Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Колосјаните 2:8-15

Колосјаните 2:8-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос; зашто во Него телесно живее сета пол­нота на Божеството, и вие да бидете исполнети во Него, Кој е глава на секое началство и власт; во Него сте и обрезани преку нера­котворено обрезание, откако го соб­лековте гревовното тело на плотта преку обрезанието Христово; откако се погребавте со Него во крштавањето, во кое заедно со Него и воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој Го воскресна од мртвите. И вас, кои бевте мртви во гревовите и во необрезанието на вашето тело, Тој заедно со Него ве оживи, простувајќи ви ги сите гревови; извршувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи стана наш непријател, кого Тој го зеде од средината и го прикова на крстот; и, откако ја зграби силата од на­чал­ствата и властите, Тој ги изложи јавно на позор и славејќи ја во Себе победата над нив.

Колосјаните 2:8-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Не дозволувајте никој да ве заведува со бесмислено филозофирање и со празни лаги, кои произлегуваат од чисто човечки обичаи, од овоземните принципи, а не од Христос, зашто Бог во целост е присутен во Христос во облик на човечко тело, па и вие сте целосни личности, преку сојуз со Него. Тој е Господар над сите сили и власти. Преку духовно обрежување, Христос ја отстрани од вас вашата грешна природа, исто како што при телесното обрежување се отстранува едно делче од телото. Кога се крстивте, вие всушност се погребавте со Христос, а потоа воскреснавте, бидејќи верувавте во Божјата сила што Го воскресна Христос од мртвите. Вие бевте мртви поради гревовите во вас, зашто вашата грешна природа не беше отстранета од вас. Но Бог ве оживеа, заедно со Христос! Тој ни ги прости сите наши гревови. Бог ја избриша обврзницата со нашите долгови, според чии одредби ние бевме должници. Тој ја зеде и ја уништи, приковувајќи ја на Христовиот крст. Така Бог ги разоружа сите зли владетели и власти, и јавно ги посрамоти, поразувајќи ги со Христовата жртва на крстот.

Колосјаните 2:8-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Пазете да не ве зароби некој со философија и со суетна измама по човечко предание, според стихиите на светот, а не според Христа. Зашто во Него живее сета полнота на Божеството, и вие сте исполнети во Него, Кој е Глава на секое началство и власт. Во Него сте и обрезани со неракотворно обрезание, со соблекување на гревовното тело, по обрезанието на Христа: откако бевте погребани со Него во крштение, во кое и воскреснавте со Него преку верата во дејството на Бога, Кој Го воскресна од мртвите. Вас, кои бевте мртви во престапите и необрезанието на вашето тело, ве оживе заедно со Него; простувајќи ни ги сите наши престапи; на тој начин што го избриша дејството, кое со своите одредби беше против нас; го отстрани од среде нас, приковувајќи го на крст; и ги разоружа началствата и властите и јавно ги изложи, победувајќи над нив во тоа.