ДАНИЕЛ 6
6
Ѓ. Даниел во лавова јама
1. Заговор против Даниел
1Му се свиде на Дариј да постави над своето царство сто и дваесет сатрапи, за да бидат над сето царство. 2На нивно чело им стави три прочелници - Даниел беше еден од нив - на кои сатрапите ќе им полагаат сметки, за да не му се досадува на царот. 3Даниел се истакнуваше толку со својот вонреден дух над прочелниците и над сатрапите та царот мислеше да го постави над целото царство. 4Тогаш прочелниците и сатрапите почнаа да бараат повод, нешто околу државната управа, заради што би можеле да го обвинат Даниела: ама не можеа да најдат ништо такво на него; ништо заради што би можеле да го прекорат, зашто беше верен, немаше во него ни негрижа ни погрешка. 5Тогаш тие луѓе рекоа: „Не ќе најдеме никаков повод против Даниел, освен да најдеме нешто против него во законот на неговиот Бог.“ 6Тогаш прочелниците и сатрапите навалија на царот та му рекоа: „О цару Дариј, жив да бидеш довека! 7Сите прочелници на царството претстојниците и сатрапите, советниците и наместниците се сложија во тоа дека царот треба да издаде наредба и забрана: секој оној кој во рок од триесет денови ќе упати молба било до кој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама. 8О цару, потврди ја таа забрана и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива според непроменливиот мидиско-персиски закон!“ 9Тогаш царот Дариј ги потпиша писмото и забраната.
2. Поткажување на Даниел
10Откако научи Даниел дека повелбата е потпишана, отиде во својата куќа. Прозорците на горната соба беа отворени кон Ерусалим. Таму тој три пати дневно паѓаше на колена, благословувајќи Го, молејќи Го и фалејќи Го Бога, како што правеше секогаш. 11Оние луѓе навлегоа и го најдоа Даниела како Го моли и Го повикува својот Бог. 12Тогаш отидоа пред царот и се повикаа на царската забрана: „Зар ти не ја потпиша забраната според која секој оној кој, во време на триесет денови, ќе упати молба до некој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама?“ Царот одговори: „Така е одлучено според непроменливиот мидиско-персиски закон.“ 13Тогаш му рекоа на царот: „Даниел, оној од јудејските заточеници, не се грижи за тебе, о цару, ниту за твојата забрана што ја потпиша: ја обавува својата молитва три пати дневно.“
3. Изнудена царева повелба за казна
14Откако ги чу тие зборови царот се нажали многу и одлучи да го спаси Даниела. 15Ама оние луѓе навалија врз царот, велејќи: „Знај, о цару, дека според мидиско-персиски закон ниедна царева забрана или одлука не може да биде отповикана.“
16Тогаш царот нареди да го донесат Даниела и да го фрлат во лавовската јама. Царот му рече на Даниела: „Твојот Бог, Кому што Му служиш така постојано, нека те избави.“ 17Донесоа камен и го ставија врз отворот на јамата. Царот го запечати со својот прстен и со прстењата на своите големци, за да не се менува ништо за Даниела. 18Царот се врати во својот дворец и ја помина ноќта без да вкуси јадење и не дозволувајќи да му ги доведат соложниците. Не можеше да заспие.
4. Чудесно спасение на Даниел и гибел на негови непријатели
19Царот стана рано во зората, кога се разденуваше, и отиде бргу кај лавовската јама. 20Кога се доближи, му викна со жалостен глас на Даниела: „Даниеле, слуго на живиот Бог, дали Бог, Кому Му служиш постојано, можеше да те избави од лавовите?“ 21Даниел одговори: „О цару, да бидеш жив довека! 22Мојот Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори устите на лавовите, та не ме повредија, зашто сум невин пред Него. Па и пред тебе, о цару, јас сум без кривица.“ 23Царот се израдува многу и нареди да го извадат Даниела од јамата. Го извадија Даниела од јамата неповреден, зашто се надеваше во својот Бог. 24Царот заповеда да ги доведат оние луѓе што го беа оптужиле Даниела, и да ги фрлат во лавовската јама, нив, нивните жени и нивните деца: уште пред да го допрат дното на јамата, лавовите ги грабнаа и им ги здробија коските.
5. Дариев царски указ
25Тогаш царот Дариј им напиша на сите племиња, народи и јазици што живеат по сета земја: „Да изобилувате со мир! 26Еве ја наредбата што ја донесувам: во сето мое царство луѓето нека се бојат и нека треперат пред Даниеловиот Бог: Тој е жив Бог, Тој останува довека! Неговото Царство нема да пропадне, на Неговата власт ѝ нема крај! 27Тој избавува и спасува, прави знаци и чудеса на небесата и на земјата! Тој го спаси Даниела од силата на лавовите!“
28Даниел напредуваше во времето на Дариј и во време на владеењето на Персиецот Кир.
Селектирано:
ДАНИЕЛ 6: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.