Естира 6:1-14
Естира 6:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Преку ноќта Господ не му даде сон на царот. Затоа му заповеда на слугата да ја донесе книгата за дневните белешки; и ги читаа пред царот; и се најде запишано таму дека Мардохеј беше соопштил за двајцата царски слуги Бигетан и Тереш, кои го чуваа прагот и правеа план да стават рака врз царот Ксеркс. Царот запраша: „Каква чест и какво одликување му е дадено на Мардохеј за тоа?“ Царските дворјани што му читаа, одговорија: „Ништо не му е направено.“ Кога царот се распрашуваше за доброто дело на Мардохеј, дојде во дворот Аман, и праша царот: „Кој е во дворот?“ Аман, пак, тогаш беше дошол во надворешниот двор на царскиот дворец за да бара од царот за да го обесат Мардохеј на бесилката што ја беше приготвил за него. Дворјаните му одговорија на царот: „Ете, Аман стои во дворот.“ Царот рече: „Нека влезе.“ И Аман влезе. Царот го праша: „Што да му направам на таков човек кого сакам да го одликувам со почести?“ Аман си помисли во срцето: кого друг би посакал царот да го одликува, освен мене? И Аман одговори: „На таков човек, кого царот сака да го одликува со почести, нека му донесат царска облека, со која царот се облекува, и да го доведат коњот, на кој царот јава, да му постават царски венец на главата негова, и нека ги дадат облеката и коњот, во рацете на еден од првите царски кнезови, да го облечат човекот, кого царот сака да го одликува, да го изведат на коњ на градскиот плоштад и да огласат пред него: Вака му се прави на оној човек, кого царот сака да го одликува со почести!“ Тогаш царот му рече на Аман: „Добро рече; веднаш земи ја облеката и коњот, како што рече, и направи му го тоа на Јудеецот Мардохеј, кој седи пред царската порта; ништо да не пропуштиш од тоа што го кажа.“ Ги зеде Аман облеката и коњот, го облече Мардохеј, го изведе на коњ на градскиот плоштад и објави пред него: „Вака му се прави на човек, кого царот сака да го одликува со почести!“ Мардохеј се врати кај царската порта. Аман, пак, тргна во домот свој, натажен и со наведната глава. И ѝ раскажа Аман на жената своја Зереша, и на сите пријатели свои за сѐ што се случи со него. Тогаш мудреците негови и жената негова Зереша му рекоа: „Ако Мардохеј, поради кого ти почна да паѓаш, е од јудејско племе, ти нема да го надвиеш, туку навистина ќе паднеш пред него, бидејќи со него е живиот Бог.“ Тие уште разговараа со него, и царските евнуси дојдоа и го поканија Аман да оди на гозбата што ја беше приготвила Естира.
Естира 6:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во таа ноќ царот не можеше да заспие. Затоа нареди да мудонесат и да му читаат од книжниот свиток за знаменитите настани, од Летописите. Таму се најде запишано како Мардохеј ги поткажа Вихтана и Тереса, двајцата цареви дворјанци, чувари на прагот, кои се подготвуваа да подигнат рака против царот Ахасвер. Царот праша: „Каква чест и какво одликување му се дадени на Мардохеја за сѐ тоа?“ Царевите слуги, дворјанците кои го слушаа, одговорија: „Ништо не е сторено за него.“ Тогаш царот праша: „Кој е во предворјето?“ А во надворешниот двор на царскиот дворец беше стигнал Аман, за да бара да го обесат Мардохеја на бесилката, што веќе беше направена за него. Царевите службеници одговорија: „Ене, Аман се наоѓа во предворјето.“ „Нека влезе!“ нареди царот. Штом Аман влезе, царот го праша: „Што треба да му се направи на човекот, кого царот сака да го почести?“ Аман си рече во себе: „Кого сака царот да го почести ако не мене?“ Затоа му одговори на царот: „За човекот кого царот сака да го почести треба да бидат донесени царските облеки, што самиот цар ги облекува, и да биде доведен коњот кого царот го јава, и да му биде ставен царски венец на главата. Облеките и коњот царот нека му ги предаде на еден од најугледните цареви кнезови, за тој да го облече оној кого царот сака да го почести и нека го одведе на коњ до градското трговиште, извикувајќи пред него: „Така му бидува на оној кого царот сака да го почести!“ Тогаш царот му нареди на Амана: „Земи ги веднаш облеките и коњот како што рече, па направи така со Евреинот Мардохеј, кој седи при царевата врата, и не пропуштај ништо од она што си рекол!“ Аман ги зеде облеките и коњот: го облече Мардохеја во облеките и го помина на коњот по улиците на градот, викајќи пред него: „Така му бидува на оној кого царот сака да го почести!“ Малку потоа Мардохеј се врати кај царевата врата, а Аман тажен и со покриена глава, отиде бргу дома та ѝ раскажа на Сереса, својата жена, и на сите свои пријатели, што се случи. Неговите советници и жената Сереса му рекоа: „Ако Мардохеј пред кого почна да се сопнуваш, му припаѓа на Еврејскиот род не ќе го надвиеш, туку тој без друго ќе те обори.“ Уште разговараа за тоа, кога ете ги царевите дворјанци. Дојдоа да го бараат Амана за да го одведат бргу на гозбата што ја подготвила Естира.