Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 7:1-13

Излез 7:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Господ му рече на Мојсеј: „Ете, Јас те поставив да му бидеш Бог на фараонот; а Арон, братот твој, ќе ти биде пророк. Ти ќе зборуваш сѐ, што ќе ти заповедам, а Арон, пак, братот твој, ќе му зборува на фараонот да ги пушти синовите на Израел од земјата своја. Но Јас ќе го ожесточам срцето на фараонот, и ќе ги умножам знаците Мои и чудата Мои во египетската земја. Фараонот сепак нема да ве послуша. Но Јас ќе ја ставам раката Своја над Египет и со силата Моја ќе го изведам воинството Мое, народот Мој, синовите на Израел, од земјата египетска со страшни осуди. И ќе познаат сите Египќани дека Јас сум Господ, кога ќе ја протегнам раката Своја над Египет и кога ќе ги из­ведам синовите на Израел од нивната средина.“ И направија така Мојсеј и Арон: ка­ко што им заповеда Господ, така направија. Мојсеј имаше осумдесет години, а Арон – осумдесет и три години кога зборуваа со фараонот. И Господ им рече на Мојсеј и на Арон, велејќи: „Ако фараонот ви каже: ‚Направете некакво чудо‘, тогаш кажи му на Арон: ‚Земи го стапот твој и фрли го пред фараонот и тој ќе стане змија.‘“ Потоа Мојсеј и Арон дојдоа кај фараонот и направија така, како што им заповеда Господ. И го фрли Арон стапот свој пред фараонот и пред слугите негови, и тој стана змија. Тогаш фараонот ги повика мудреците и волшебниците; и тие го направија истото со своите волшебништва. И секој од нив го фрли својот стап и тие станаа змии; меѓутоа стапот Аро­нов ги проголта нивните стапови. Но срцето фараоново се стврдна и не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ.

Излез 7:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господ му одговори на Мојсеја: „Гледај! Ќе те наметнам како Бог на фараонот; твојот брат Арон ќе биде твој пророк. Ти кажувај сѐ што ќе ти наредам, а твојот брат Арон нека му повтори на фараонот да ги пушти Израелците па да заминат од неговата земја. Јас ќе направам да закорави срцето на фараонот, и ќе ги умножам знаците и чудесата во Египетската Земја. Бидејќи фараонот не ќе послуша, Јас ќе ја ставам Својата рака на Египет: казнувајќи страшно, ќе ги избавам Своите чети, Својот народ, Израелците, од Египетската Земја. Кога ќе ја протегнам Својата рака на Египет и ги изведам Израелците од нивната средина, тогаш Египетците ќе сознаат дека Јас Сум Господ.“ Мојсеј и Арон послушаа: токму така направија, како што им заповеда Господ. Мојсеј беше на осумдесет, а Арон на осумдесет и три години, кога му ги поставија на фараонот своите барања. Уште Господ им прирече на Мојсеја и Арона: „Кога фараонот побара од вас да направите некакво чудо, ти речи му на Арона да го земе својот стап и да го фрли пред фараонот, и стапот ќе се претвори во змија.“ Мојсеј и Арон дојдоа пред фараонот и направија како што им заповеда Господ. Арон го фрли, пред фараонот и пред неговите службеници, својот стап, и се претвори во змија. Фараонот ги повика мудреците и вражалците. И навистина египетските вражалци со своето вражање направија исто: секој го фрли својот стап, и се претвори во змија. Но Ароновиот стап ги голтна нивните стапови. Фараонот беше со закоравено срце: не сакаше да ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и рече.