Преку ноќта Господ не му даде сон на царот. Затоа му заповеда на слугата да ја донесе книгата за дневните белешки; и ги читаа пред царот; и се најде запишано таму дека Мардохеј беше соопштил за двајцата царски слуги Бигетан и Тереш, кои го чуваа прагот и правеа план да стават рака врз царот Ксеркс. Царот запраша: „Каква чест и какво одликување му е дадено на Мардохеј за тоа?“ Царските дворјани што му читаа, одговорија: „Ништо не му е направено.“ Кога царот се распрашуваше за доброто дело на Мардохеј, дојде во дворот Аман, и праша царот: „Кој е во дворот?“ Аман, пак, тогаш беше дошол во надворешниот двор на царскиот дворец за да бара од царот за да го обесат Мардохеј на бесилката што ја беше приготвил за него. Дворјаните му одговорија на царот: „Ете, Аман стои во дворот.“ Царот рече: „Нека влезе.“ И Аман влезе. Царот го праша: „Што да му направам на таков човек кого сакам да го одликувам со почести?“ Аман си помисли во срцето: кого друг би посакал царот да го одликува, освен мене? И Аман одговори: „На таков човек, кого царот сака да го одликува со почести, нека му донесат царска облека, со која царот се облекува, и да го доведат коњот, на кој царот јава, да му постават царски венец на главата негова, и нека ги дадат облеката и коњот, во рацете на еден од првите царски кнезови, да го облечат човекот, кого царот сака да го одликува, да го изведат на коњ на градскиот плоштад и да огласат пред него: Вака му се прави на оној човек, кого царот сака да го одликува со почести!“ Тогаш царот му рече на Аман: „Добро рече; веднаш земи ја облеката и коњот, како што рече, и направи му го тоа на Јудеецот Мардохеј, кој седи пред царската порта; ништо да не пропуштиш од тоа што го кажа.“ Ги зеде Аман облеката и коњот, го облече Мардохеј, го изведе на коњ на градскиот плоштад и објави пред него: „Вака му се прави на човек, кого царот сака да го одликува со почести!“ Мардохеј се врати кај царската порта. Аман, пак, тргна во домот свој, натажен и со наведната глава. И ѝ раскажа Аман на жената своја Зереша, и на сите пријатели свои за сѐ што се случи со него. Тогаш мудреците негови и жената негова Зереша му рекоа: „Ако Мардохеј, поради кого ти почна да паѓаш, е од јудејско племе, ти нема да го надвиеш, туку навистина ќе паднеш пред него, бидејќи со него е живиот Бог.“ Тие уште разговараа со него, и царските евнуси дојдоа и го поканија Аман да оди на гозбата што ја беше приготвила Естира.