Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 7:1-60

Дела 7:1-60 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш Првосвештеникот го праша Стефана: „Точни ли се исказите против тебе?“ Стефан одговори: „Луѓе, браќа и татковци, ислушајте ме. Нашиот славен Бог му се јави на нашиот предок Авраам, додека тој се уште беше во Месопотамија, пред да се насели во Харан, и му рече: ,Напушти ја оваа земја, напушти ги твоите роднини и појди во земјата што Јас ќе ти ја покажам.‘ Тогаш Авраам ја напушти земјата на Халдејците и се насели во Харан. По смртта на неговиот татко се пресели во оваа земја во која сега ние живееме. Бог не му даде наследство ниту една педа земја, но, уште пред да има деца, му вети дека на неговите потомци ќе им ја даде во наследство целата земја. Му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја, каде што ќе ги претворат во робови и ќе ги измачуваат четиристотини години. ,Но на народот на кој ќе му робуваат, Јас ќе му судам!‘ - рече Бог. ,Кога ќе излезат оттаму, ослободени, ќе Ми служат на ова место.‘ Потоа му го заповеда на Авраам заветот за обрежувањето. Авраам доби син - Исак, и го обрежа кога наполни осум дена. Потоа и Исак доби син - Јаков. Јаков е таткото на дванаесетте родоначалници на еврејскиот народ. Синовите на Јаков му љубомореа на својот брат Јосиф и го продадоа како роб во Египет, но Бог беше со него и го избави од сите неволи што го снајдоа. Бог му беше благонаклонет и му даде мудрост, па фараонот, царот на Египет, го постави за управител над целата земја и над целиот свој дом. Тогаш Египет и Канаан ги погоди глад, па нашите прадедовци се најдоа на голема мака, не можејќи да набават храна. Кога Јаков слушна дека во Египет има жито, ги испрати таму своите синови. Тоа беше нивната прва посета. Кога и по вторпат отидоа во Египет, Јосиф им се откри на своите браќа. Така фараонот го запозна неговото семејство. Потоа Јосиф испрати да го повикаат неговиот татко Јаков и сите негови роднини, седумдесет и петмина на број. Така Јаков се досели во Египет. Таму умреа и тој и нашите прадедовци. Подоцна, коските им беа пренесени во Шехем, каде што беа погребани во гробницата што Авраам со сребро ја беше купил од синовите на Хамор. Како што се приближуваше времето Бог да го исполни ветувањето што му го даде на Авраам, нашиот народ во Египет се зголемуваше и намножуваше. Но со Египет веќе владееше друг цар, кој не знаеше за Јосиф. Тој скова заговор против нашиот народ, ги мачеше нашите предци и ги принудуваше да си ги напуштаат новороденчињата, за да не останат живи. Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци беше одгледуван во домот на својот татко, а потоа мораа да го остават, но го зеде ќерката на фараонот и го одгледа како свој син. Така Мојсеј се запозна со целата мудрост на Египќаните и се стекна со големо теоретско и практично знаење. Кога наполни четириесет години, му се роди во срцето желба да ги посети своите сонародници, Израелците. Во текот на таа посета виде дека еден Египќанец насилно постапува со еден Евреин. Мојсеј го заштити Евреинот и во одмазда го уби Египќанецот. Тој мислеше дека неговите сонародници ќе сфатат оти Бог, преку неговата рака, им праќа ослободување, но тие не сфатија. Утредента виде како двајца Израелци се тепаат и се обиде да ги смири, велејќи им: ,Луѓе, вие сте припадници на ист народ! Зошто се повредувате еден со друг?‘ Но виновникот за тепачката го турна и му рече: ,Кој те поставил тебе да ни бидеш владетел и судија!? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот!?‘ Кога Мојсеј го слушна ова, побегна во Мидијамската земја, каде што живееше како доселеник. Таму му се родија два сина. Откако поминаа четириесет години, во пустината, близу до планината Синај, му се појави ангел во пламенот на една запалена грмушка. Кога Мојсеј го виде ова, се зачуди и појде таму за да види одблизу. Тогаш го чу гласот Господов кој му рече: ,Јас сум Богот на твоите татковци: Богот на Авраам, на Исак и на Јаков!