Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 33:12-23

Излез 33:12-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Мојсеј му рече на Господ: „Ете, Ти ми велиш: ‚води го тој народ‘, и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‚Јас те знам по име и ти најде милост пред Мене.‘ Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откриј ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да видам дека овие луѓе се Твој народ.“ И му рече: „Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам.“ А тој му рече: „Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај нѐ одовде, зашто, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И по тоа ќе се разликуваме и народот Твој од сите други народи што се на земјата.“ И Господ му рече на Мојсеј: „Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам многу добро.“ Пак рече: „Покажи ми ја славата Своја.“ Му одговори: „Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава, и ќе Го изговорам името Господово пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, и кој е за утешение – ќе го утешам.“ И потоа рече: „Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.“ И пак рече Господ: „Ене место кај Мене, застани на онаа карпа! А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш откај грбот, но лицето Мое не ќе можеш да го видиш.“

Излез 33:12-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Мојсеј се обрна кон Господа: „Гледај, Ти ми рече: ‘Поведи го овој народ,’ ама не ми јави кого ќе испратиш со мене. Уште ми рече: ‘Те знам по име и ти ја уживаш мојата благонаклонетост.’ Затоа, ако ја уживам Твојата благонаклонетост, покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам и за да ја уживам и натаму Твојата благонаклоност. Исто така, помисли дека овие луѓе се Твој народ.“ „Јас лично ќе тргнам со тебе - одговори Господ - и ќе ти обезбедам одмор.“ „Ако не тргнеш Ти - додаде Мојсеј - и не изведувај нѐ оттука. Па како ќе се знае дека ја уживаме Твојата наклоност, јас и Твојот народ? По тоа што идеш со нас. Само со тоа ќе се разликуваме јас и Твојот народ меѓу сите народи што се на лицето на земјата.“ „И ова што го побара, ќе направам - му одговори Господ на Мојсеја. - Па ти ја уживаш Мојата благонаклоност, зашто те познавам по име.“ „Покажи ми ја Својата слава,“ замоли Мојсеј. „Ќе дозволам пред тебе да помине сиот Мој болскот - одговори - и пред тебе ќе го изустам Своето име Господ. Ќе бидам милостив кому што сакам да бидам милостив; ќе му се смилувам кому што сакам да му се смилувам. А ти - додаде - не можеш да го видиш Моето лице, зашто човек не може да Ме види Мене и да остане жив. Еве место тука покрај Мене - продолжи Господ. Застани на карпата! Додека поминува Мојата слава, ќе те ставам во пукнатината на карпата и ќе те заштитам со Својата рака додека не поминам. Тогаш ќе ја помрднам Својата рака, па ќе Ме видиш од плеќи. Но Моето лице не може да се види.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност