Ефесјаните 5:22-27
Ефесјаните 5:22-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ, зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело, па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во се да им се послушни на своите сопрузи. Истото важи и за вас мажите. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа, за да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово, да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана.
Ефесјаните 5:22-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господ, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото. Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црквата и се предаде Себе за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна.
Ефесјаните 5:22-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос Глава на Црквата, и Тој е Спасител на Телото! И како што Црквата Му се покорува на Христа, така да им бидат и жените покорни во сѐ на своите мажи. Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја возљуби Црквата и Се предаде Сам Себеси за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водно капење во словото, и да ја претстави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна.