Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕЗРА 1:1-11

ЕЗРА 1:1-11 MKB

Во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни Господовиот збор, објавен преку Еремиевата уста, Господ го вдахнови персискиот цар Кир, та тој објави, усно и писмено, низ целото свое царство: „Вака вели персискиот цар Кир: Сите земни царства ми ги даде Господ, небесниот Бог. Тој ми нареди да Му изградам дом во Ерусалим, во Јудеја. Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, неговиот Бог нека биде со него! Нека оди во Ерусалим во Јудеја, и нека Му гради Дом на Господа, на Израелевиот Бог, на Бога Кој е во Ерусалим. И каде уште да се задржал Остаток од тој народ, жителите во местото каде што престојува нека го помогнат со сребро и злато, со имот и добиток и со доброволни приноси за Божјиот Дом во Ерусалим.“ Тогаш главатарите на татковските домови на Јуда и Венијамин, свештениците и левитите, и сите на кои Бог им го подигна духот, станаа и тргнаа да го градат Господовиот Дом во Ерусалим. И сите соседи им помагаа: со сребро, злато, со дарови, со добиток, со многу скапоцености, покрај сѐ што приложуваа доброволно. Царот им ги изнесе посатките на Господовиот Дом, кои Навуходоносор ги беше однесол од Ерусалим и ги ставил во домот на својот Бог. Персискиот цар, му ги врачи на ризничарот Митридат, кој му ги изброја на јудејскиот кнез Сасавасар. Еве го неговиот попис: златни чинии: триесет; сребрени чинии: илјада и дваесет и девет; златни чаши: триесет; сребрени чаши: четири стотини и десет; други посатки: илјада. Вкупно златни и сребрени посатки: пет илјади и четири стотини. Сасавасар го однесе сѐ тоа, кога заточениците се враќаа од Вавилон во Ерусалим.