Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ездра 1:1-11

Ездра 1:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во првата година на персискиот цар Кир за да се исполни словото Господово искажано од устата на Ере­мија, го поттикна Господ духот на Кир, персискиот цар, и тој заповеда да прогласат по целото царство, усно и писмено: вака вели Кир, царот персиски: „Господ, Бог на небото, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да Му изградам дом во Ерусалим што е во Јудеја. Кој меѓу сите вас е од Неговиот народ, – Бог нека биде со него, и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом на Господ, Бог Израелов, – Тој е Бог, Кој е во Ерусалим. А секој што останал во другите мес­та, каде и да живее тој, нека му помогнат жителите од тие места со сребро, со злато, со друг имот, со добиток и со доброволни прилози за Божјиот дом што е во Ерусалим.“ Тогаш кнезовите на племињата Јудини и Венијаминови, свештеници­те и левитите, секој, чиј дух го поттикна Господ, се подготвија да одат да го градат Господовиот дом што е во Ерусалим. И сите нивни соседи им помагаа со сребрени садови, со злато, со друг имот и со добиток и со скапи предмети, покрај доброволните приноси за храмот. А царот Кир ги извади садовите на Господовиот дом што Навуходоносор ги беше одзел од Ерусалим и ги беше поставил во домот на својот бог. Нив Кир, персискиот цар, ги изнесе со помош на ризничарот Митредат, а тој ги предаде под број на Сасавасар, управител на Јудеја. И еве го бројот нивни: златни чинии – триесет, сребрени чинии – ил­јада, ножеви – дваесет и девет, златни чаши – триесет, сребрени чаши, двојни – четиристотини и десет, други садови – илјада; вкупно садови, златни и сребрени, пет илјади и четиристотини. Сето тоа го зеде со себеси Сасавасар, кога иселениците тргнаа од Вавилон за Еру­салим.

Ездра 1:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни Господовиот збор, објавен преку Еремиевата уста, Господ го вдахнови персискиот цар Кир, та тој објави, усно и писмено, низ целото свое царство: „Вака вели персискиот цар Кир: Сите земни царства ми ги даде Господ, небесниот Бог. Тој ми нареди да Му изградам дом во Ерусалим, во Јудеја. Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, неговиот Бог нека биде со него! Нека оди во Ерусалим во Јудеја, и нека Му гради Дом на Господа, на Израелевиот Бог, на Бога Кој е во Ерусалим. И каде уште да се задржал Остаток од тој народ, жителите во местото каде што престојува нека го помогнат со сребро и злато, со имот и добиток и со доброволни приноси за Божјиот Дом во Ерусалим.“ Тогаш главатарите на татковските домови на Јуда и Венијамин, свештениците и левитите, и сите на кои Бог им го подигна духот, станаа и тргнаа да го градат Господовиот Дом во Ерусалим. И сите соседи им помагаа: со сребро, злато, со дарови, со добиток, со многу скапоцености, покрај сѐ што приложуваа доброволно. Царот им ги изнесе посатките на Господовиот Дом, кои Навуходоносор ги беше однесол од Ерусалим и ги ставил во домот на својот Бог. Персискиот цар, му ги врачи на ризничарот Митридат, кој му ги изброја на јудејскиот кнез Сасавасар. Еве го неговиот попис: златни чинии: триесет; сребрени чинии: илјада и дваесет и девет; златни чаши: триесет; сребрени чаши: четири стотини и десет; други посатки: илјада. Вкупно златни и сребрени посатки: пет илјади и четири стотини. Сасавасар го однесе сѐ тоа, кога заточениците се враќаа од Вавилон во Ерусалим.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност