Дела 5:12-16
Дела 5:12-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Преку рацете на апостолите беа покажувани многу видливи докази и чуда сред народот. Тие редовно се состануваа во храмот, под Соломоновиот трем, и сите беа сложни. Иако луѓето многу ги почитуваа, никој не се осмелуваше да им се придружи во храмот. Од друга страна, се умножуваше бројот на луѓето што веруваа во Господ, голем број мажи и жени. Луѓето изнесуваа на улиците болни, положени на носила и постели, со надеж дека барем сенката на апостол Петар ќе падне на некој од нив и ќе ги исцели. Се собираа многу луѓе и од градовите околу Ерусалим. Носеа болни и обземени од демонски духови, и сите беа исцелувани.
Дела 5:12-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Преку рацете на апостолите се појавуваа знаци и се случуваа многу чуда меѓу луѓето; и сите беа еднодушни во тремот Соломонов. Од другите, пак, никој не се осмелуваше да им се придружи, а сепак, народот ги возвеличуваше. И сѐ повеќе се зголемуваше бројот на оние што веруваа во Господ, мноштво од мажи и жени, така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постелки и носила, та кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од нив. А доаѓаа во Ерусалим и многумина од околните градови, донесувајќи болни, мачени од нечисти духови, и сите се исцелуваа.
Дела 5:12-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И преку апостолските раце стануваа многу знаци и чуда во народот; и сите беа еднодушни во Соломоновиот трем. Од другите пак, никој не се осмелуваше да им се присоедини, меѓутоа народот ги величаше многу. А повеќе верни беа присоединети кон Бога; множествата на мажи и жени; така што изнесуваа болни на улиците и ги полагаа на постели и носилки, та барем Петровата сенка да падне на некого од нив. Се собираше во Ерусалим и множество од околните градови и носеа болни и измачувани од нечисти духови. И сите се исцелуваа.