Излез 23:20-33
Излез 23:20-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еве, Јас праќам пред тебе ангел, за да те чува по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил. Почитувај го и слушај го неговиот глас; и не противи му се, зашто и тој нема да ви го прости гревот, бидејќи името Мое е во него. Ако го послушаш гласот негов, и ако го извршуваш сѐ она што ќе ти речам, ќе им бидам непријател на непријателите твои и противник на противниците твои. Кога ангелот Мој ќе појде пред тебе и те одведе кај Аморејците, Хитијците, Перизијците, Хананците, Евејците и Јевусијците, и кога ќе ги истребам: немој да им се поклонуваш на боговите нивни, ни да им служиш, ниту да правиш што тие прават, туку скрши ги и спомениците нивни уништи ги. Служете Му на Господ, вашиот Бог, и Тој ќе го благослови лебот твој, и водата твоја; и ќе те чувам од секаква болест. Жени што пометнуваат и жени бездетни нема да има во земјата твоја; и ќе направам бројот на деновите твои да биде полн. И ќе го пуштам ужасот Мој пред тебе, и ќе го уплашам секој народ, на кој ќе наидеш, и ќе ги свртам кон тебе грбовите на сите непријатели твои. Ќе пратам пред тебе и стршени, и ќе ги изгонат Евејците, Хананците и Хитијците. Нема да ги истерам пред тебе за една година, за да не се запусти земјата и ѕверовите полски да не се размножат против тебе. Малку по малку ќе ги изгонувам пред тебе, додека не се намножиш и не завладееш со земјата. И ќе ти ја поставам границата твоја од Црвеното Море до Филистејското Море, и од пустината до реката, и ќе ви ги предадам во рацете оние, кои живеат во таа земја, и ќе ги истераш пред тебе. Со нив, и со боговите нивни да не сврзуваш завет. Да не останат во земјата твоја, за да не те наведат на грев против Мене; зашто, ако им служиш на боговите нивни, тоа ќе биде за тебе стапица.“
Излез 23:20-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Еве, го испраќам Својот ангел пред тебе, да те чува патем и да те доведе во местото што ти го приготвив. Почитувај го и слушај го! Не буни се против него, зашто нема да ви ги опростува прекршоците: па Моето име е во него. Ако му се покоруваш верно и ако вршиш сѐ што Сум наредил, Јас ќе им бидам непријател на твоите непријатели и противник на твоите противници. Мојот ангел ќе врви пред тебе и ќе те доведе до Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананците, Евејците и Евусејците, за да ги уништам. Немој да им се клањаш на нивните идоли ниту им искажувај почитување; не постапувај како што прават тие, туку сруши им ги нивните идоли и искрши им ги столбовите. Искажувајте Му почитување на Господа, својот Бог, па ќе ги благословувам твојот леб и твојата вода и ќе ја отстранам болеста од тебе. Во твојата земја ќе нема пометнувачка; Јас ќе го направам полн бројот на твоите денови. Пред тебе ќе го испратам Својот страв; во безредие ќе го фрлам сиот свет, среде кој ќе дојдеш, и ќе направам сите твои непријатели да бегаат пред тебе. Ќе испраќам стршели пред тебе, за да ги истераат пред тебе Евејците, Хананците и Хетејците. Не ќе ги истерам пред тебе за една година, за да не опусти земјата и за да не се намножат дивите животни на твоја штета. Ќе ги терам пред тебе малку по малку додека ти порасте потомството, така што ќе ја заземеш земјата. Ќе ти поставам граница: од Црвеното до Филистејското Море, од пустината па до Реката. Имено, ќе ги предадам жителите на земјата во твоите раце, а ти терај ги пред себе. Не прави завет ни со нив ниту со нивните идоли. Нека не останат во твојата земја, за да не те наведуваат на грев против Мене. Ако би ги почитувал нивните идоли, тоа би било стапица.“