Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 24:1-27

Дела 24:1-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По пет дена дојде Првосвештеникот Ананија со неколку старешини и со еден адвокат по име Тертул, кој го изнесе пред гувернерот обвинението против Павле. Го повикаа Павле и Тертул почна да го изнесува обвинението: “Почитуван гувернеру! Под Вашето владеење ние, Евреите, живееме во мир и спокојство. Вашата далековидост доведе до многу реформи за овој народ. За тоа секогаш и секаде Ви оддаваме признание, честити Феликсе, со голема благодарност. Но сега, за да не го трошам напразно Вашето време, Ве молам, знаејќи ја Вашата љубезност, накратко да ме ислушате. Ние утврдивме дека овој човек е вистинска напаст, кој предизвикува препирки меѓу Евреите по целиот свет! Тој е челник на назаретската секта. Се обиде дури и храмот да го оскверни, но ние го уапсивме (и сакавме да му судиме според нашиот закон. Тогаш дојде полковникот Лисија и со голема војска насилно ни го одзеде, наредувајќи ни оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас.) Сега Вие можете да го сослушате и да дознаете за што го обвинуваме.“ И другите Евреи го потврдуваа тоа што го зборуваше Тертул. Гувернерот му даде знак на Павле дека може да зборува. Павле рече: “Знам, господине, дека Вие веќе долго време му служите како судија на нашиот еврејски народ и добро ги познавате работите за кои сум обвинет, и затоа јас со голема доверба во вас ќе ја изложам својата одбрана. Лесно ќе дознаете дека јас во Ерусалим пристигнав на поклонение во храмот пред дванаесетина дена. Ниту во храмот ме затекнале со некого да се расправам, ниту во синагогите, ниту пак во градот сум го подбуцнувал народот на бунт. Тие не можат да го докажат она за што ме обвинуваат. Јас овде, пред Вас, признавам дека сум следбеник на Христовото учење што тие го нарекуваат секта и на тој начин Му служам на Богот на нашите татковци, верувајќи во се што е запишано во Мојсеевите книги и во книгите на пророците. И јас, како и тие, верувам во Бог и уверен сум дека Тој ќе ги воскресне мртвите, како праведните, така и неправедните. Заради тоа правам се што знам и умеам, та мојата совест пред Бог и пред луѓето секогаш да биде чиста. По повеќе години отсуство се вратив во Ерусалим, носејќи со себе доброволни прилози, за да му помогнам на мојот народ и да Му принесам жртви на Бог. Овие што ме обвинуваат ме видоа во храмот кога веќе го бев завршил церемонијалното исчистување. Околу мене ниту имаше насобрано луѓе, ниту имаше некаков бунт. Имаше само неколку Евреи дојдени од покраината Азија, кои требаше да бидат присутни, и ако имале нешто против мене, овде пред Вас нека го изнесат. Нека кажат овие што дојдоа да ме обвинат, какво злосторство најдоа во мене кога ме изведоа пред еврејското народно собрание, освен тоа што гласно изјавив: ,Денеска овде мене ми се суди затоа што верувам во воскресението на мртвите!‘“ Тогаш Феликс, кој добро го познаваше Христовото учење, го одложи сослушувањето, со вакво образложение: „Ќе почекаме полковникот Лисија да дојде овде. Тогаш ќе пресудам во врска со вашиот случај.“ Потоа му нареди на офицерот да го задржат Павле во притвор, но да му дадат извесна слобода и да не спречуваат никој од неговите блиски да го посетува и да му помага. По неколку дена, дојде Феликс со својата жена Друсила, која беше Еврејка. Го повикаа Павле да им зборува за верата во Исус Христос. Додека тој зборуваше за праведноста, за зауздување на телесните страсти и за Божјиот суд што претстои, Феликс се исплаши и му рече: „Оди си сега! Кога ќе имам време, пак ќе те викнам.“ Феликс, всушност, се надеваше дека од Павле ќе добие мито и затоа честопати го викаше и разговараше со него. Така поминаа цели две години. Тогаш на местото на Феликс дојде Порциј Фест. Сакајќи да им угоди на Евреите, Феликс го остави Павле в затвор.

