Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 5:10-20

Ефесјаните 5:10-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Трудете се да откриете што Му е мило на Бог и тоа правете го. Не учествувајте во бесполезни работи, кои се дела на темнината. Напротив, разоткривајте ги! За она што тајно го прават некои луѓе срамота е дури и да се зборува! Но светлината ќе ги разоткрие и се ќе излезе на виделина, Зашто се што е изложено на светлина, станува јавно. Затоа се вели: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите и Христовата светлина ќе те огрее.“ Внимавајте како живеете! Нека биде тоа мудро, а не неразумно. Ова се тешки времиња, затоа користете го секој миг. Немојте да се однесувате глупаво, туку трудете се да сфатите како Господ сака да се однесувате. Не опивајте се со вино! Тоа може само да ве уништи. Дозволете Му на Светиот Дух да ве исполни и да ве води! Разговарајте еден со друг, читајте псалми, пејте химни и духовни песни! Вашите срца нека пеат за Господ! Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко во името на нашиот Господ Исус Христос.

Ефесјаните 5:10-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

одлучете се за она што Му е мило на Бога! Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги! Зашто за она што го прават скри­шум, срамно е и да се зборува. А сѐ што е изобличено, светлината го прави јавно; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е. Затоа е речено: „Стани ти што спи­еш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“ Па така, внимавајте добро како жи­веете! Не како безумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави. Затоа немојте да бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Божја! И не опивајте се со вино, во него има разврат, но исполнете се со Дух. Разговарајте меѓу себе со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господ во срцата ваши; благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Гос­под Исус Христос

Ефесјаните 5:10-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Испитувајте што Му е угодно на Господа! И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку подобро: прекорувајте ги! Зашто е срамно да се зборува и за она што тие го вршат потајно. А сѐ што се прекорува станува јавно преку светлината, зашто сѐ што станува јавно, светлина е. Затоа се вели: „Стани, ти кој спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“ И така, внимавајте грижливо како живеете! Не како немудри, туку како мудри; искупувајте го времето, зашто дните се зли! Затоа не бидете неразумни, туку разберете што е Господова волја! И не се пијанете со вино, во кое е разузданоста, туку полнете се со Духот! Зборувајте си еден на другиот со псалми, и химни, и со духовни песни! Пејте Му на Господа и воспевајте Го во вашите срца! Благодарете Му секогаш за сѐ на Бог и Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос!