Дела 25:23-27
Дела 25:23-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
И така, утредента дојдоа Агрипа и Берника со голема помпезност и влегоа во судската сала, придружувани од офицери и угледни личности од градот. Потоа Фест нареди да го доведат Павле. Фест рече: „Царе Агрипа и сите што сте овде со нас. Пред вас е човекот за кого целата еврејска заедница, и овде и во Ерусалим, бара смртна казна. Јас утврдив дека тој не направил никаков престап што би заслужувал смртна казна, но тој побара да биде испратен кај императорот и јас го одобрив тоа. Но јас не знам што да му напишам на нашиот владетел! Затоа го изведов пред сите Вас, а особено пред вас, царе Агрипа, за да го сослушаме па да знам што да напишам, зашто ми се чини дека е бесмислено кај императорот да испратам затвореник, а да не ги изложам и обвиненијата против него!“
Дела 25:23-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Утредента, кога Агрипа и Верникиј дојдоа со голем сјај и влегоа во судницата заедно со војводите и најугледните граѓани, по заповед на Фест, го доведоа Павле. Фест рече: „Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте со нас овде! Го гледате овој, за кого целото мнозинство Јудејци дојдоа кај мене, и во Ерусалим и овде, и викаа дека тој повеќе не треба да живее. Но јас, кога разбрав дека тој не направил ништо достојно за смрт, и бидејќи тој сам се повика на неговото височество, решив да го пратам кај него. За него, пак, немав поправо што да му напишам на господарот; затоа го изведов пред вас, и особено пред тебе, царе Агрипа, за да можам, откако ќе се сврши испитувањето, нешто да напишам. Зашто, бесмислено е, ми се чини, да пратам затвореник, а вината негова да не ја соопштам.“
Дела 25:23-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, утредента, кога Агрипа и Верникија дојдоа со голем блесок и влегоа во судницата, заедно со илјадниците и со најугледните луѓе во градот; по Фестова заповед го доведоа Павла, и тогаш Фест рече: „Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте тука! Гледајте го овој, заради кого целото множество Јудејци навалија врз мене во Ерусалим и тука, викајќи дека не треба повеќе да живее. Но, јас најдов дека не направил ништо што заслужува смрт; и бидејќи тој самиот се повика на Августа, решив да го испратам. За него немам ништо веродостојно да му напишам на господарот; затоа го изведов пред вас, царе Агрипа, за да имам што да напишам по испитувањето. Зашто ми се чини неразумно да биде испратен окован човек, а да не бидат соопштени обвиненијата против него.“