Кој ви одобри да го градите овој Храм и да ги подигате неговите ѕидови?’ Ги прашавме и за нивните имиња, за да ти јавиме. Така и ги запишавме имињата на оние, кои заповедаат со луѓето. А тие ни одговорија вака: ‘Ние сме слуги на Бога на небото и земјата; го градиме Храмот што беше изграден пред многу години и што го беше изградил и подигнал големиот цар на Израел. Но кога нашите татковци го расрдија Бога на небото, Тој ги предаде во рацете на Халдеецот Навуходоносор, вавилонскиот цар, кој го разурна Храмов и го одведе народот на заточение во Вавилон. Но во првата година на вавилонскиот цар Кир, царот Кир заповеда да се изгради повторно Божјиов Дом. Уште и златните и сребрените посатки на Божјиот Дом, што Навуходоносор ги беше однесол од Светилиштето во Ерусалим и што ги пренесе во вавилонското светилиште, царот Кир ги зеде од светилиштето во Вавилон и ги предаде на човекот по име Сасавасар, кого го постави управител, и му рече: „Земи ги овие посатки, оди и стави ги во ерусалимското Светилиште, и Божјиот дом нека биде ѕидан на старото место.“ И така тој Сасавасар дојде и ги постави основите на Божјиот Дом во Ерусалим. И оттогаш па до денес се гради, и уште не е довршен.’ И така, сега, ако царот сака, нека се истражува во царското писмочувалиште во Вавилон, дали навистина царот Кир дал повелба да се изгради Божјиот Дом во Ерусалим. А царската одлука за тоа нека ни биде соопштена.“