Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 4:1-11

ДЕЛА 4:1-11 MKB

Додека тие уште му зборуваа на народот, пристапија при нив свештениците, и управителот на Храмот и садукеите, вознемирени поради тоа што го поучуваат народот и проповедаат воскресение на мртвите во Исуса. И ставија раце врз нив и ги фрлија во темницата, до идниот ден, зашто веќе беше вечер. А мнозина од оние, кои го чуја словото, поверуваа, така што бројот на мажите се зголеми до пет илјади. А утреден се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците, и првосвештеникот Ана, и Кајафа, и Јован, и Александар, и колку што ги имаше од првосвештеничкиот род. И кога ги поставија на средина ги прашаа: „Со каква сила, или во чие име, го направивте тоа?“ Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: „Народни началници и старешини! Ако денес нѐ испитувате за доброто дело направено на еден болен, од што е тој исцелен, тогаш да знаете сите вие и сиот Израелски народ: дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас. Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана глава на аголот.