Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Повторени закони 28:1-14

Повторени закони 28:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ако го слушаш гласот на Господ, твојот Бог, ги пазиш и ги извршуваш сите Негови заповеди, што денес ти ги заповедам, тогаш Господ, твојот Бог, ќе те постави погоре од сите народи на земјава; и ќе се пренесат на тебе сите овие благослови и ќе се исполнат, ако го слушаш гласот на Господ, твојот Бог. Благословен ќе бидеш во градот и благословен во полето. Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, и плодот на земјата твоја, и плодот на добитокот твој, и плодот на воловите твои, и плодот на овците твои. Благословени ќе бидат кошниците твои и ноќвите твои. Благословен ќе бидеш, кога влегуваш, и благословен – кога излегуваш. Господ ќе ги порази пред тебе непријателите твои, кои се креваат против тебе; по еден пат ќе навлезат тие против тебе, а по седум патишта ќе избегаат од пред тебе. Господ ќе ти испрати благослови на твоите житници и на секоја работа на твоите раце; и на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава. Господ, ќе те постави за Свој свет народ, како што ти се беше заколнал на тебе, ако ги извршуваш заповедите на Господ, твојот Бог, и одиш по патиш­тата Негови. И тогаш ќе видат сите народи на земјата дека името на Господ, ти е дадено на тебе, и ќе се уплашат од тебе. И Господ, ќе ти даде изобилство во сите блага, во плодот на твојата утроба, во плодот на добитокот твој и во плодот на нивите твои на земјата, за која Господ им се беше заколнал на твоите предци дека ќе ти ја даде. И Господ ќе ти го отвори доброто Свое сокровиште – небото, за да дава тоа на време дожд на земјата твоја и да ги благословува сите работи на рацете твои: и ќе им даваш на заем на многу народи, а ти самиот нема да земаш на заем. Господ, ќе те направи глава, а не опашка, и да бидеш само на високо, а не на ниско, ако ги пазиш заповедите на Господ, твојот Бог, што ти ги заповедам денес да ги почитуваш и исполнуваш, и ако не отстапуваш од сите збо­рови, што ти ги заповедам денес, ни надесно, ни налево, и ако не тргнеш по други богови за да им служиш.

Повторени закони 28:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Ако навистина го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите негови заповеди што ти ги наредувам денес, Господ, твојот Бог, ќе те возвиши над сите народи на земјата. Сите овие благослови ќе слезат над тебе и ќе те стигнат ако го слушаш гласот на Господа, својот Бог. Благословен ќе бидеш во градот, благословен во полето. Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, родот на твојата земја, плодот на твојот добиток: рожбите на твоите говеда и на твоите стада. Благословен ќе биде твојот кош, и твоите ноќви. Благословен ќе бидеш кога ќе влегуваш, благословен кога ќе излегуваш. Твоите непријатели, кои ќе се кренат против тебе, Господ ќе ги положи пред тебе поразени; по еден пат ќе излезат против тебе, а по седум патишта ќе се разбегаат пред тебе. Господ ќе нареди благословот да биде со тебе во твоите житници и во секој потфат на твојата рака, и ќе те благословуваат во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава, Господ ќе направи од тебе народ посветен на Себеси, како што ти се заколна, ако ги пазиш заповедите на Господа, својот Бог, и ако одиш по неговите патишта. Сите народи на земјата ќе видат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе. Господ ќе те опсипе со изобилни блага: со пород на твојата утроба, со прираст на твојот добиток и со родот на твојата почва во земјата, за која Господ им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде. Господ ќе ти ја отвори Својата богата ризница - небото - за да дава дожд во твојата земја во право време и да го благослови секој потфат на твоите раце. Ќе им даваш на заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем. Господ ќе те држи на чело, а не на задното место; секогаш ќе бидеш на врвот, никогаш на дното, ако ги слушаш заповедите на Господа, својот Бог, што ти ги наредувам денес за да ги држиш и вршиш. Немој да отстапуваш ниту од еден збор што ви го наложувам денес - ни десно ни лево, одејќи по други богови и искажувајќи им почитување.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност