Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 33:12-23

ИЗЛЕЗ 33:12-23 MKB

Мојсеј се обрна кон Господа: „Гледај, Ти ми рече: ‘Поведи го овој народ,’ ама не ми јави кого ќе испратиш со мене. Уште ми рече: ‘Те знам по име и ти ја уживаш мојата благонаклонетост.’ Затоа, ако ја уживам Твојата благонаклонетост, покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам и за да ја уживам и натаму Твојата благонаклоност. Исто така, помисли дека овие луѓе се Твој народ.“ „Јас лично ќе тргнам со тебе - одговори Господ - и ќе ти обезбедам одмор.“ „Ако не тргнеш Ти - додаде Мојсеј - и не изведувај нѐ оттука. Па како ќе се знае дека ја уживаме Твојата наклоност, јас и Твојот народ? По тоа што идеш со нас. Само со тоа ќе се разликуваме јас и Твојот народ меѓу сите народи што се на лицето на земјата.“ „И ова што го побара, ќе направам - му одговори Господ на Мојсеја. - Па ти ја уживаш Мојата благонаклоност, зашто те познавам по име.“ „Покажи ми ја Својата слава,“ замоли Мојсеј. „Ќе дозволам пред тебе да помине сиот Мој болскот - одговори - и пред тебе ќе го изустам Своето име Господ. Ќе бидам милостив кому што сакам да бидам милостив; ќе му се смилувам кому што сакам да му се смилувам. А ти - додаде - не можеш да го видиш Моето лице, зашто човек не може да Ме види Мене и да остане жив. Еве место тука покрај Мене - продолжи Господ. Застани на карпата! Додека поминува Мојата слава, ќе те ставам во пукнатината на карпата и ќе те заштитам со Својата рака додека не поминам. Тогаш ќе ја помрднам Својата рака, па ќе Ме видиш од плеќи. Но Моето лице не може да се види.“