‘ Мојсеј се стресе од страв и не се осмели да погледне. Потоа Господ му рече: ,Собуј ги сандалите, зашто стоиш на свето место! Видов како Мојот народ е измачуван во Египет и стенкањето негово го чув. Еве, доаѓам да го ослободам. Сега, оди во Египет, како Мој пратеник!‘ Оној Мојсеј, кого луѓето го отфрлија, велејќи му: ,Кој те поставил да ни бидеш владетел и судија!?‘ - Бог го испрати преку ангелот што му се појави во запалената грмушка, да им биде водач и ослободител. Правејќи многу чуда и видливи докази, тој ги изведе од Египет, ги преведе преку Црвеното Море и ги водеше низ пустината цели четириесет години. Самиот Мојсеј му рече на израелскиот народ: ,Бог ќе ви издигне Пророк од вашите редови, како што сум јас.‘ Тој беше заедно со целиот Божји народ во пустината. Посредуваше меѓу ангелот што му зборуваше на планината Синај и нашите татковци. Притоа, тој прими зборови од животно значење и ни ги пренесе нам. Но нашите предци не го послушаа, туку го отфрлија и посакаа да се вратат во Египет, по кој им беа прираснале срцата. Му рекоа на Арон: ,Направи ни богови што ќе не водат, зашто не знаеме што се случи со Мојсеј, кој не изведе од Египет.‘ Така си направија од злато идол во форма на теле и му принесоа жртва, восхитени од својата ракотворба. Тогаш Бог им сврте грб и ги остави да им служат на Сонцето, Месечината и ѕвездите, како да им се богови, токму онака како што е запишано во книгата на пророците: ,Народе израелски! Дали Мене Ми принесувавте жртви и приноси додека патувавте низ пустината, цели четириесет години, доме Израелов? Не, туку си направивте идоли, за да им се поклонувате: Со себе ги носевте шаторот - светилиште посветено на богот Молех и ѕвездата на богот Реифан! Затоа ќе ве предадам во ропство, и ќе ве одведат во далечниот Вавилон!‘ Додека патуваа низ пустината, нашите предци го носеа заветниот шатор. Така им заповеда Бог. Тој му рече на Мојсеј да го направи според моделот што му го беше покажал‘ Многу години подоцна, под водство на Јошуа го донесоа во земјата што ја одзедоа од паганските народи, кои Бог ги истера пред нив. Таму остана се до времето на царот Давид. Бог му беше благонаклонет на Давид и затоа Давид се осмели да побара од Бог дозвола да најде место каде што ќе изгради храм во кој Израелците ќе Му служат на својот Бог. Сепак, Божјиот храм го изгради Соломон. Но Севишниот не живее во градби направени од човечка рака. Како што самиот Бог вели преку пророкот Исаија: ,Небото Ми е престол, а Земјата - подножје на Моите нозе. Каков дом ќе Ми направите вие?‘ - вели Господ - ,Какво место ќе Ми најдете за Мое живеалиште? Зарем не е се со Мојата рака создадено?‘ Вие сте тврдоглав народ! Длабоко во себе вие сте како паганите! Глуви сте за вистината! И вие, како и вашите предци, постојано Му се противите на Светиот Дух. Посочете ми еден пророк што не беше прогонуван од вашите предци! Тие ги убија пророците што го претскажаа доаѓањето на Праведникот, на Месијата, а кога Тој дојде, вие се свртевте против Него, Го предадовте и Го убивте. Ангели ви го пренесоа Божјиот Закон и пак не го почитувате!“ Кога еврејските верски и национални водачи го слушнаа ова, зовреа од бес и почнаа да крцкаат со забите против Стефан. А тој, исполнет со Светиот Дух, и со вперен поглед кон небото каде што ја виде Божјата слава, и Го виде Исуса како стои од десната страна на Бог, рече: „Погледнете, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бог!“ Тогаш Евреите си ги затнаа ушите, и со силна викотница се нафрлија врз Стефан. Го извлекоа надвор од градот и го каменуваа. Оние што сведочеа против Стефан ги соблекоа своите горни облеки и ги оставија кај едно момче по име Савле, да им ги причува. Додека го каменуваа, Стефан гласно му се молеше на Бог, велејќи: „Господе Исусе, прими го мојот дух.“ Потоа падна на колена и силно извика: „Господе, не земај им го ова за грев!“ Го рече ова и почина.

