Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 20:1-21

Излез 20:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Бог ги кажа сите овие зборови, велејќи: „Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене! Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш, бидејќи Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено, ако тие Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници поколенија, што Ме сакаат и ги чуваат Моите заповеди. Не изговарај го напразно името на Господ, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори Неговото име. Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни добитокот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; а во седмиот ден си от­почина: заради тоа Господ го бла­го­слови седмиот ден и го освети. Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да поживееш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог. Не убивај! Не врши прељуба! Не кради! Не сведочи лажно против својот ближен! Не пожелувај го домот на ближниот свој, не пожелувај ја жената на ближниот свој, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни магарето негово, ниту нешто друго, што му припаѓа на ближниот твој!“ И сиот народ ги гледаше молњите и пламенот, и гласот на трубата што тру­беше и ја гледаше гората што се ди­меше; и откако го виде тоа, народот се уплаши и се оддалечи. Па му рекоа на Мојсеј: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме.“ А Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите.“ И народот стоеше подалеку, а Мој­сеј појде кон мракот, каде што беше Бог.

Излез 20:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Бог ги изговори сите овие зборови: „Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството. Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене. Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ја посетувам неправдата на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата до третото и четвртото поколение, а покажувам милости на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди. Не ќе го изговараш напразно името на Господа, твојот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној кој го зема напразно Неговото име. Помни го саботниот ден, за да го осветуваш. Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сѐ што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден. Почитувај ги твојот татко и твојата мајка, за да ти се продолжат дните на земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог. Не ќе убиваш! Не ќе прељубодејствуваш! Не ќе крадеш! Не ќе сведочиш лажно против твојот ближен! Не ќе го посакуваш домот на твојот ближен! Не ќе ги посакуваш: жената на твојот ближен, ни неговиот слуга, ниту неговата слугинка, ни неговиот вол, ниту неговото осле, ни што и да е што му припаѓа на твојот ближен!“ Целиот народ беше сведок на грмењето и светкањето, сите го чуја звукот на трубата и видоа како се дими гората: гледаа и трепереа и стоеја подалеку. Тогаш му рекоа на Мојсеја: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме. Нека не ни зборува Господ, за да не изумреме!“ „Не бојте се - му рече Мојсеј на народот. Зашто Бог дојде да ве испита; за да остане со вас стравот пред Него, па да не згрешите.“ Народот остана подалеку, а Мојсеј му пристапи на густиот облак, каде се наоѓаше Бог.