Даниел 6:16-27
Даниел 6:16-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но оние луѓе дојдоа кај царот и му рекоа: „Царе, ти знаеш дека според законот на Мидијците и Персијците ниедно решение или заповед, потврдено од царот не може да се измени.“ Тогаш царот заповеда, и го доведоа Даниел, па го фрлија во лавовската јама; па царот му рече на Даниел: „Твојот Бог, Кому без престан Му служиш, Тој нека те избави!“ Па донесоа камен, го ставија врз отворот на јамата, и царот го запечати со својот прстен и со прстењата на великодостојниците свои, за да не се измени ништо по однос на Даниел. Потоа царот си отиде во својот двор, легна да спие без вечера, па дури и порача да не му доаѓаат конкубините, но сонот бегаше од него. А утредента царот стана во зори и брзо се упати кон лавовската јама; и кога се приближи до јамата, со нажален глас го повика Даниел и му рече: „Даниеле, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без прекин Му служиш, можеше ли да те избави од лавовите?“ Тогаш Даниел му одговори на царот: „Царе, да си жив довека! Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, зашто јас излегов пред Него чист, па и пред тебе, царе, не сум извршил никаков престап.“ Тогаш царот многу се зарадува за Даниел и заповеда да го извадат од јамата; го извадија Даниел од јамата, и никаква повреда не се забележа на него, зашто тој веруваше во својот Бог. Царот заповеда, па ги доведоа оние луѓе, што го беа обвиниле Даниел, и ги фрли во лавовската јама, како нив самите, така и децата нивни и жените нивни и уште не беа стигнале до дното на јамата, лавовите ги беа зграбиле и им ги беа здробиле сите нивни коски. Потоа царот Дариј им напиша на сите народи, племиња и јазици кои живееја по целата земја: „Мирот да ви се умножи! Издавам повелба во секоја област на царството мое да треперат и да се плашат пред Даниеловиот Бог, зашто Тој е Бог жив и вечно живее, а царството Негово е непобедливо, и Неговото владение е бескрајно.
Даниел 6:16-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш царот нареди да го донесат Даниела и да го фрлат во лавовската јама. Царот му рече на Даниела: „Твојот Бог, Кому што Му служиш така постојано, нека те избави.“ Донесоа камен и го ставија врз отворот на јамата. Царот го запечати со својот прстен и со прстењата на своите големци, за да не се менува ништо за Даниела. Царот се врати во својот дворец и ја помина ноќта без да вкуси јадење и не дозволувајќи да му ги доведат соложниците. Не можеше да заспие. Царот стана рано во зората, кога се разденуваше, и отиде бргу кај лавовската јама. Кога се доближи, му викна со жалостен глас на Даниела: „Даниеле, слуго на живиот Бог, дали Бог, Кому Му служиш постојано, можеше да те избави од лавовите?“ Даниел одговори: „О цару, да бидеш жив довека! Мојот Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори устите на лавовите, та не ме повредија, зашто сум невин пред Него. Па и пред тебе, о цару, јас сум без кривица.“ Царот се израдува многу и нареди да го извадат Даниела од јамата. Го извадија Даниела од јамата неповреден, зашто се надеваше во својот Бог. Царот заповеда да ги доведат оние луѓе што го беа оптужиле Даниела, и да ги фрлат во лавовската јама, нив, нивните жени и нивните деца: уште пред да го допрат дното на јамата, лавовите ги грабнаа и им ги здробија коските. Тогаш царот Дариј им напиша на сите племиња, народи и јазици што живеат по сета земја: „Да изобилувате со мир! Еве ја наредбата што ја донесувам: во сето мое царство луѓето нека се бојат и нека треперат пред Даниеловиот Бог: Тој е жив Бог, Тој останува довека! Неговото Царство нема да пропадне, на Неговата власт ѝ нема крај! Тој избавува и спасува, прави знаци и чудеса на небесата и на земјата! Тој го спаси Даниела од силата на лавовите!“