Дела 7:1-60 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш првосвештеникот рече: „Така ли е тоа?“ А тој одговори: „Луѓе браќа и тат­ковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан, и му рече: ‚Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татко ти, па појди во земјата што ќе ти ја покажам.‘ Тогаш тој излезе од земјата Хал­деј­ска и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега. И во неа не му даде наследство ниту една стапка земја, но вети дека ќе му ја даде на потомството негово и нему во посед, иако уште немаше челад. И му рече Бог вака: ‚Потомците твои ќе бидат населени во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години. Но јас ќе му судам на оној народ, под чие ропство ќе бидат; а потоа тие ќе излезат и ќе Ми служат на ова мес­то‘. И му го даде заветот за обрезание. Потоа на Авраам му се роди Исак и тој го обреза на осмиот ден; а Исак го роди Јакова, Јаков, пак, дванаесетте патријарси. Патријарсите беа завидливи кон Јо­сиф и го продадоа во Египет; но Бог бе­ше со него, и го избави од сите негови маки и го дарува со благодат и мудрост пред фа­раонот, египетскиот цар, кој го постави и за началник над Египет и над целиот свој дом. Тогаш настана глад и голема мака по целата земја египетска и хананска, и нашите татковци не наоѓаа храна. А Јаков, кога чу дека во Египет има пченица, ги прати таму по прв пат тат­ковците наши. И кога отидоа по вторпат, Јосиф им се откри на браќата и фараонот го запозна родот на Јосиф. Тогаш Јосиф прати гласници да го повикаат татко му Јаков и сиот свој род – седумдесет и пет души. И така Јаков слезе во Египет, и та­му умре тој и татковците наши; и ги пренесоа во Сихем, и ги по­ло­жија во гробот, што во Сихем го беше купил за сребро Авраам од синовите на Емор. Но како што наближуваше времето за исполнување на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраам, во Египет се зголемуваше и се намножуваше бројот на луѓето, сѐ додека во Египет не дојде друг цар кој не го познаваше Јосиф. Тој лукаво постапи со нашиот на­род, ги мачеше татковците наши, при­силувајќи ги своите новороденчиња да ги оставаат за да не останат живи. Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко. А кога беше оставен, него го приб­ра фараоновата ќерка и го одгледа ка­ко свој син. И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела. А кога навршуваше четириесет го­дини, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израелови. И кога виде дека еден од нив го на­вредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за измачуваниот, го уби Египќанецот. Тој мислеше дека браќата негови ќе согледаат дека Бог преку неговата рака ќе им даде спасение, но тие не сфатија. А на другиот ден, кога некои од нив се тепаа, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате меѓу себе?‘ Но оној што го навредуваше својот ближен, го одби од себе и му рече: ‚Кој те поставил да бидеш началник и судија над нас? Или, пак, и мене сакаш да ме уби­еш, како што вчера го уби Егип­ќа­не­цот?‘ Од тие зборови Мојсеј побегна и се насели како туѓинец во земјата мидјанска, каде што му се родија два сина. И кога поминаа четириесет години, му се јави ангел Господов во пустината на Синајската Гора, во огнен пламен во една капина. Мојсеј штом виде, се зачуди од тоа видение; и кога се приближи да погледа внимателно, пристигна до него гласот Господов: ‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јако­вов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа. А Господ му рече: ‚Собуј си ги обув­ките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја! Јас ги видов добро маките на Мојот народ што е во Египет и го слушнав не­говото воздивнување; па слегов да го избавам; а сега пријди да те пратам во Египет!‘ Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, ве­лејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за на­чал­ник и избавител. Тој ги изведе, правејќи чудеса и зна­ци во земјата египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на чети­ри­есет години. Тоа е оној Мојсеј што беше им ре­кол на синовите Израелови: ‚Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви из­дигне Пророк како мене‘. Тоа е оној што на собирот во пустината на Планината Синајска беше со ангелот кој му зборуваше, и со тат­ков­ците наши; оној што прими животворни зборови нам да ни ги предаде, и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со ср­цата свои и се свртеа кон Египет, велејќи му на Арон: ‚Направи ни богови што ќе одат пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј кој нѐ изведе од египетската земја.