Дела 24:1-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По пет дена слезе првосвеш­теникот Ананија со старешините и со некој си говорник Тертил, па излегоа пред намесникот, обвинувајќи го Павле. А кога го повикаа Павле, Тертил почна да го обвинува, велејќи: „Секогаш и насекаде со голема бла­годарност признаваме дека преку тебе, многупочитуван Феликсе, кај нас има полн мир, а преку грижите твои – на овој народ му се дели вистинска правда. Но, за да не ти одземеме многу вре­ме, те молам да нѐ ислушаш накратко со твојата кротост. Утврдивме дека овој човек е чума и дека крева бунтови против сите Јудејци по вселената и дека е предводник на на­зарејската ерес. Тој се обиде дури и храмот да го ос­кверни. Затоа ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон; но заповедникот Лисиј дојде и со го­лема сила го истргна од рацете наши, и го испрати кај тебе, откако заповеда и ние, неговите об­винители, да дојдеме кај тебе. Ти ќе мо­жеш сам да го испиташ и од него да дознаеш за што го обвинуваме ние.“ И Јудејците потврдуваа дека е така. Намесникот му даде знак на Павле да зборува, а тој одговори: „Бидејќи знам дека од пред многу години си му судија на овој народ, со послободно срце ќе зборувам во моја одбрана. Ти можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена откако се ис­качив во Ерусалим на поклонение. Но не ме најдоа ниту во храмот не­кому да зборувам, или бунт да кревам меѓу народот, ни по синагогите, ниту, пак, во градот. Ниту, пак, тие можат да го докажат она што сега ти зборуваат за мене. Но ти признавам дека според уче­њето, кое тие го нарекуваат ерес, Му служам на Бога на нашите татковци, дека верувам во сѐ што е напишано во Законот и во Пророците, дека се надевам на Бога, дека ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните, кое и тие сами го очекуваат. А затоа и сам се трудам секогаш да имам чиста совест пред Бога и пред луѓето. По многу години дојдов да му донесам на мојот народ милостина и приноси. Тогаш, кога се бев очистил, ме најдоа во храмот, ни со народ, ниту со не­мир, некои азиски Јудејци, кои требаше да се претстават пред тебе и да ме обвинат, ако имаат нешто против мене. Или, пак, тие сами да кажат дали во мене нашле некаква неправда, кога се бев јавил пред Синедрионот, – освен само овие зборови, кои, заста­нат пред нив, гласно ги изговорив: ‚За­ради воскресението на мртвите ме су­ди­те вие денес.‘“ Кога го слушна тоа Феликс, тој го одложи делото, бидејќи добро знаеше за тоа учење, и рече: „Ќе го разгледам де­лото кога ќе дојде заповедникот Лисиј.“ И му заповеда на стотникот да го пази Павле, но да му дава извесна слобода, и да не запира никого од неговите блиски да му служат, или да доаѓаат кај него. По неколку дена дојде Феликс со жената своја Друзила која беше Јудејка, па го повика Павле и слушаше од него за верата во Христос Исус. А кога Павле зборуваше за правда, за воздржување и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: „Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам.“ При ова се надеваше дека Павле ќе му даде пари за да го пушти; затоа чес­то го повикуваше и разговараше со не­го. Но кога изминаа две години, Фе­лик­са го замени Порциј Фест. И бидејќи са­каше да им угоди на Јудејците, Феликс го остави Павле во окови.

Дела 24:1-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А по пет дена првосвештеникот Ананиј слезе со неколку старешини и со некој си говорник Тертил, и истапија пред управителот против Павла. И кога го повикаа, Тертил почна да го обвинува, велејќи: “Голем мир уживаме благодарејќи тебе и со твојата грижливост многу нешта се поправија во народов; тоа, ние, честити Феликсе, со секаква благодарност го признаваме на секој начин и на секое место; но, за да не те задржувам повеќе, те молам да нѐ ислушаш накратко со твојата благост. Еве, најдовме дека овој човек е зараза, дека предизвикува препирки меѓу сите Јудејци по целиот свет и дека е водач на назарејската секта. И се обиде да го оскверни и Храмот, и ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон, но дојде заповедникот Лисиј, со голема сила, и го грабна од нашите раце, и заповеда неговите обвинители да дојдат при тебе. Ако го испиташ самиот, ќе можеш да узнаеш од него, сѐ за што ние го обвинуваме.“ А Јудејците потврдија дека е така. А кога управителот му даде знак да зборува, Павле одговори: „Бидејќи знам дека многу години си му судија на народов, јас, на драго срце, ќе зборувам во своја одбрана. Ти самиот можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена, откако отидов горе во Ерусалим, на поклонение, и не ме најдоа ни во Храмот, ни во синагогите, ниту во градот да са расправам со некого или да го бунам народот, а не можат ни тебе да ти го докажат она заради што ме обвинуваат сега. Но тебе ти признавам: дека според Патот, кого тие го наречуваат ерес, така Му служам на Бога на нашите татковци, верувајќи во сѐ што е напишано во Законот и Пророците, и дека се надевам во Бога, како и овие сами, дека ќе има воскресение на праведните и неправедните. Затоа и самиот се трудам секогаш да имам чиста совест и пред Бога и пред луѓето. По многу години дојдов да му донесам милостина на својот народ и да принесам жртви, при што ме најдоа, очистен во Храмот, не со народ и не со врева. И некои Јудејци од Азија, кои требаа да излезат пред тебе и да ме обвинат, ако имаа нешто против мене. Или овие сами нека кажат каква неправда најдоа на мене, кога стоев пред Синедрионот, освен ако се работи за овој еден збор што го реков гласно, стоејќи меѓу нив: ‘заради воскресението на мртвите ме судите денес!’“ Тогаш Феликс, кој доста добро го познаваше тој Пат, го одложи нивното дело, велејќи: „Кога ќе дојде илјадникот Лисиј, ќе го решам вашето дело.“ А на стотникот му заповеда да го чуваат; но да му даваат извесна слобода и да не му бранат никому од неговите да му служат. А по неколку денови дојде Феликс со својата жена Друзила, која беше Јудејка, го повика Павла и ги слушаше неговите зборови за верата во Исуса Христа. А кога зборуваше за праведноста, за воздржувањето и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: „Сега оди си! И кога ќе најдам време, пак ќе те повикам.“ Меѓутоа се надеваше дека Павле ќе му даде сребреници; затоа почесто го повикуваше и разговараше со него. А кога се наполнија две години, Порциј Фест го наследи Феликса; сакајќи да им угоди на Јудејците, Феликс го остави Павла во окови.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност