Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 4:1-11

Дела 4:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Додека Петар и Јован уште му зборуваа на народот, им пријдоа неколку свештеници, заповедникот на гардата во ерусалимскиот храм и неколку садукеи. Тие беа многу вознемирени поради тоа што апостолите го учеа народот и, повикувајќи се на воскреснатиот Исус, тврдеа дека постои воскресение на мртвите. Ги фатија и ги фрлија в затвор до следниот ден, зашто веќе беше вечер. Мнозина од оние што ја слушнаа проповедта на апостолите поверуваа, па бројот на христијаните се зголеми на околу пет илјади, сметајќи ги тука само возрасните мажи. Утредента се состана Народниот совет составен од сите управници, старешини и вероучители во Ерусалим. Дојде Првосвештеникот Анан, дојдоа и Кајафа, Јован, Александар, како и сите други роднини на Првосвештеникот. Ги доведоа Јован и Петар, ги поставија на средината, па почнаа да ги испрашуваат: „Кој ви даде право, кој ве овласти да го правите ова?“ Исполнет со Светиот Дух, Петар им рече: „Управници и старешини на народот! Ако денес не испрашувате за доброто дело спрема сакатиот човек, ако сакате да дознаете како беше исцелен, тогаш, знајте и вие и сиот израелски народ, дека човекот пред ваши очи застана на свои нозе во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, а Бог Го воскресна од мртвите! Исус е Тој за Кого во Светото писмо пишува: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија стана Камен-темелник.‘

Дела 4:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И уште додека тие му зборуваа на н­ародот, пристапија кон нив свеш­тениците, старешината на храмот и са­дукеите, огорчени што тие го поучуваат на­ро­дот и навестуваат воскресение на мртвите во името на Исус Христос; и кренаа раце на нив и ги ставија под стража до утрината; зашто се беше веќе завечерило. А мнозина од оние што го слушаа словото, поверуваа; бројот на тие луѓе беше околу пет илјади. Утредента се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците, првосвештеникот Ана, Кајафа, Јован и Александар, и сите што му при­паѓаа на родот првосвештенички. Откако ги поставија во средината, ги прашаа: „Со каква моќ и во чие име го направивте ова?“ Тогаш Петар, исполнет со Дух Све­ти, им рече: „Началници народни и ста­решини израелски, ако денес нѐ испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за да кажеме како е тој излекуван, тогаш нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израелски, дека овој стои здрав пред вас во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, Кого Бог Го воскресна од мртвите. Тој е оној камен што од вас ѕи­да­ри­те беше отфрлен, Кој стана камен те­мелник

Дела 4:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Додека тие уште му зборуваа на народот, пристапија при нив свештениците, и управителот на Храмот и садукеите, вознемирени поради тоа што го поучуваат народот и проповедаат воскресение на мртвите во Исуса. И ставија раце врз нив и ги фрлија во темницата, до идниот ден, зашто веќе беше вечер. А мнозина од оние, кои го чуја словото, поверуваа, така што бројот на мажите се зголеми до пет илјади. А утреден се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците, и првосвештеникот Ана, и Кајафа, и Јован, и Александар, и колку што ги имаше од првосвештеничкиот род. И кога ги поставија на средина ги прашаа: „Со каква сила, или во чие име, го направивте тоа?“ Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: „Народни началници и старешини! Ако денес нѐ испитувате за доброто дело направено на еден болен, од што е тој исцелен, тогаш да знаете сите вие и сиот Израелски народ: дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас. Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана глава на аголот.