‘ И во оние дни направија лик на те­ле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце. А Бог се одврати од нив и ги остави да му служат на воинството небесно, како што е напишано во Книгата на пророците: ‚Доме Израелов, Ми принесовте ли вие заклани животни и жртви во текот на четириесетте години во пустината? Вие го прифативте шаторот на Мо­лох и ѕвездата на вашиот бог Ремфан, идоли што ги направивте вие за да им се поклонувате: и Јас ќе ве преселам потаму од Вавилон.‘ Нашите татковци имаа во пустината скинија на собранието, како што беше заповедал Оној Кој му зборуваше на Мојсеј да ја направи според образецот што го беше видел. Неа татковците наши ја примија и со Исус Навин ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа се случуваше сѐ до времето на Давид, кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бог Јако­вов. А Соломон Му изгради дом, но Севишниот не живее во ракот­во­рени храмови, како што вели пророкот; ‚Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое мес­то е за Мојата почивка? Не го направи ли сето ова Мојата рака?‘ Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие. Кого од пророците не го гонеа ва­шите татковци? Тие ги убија оние што го предвестија доаѓањето на Правед­ни­кот, чии предавници и убијци станавте сега и вие, вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте.“ Кога го слушаа ова, срцата им се исполнија со гнев и со забите крцкаа против него. А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исус како стои од десната страна на Бога, и рече: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.“ Но тие извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него. И откако го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле. И додека фрлаа камења врз Стефан, тој повикуваше и велеше: „Господи Исусе, прими го духот мој!“ Потоа падна на колена, и извика со висок глас: „Господи, не примај им го ова за грев!“ И штом го рече тоа, почина.

Дела 7:1-60 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш првосвештеникот рече: „Така ли е тоа?“ А тој рече: „Браќа и татковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога престојуваше во Месопотамија, пред да се насели во Харан, и му рече: ‘Излези од својата земја и својот род и појди во земјата, што ќе ти ја покажам!’ Тогаш тој излезе од Халдејската Земја и се насели во Харан и оттаму, по смртта на татко му, Бог го пресели во оваа земја, во која што живеете сега. Но не му даде наследство во неа, ни една стапка од земјата, туку му вети, додека уште немаше дете, дека ќе им ја даде во наследство: нему и на неговото семе по него. Имено, Бог му рече дека неговите потомци ќе бидат придојденици во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четири стотини години. ’Но, Јас ќе му судам на народот, рече Бог, на кој ќе му робуваат; а потоа ќе излезат и ќе Ми служат на ова место.’ И му го даде Заветот на обрезанието; и така на Авраама му се роди Исак и го обреза на осмиот ден; а на Исака - Јаков; а на Јакова - дванаесетте патријарси.“ „А патријарсите му завидоа на Јосифа и го продадоа во Египет, но Бог беше со него, и го избави од сите негови неволји и му даде благодат и мудрост пред фараонот, египетскиот цар, кој го постави за управител на Египет и над целиот свој дом. Тогаш настана глад и голема беда во целиот Египет и Ханаан, и нашите татковци не можеа да најдат храна. А кога Јаков чу дека има жито во Египет, ги испрати таму нашите татковци за првпат. Кога дојдоа по вторпат, Јосиф им се откри на своите браќа, и Фараонот научи за Јосифовото потекло. Тогаш Јосиф испрати и го повика татка си Јакова и целиот род - седумдесет и пет души. И така Јаков слезе во Египет, каде умре, тој и нашите татковци. И го пренесоа во Сихем и го положија во гробот, што Авраам го беше купил за сребро во Сихем, од Еморовите синови.“ „Колку повеќе се приближуваше ветеното време, за кое Бог му се заколна на Авраама, толку повеќе народот се зголемуваше и се намножи во Египет, додека во Египет не завладеа нов цар, кој не знаеше за Јосифа. Тој постапуваше лукаво со нашиот народ, и ги измачуваше нашите татковци, присилувајќи ги да ги фрлаат своите деца, за да не останат живи. Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бога. Три месеци го одгледуваа во татковиот дом, а кога го напуштија, го зеде фараоновата ќерка и си го одгледа за син. И Мојсеј ја изучи целата египетска мудрост, и беше силен во своите зборови и дела. А кога наврши четириесет години, му дојде на ум да ги посети своите браќа - синовите Израелеви. И кога виде како еден страда неправедно, го одбрани и го одмазди угнетуваниот, убивајќи го Египтјаниот; мислејќи дека неговите браќа ќе разберат дека Бог, преку неговата рака, им дава избавување, но тие не разбраа. А на идниот ден дојде меѓу нив додека се тепаа и се обиде да ги смири, велејќи: „Луѓе, вие сте браќа! Зошто правите неправда еден на друг?“ Но оној, кој му правеше неправда на својот ближен го турна и рече: „Кој те постави тебе за началник и за судија над нас? Сакаш ли и мене да ме убиеш, како што го уби Египтјанинот; вчера?“ Заради тој збор Мојсеј избега и стана придојденик во Мадијамската земја, каде му се родија два сина.“ Кога поминаа четириесет години, му се јави ангел во пустината на Синајската Гора, во пламенот на запалена капина. Кога Мојсеј го виде тоа, се зачуди на глетката, а кога се приближуваше, за да разгледа, се чу гласот Господов: ’Јас Сум Бог на твоите татковци: Бог Авраамов, Исаков, и Јаковов.’ Мојсеј се растрепери и не се осмели да погледа. Тогаш Господ му рече: ‘Собуј ги обувките од своите нозе, зашто местото на кое стоиш е света земја! Навистина го видов измачувањето на Мојот народ во Египет и го чув неговото воздивнување, и слегов да го избавам. И сега дојди да те испратам во Египет!’ “Овој Мојсеј, од кого се откажаа со зборовите: ‘Кој те постави тебе за началник и за судија?’ - Бог него го испрати, преку ангелот, кој му се јави во капината, за началник и за избавител. Тој ги изведе правејќи чудеса и знаци во Египет, во Црвеното Море и во пустината четириесет години. Тоа е Мојсеј, кој им рече на Израелевите синови: „Бог ќе ви издигне, меѓу вашите браќа, пророк како мене Него послушајте Го.“ Тоа е оној, кој во заедницата во пустината, беше со ангелот, кој му зборуваше на Синајската Гора, и со нашите татковци; оној кој ги прими живите зборови, за да ни ги предаде нам. Нашите татковци не сакаа да го послушаат, го отфрлија и се свртија со срцето кон Египет, зборувајќи му на Арона: ‘Направи ни богови, кои ќе одат пред нас, зашто не знаеме што стана со Мојсеја, кој нѐ изведе од Египет!’ И во оние денови направија теле и му принесоа жртва на идолот и се веселеа пред делото на своите раце. Тогаш Бог се сврте од нив и ги предаде да Му служат на небесното воинство, како што е напишано во Книгата на Пророците: ‘Доме Израелев Мене ли Ми принесувавте заклани животни и жртви четириесет години во пустината? Туку го носевте Молоховиот шатор и ѕвездата на богот Рафан; кипови што ги направивте, за да им се поклонувате, затоа ќе ве преселам потаму од Вавилон!’ Нашите татковци го имаа со себе Шаторот на сведоштвото во пустината, како што го заповеда тоа Оној, Кој му зборуваше на Мојсеја да направи според образецот што го видел. Нашите татковци го примија и го внесоа со Исуса, кога ја зазедоа земјата на народите, кои Бог ги протера пред нашите татковци, и така беше сѐ до Давидовите денови. Овој најде милост пред Бога, и затоа измоли да Му најде живеалиште на Јакововиот Бог. А Соломон Му изгради Дом. А Сѐвишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот: ’Небото Ми е престол, а земјата е подножје на Моите нозе. Каков дом ќе ми изградите - говори Господ - или какво ќе биде местото за Моја починка? Не го направи ли сѐ тоа Мојата рака?’ Тврдоглави и со необрезани срца и уши! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух! Како вашите татковци така и вие! Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? И ги убија оние, кои однапред го навестуваа доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци вие станавте сега, вие, кои го примивте Законот преку служење на ангели - и не го запазивте.“ Кога го чуја тоа, многу се налутија во своите срца и чкртаа со забите на него. А тој, полн со Светиот Дух, погледна на небото ја виде Божјата Слава и Исуса, како стои оддесно на Бога и рече: „Еве, ги гледам отворени небесата и Човечкиот Син како стои оддесно на Бога.“ Тогаш извикаа со силен глас, ги затнаа своите уши и се нафрлија еднодушно на него. И го исфрлија од градот и фрлаа камења на него. А сведоците ги оставија своите облеки до нозете на едно момче, кое се викаше Савле. И фрлаа камења на Стефана, кој повикуваше, велејќи: „Господи Исусе, прими го мојот дух!“ Тогаш падна на колена и извика со силен глас: „Господи, не земај им го ова за грев!“ И кога го рече тоа - заспа.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност