Дела 23:1-35
Дела 23:1-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Со вперен поглед кон членовите на собранието, Павле им рече: „Браќа, мојата совест пред Бога е чиста се до денес!“ Тогаш Првосвештеникот Ананија им нареди на оние што стоеја покрај Павле да го удрат по устата. Павле му одговори: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан! Си седнал да ме судиш според законот, а наредуваш да ме удираат, спротивно на законот!“ Оние што стоеја до Павле му рекоа: „Како се осмелуваш да го навредуваш Божјиот Првосвештеник!?“ Тогаш Павле им се извини: „Не знаев, браќа, дека тој е Првосвештеник, зашто во Светото Писмо пишува: ,Не зборувај лошо за водачот на својот сопствен народ!‘“ Кога Павле забележа дека дел од членовите на собранието се садукеи, а дел се фарисеи, гласно рече: „Браќа, јас сум фарисеј! Сите мои предци биле фарисеи! Овде ми се суди заради тоа што верувам дека ќе има воскресение од мртвите!“ Тоа предизвика расправија меѓу фарисеите и садукеите, па во собранието дојде до поделба. Садукеите тврдеа дека нема ни воскресение, ни ангели, ни духови, а фарисеите веруваат во сето ова. Настана голема викотница. Неколку вероучители од фарисеите станаа и почнаа жестоко да се препираат со садукеите, велејќи: „Не гледаме ништо лошо кај овој човек! Можеби навистина му се јавил дух или ангел и му зборувал!“ Расправијата стануваше се пожестока, па полковникот се исплаши дека ќе го растргнат Павле на парчиња. Затоа нареди војниците да го тргнат оттаму и да го вратат во воената тврдина. Таа ноќ Господ му се појави на Павле и му рече: „Држи се храбро, зашто за Мене ќе треба да проповедаш и во Рим онака како што сведочеше овде во Ерусалим!“ Кога се раздени, група Евреи сковаа заговор. Се заколнаа дека нема ни да јадат, ни да пијат, се додека не го убијат Павле. Во заговорот зедоа учество повеќе од четириесет мажи. Тие отидоа кај Првосвештеникот и старешините, па им рекоа: „Ние се заколнавме ништо да не ставаме в уста, се додека не го убиеме Павле. Затоа јавете му на полковникот да го доведе Павле во собранието, божем имате намера поподробно да го испрашувате, а ние, уште пред тој да втаса овде ќе му поставиме заседа и ќе го убиеме.“ Но синот на Павловата сестра разбра за овој заговор, па отиде во воената тврдина и му кажа на Павле. Павле викна еден од офицерите и му рече: „Одведи го ова момче кај полковникот. Има нешто важно да му пренесе.“ Офицерот го одведе и му рече на полковникот: „Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам ова момче кај вас, зашто имало нешто важно да ви каже.“ Полковникот го фати за рака момчето, го одведе настрана и го праша: „Што сакаш да ми кажеш?“ Момчето му рече: „Евреите се договорија да ве замолат утре да го доведете Павле во собранието, како божем да имаат намера поподробно да го испрашаат. Немојте да ги послушате, зашто повеќе од четириесетмина Евреи му поставија заседа за да го убијат! Се заколнале дека нема да јадат и пијат, се додека не го убијат. Веќе демнат во заседа и чекаат само вие да го одобрите нивното барање.“ Полковникот го пушти момчето, наредувајќи му на никого да не кажува дека го известил за заговорот. Потоа полковникот викна двајца од своите офицери и им рече: „Одберете двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, и наредете им да се подготват вечерва во девет часот да заминат за Цезареја. Обезбедете за Павле добиток за јавање, за безбедно да го одведете кај гувернерот Феликс.“ Потоа напиша писмо за гувернерот, со следнава содржина: „Од Клавдиј Лисиј, до почитуваниот гувернер Феликс. Ве поздравувам! Ви испраќам еден човек кого Евреите го беа фатиле и се подготвуваа да го убијат. Кога дознав дека е римски граѓанин јас отидов со војска и го ослободив. Сакајќи да дознаам за што го обвинуваат Евреите, го изведов пред нивното собрание. Така дознав дека го обвинуваат за работи од нивниот верски Закон, но не беше виновен за нешто што заслужува смртна казна, или затвор. Откако ми беше јавено дека против овој човек се подготвува заговор, со закана да го убијат, веднаш го испраќам кај Вас, а ги известив и оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас, и таму да ги изнесат своите обвиненија.“ Уште истата ноќ, војниците го одведоа Павле до Антипатрида, како што им беше наредено. Следниот ден, пешаците се вратија во воената тврдина, а коњаниците го одведоа кон Цезареја. Кога пристигнаа во Цезареја, му ги предадоа писмото и Павле на гувернерот Феликс. Гувернерот го прочита писмото и го праша Павле од која покраина потекнува, па кога дозна дека е од Киликија му рече: „Ќе те сослушам кога ќе пристигнат и твоите обвинители.“ Потоа нареди да го одведат и да го чуваат под стража во Иродовата палата.
Дела 23:1-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Павле го впери својот поглед кон Синедрионот и рече: „Луѓе браќа! До оној ден со најчиста совест пред Бога живеев!“ А првосвештеникот Ананија на оние, што стоеја пред него, им заповеда да го удрат по устата. Тогаш Павле му рече: „Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан! Ти седиш, за да ме осудиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот!“ А оние што стоеја пред него, рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го навредуваш?“ Павле одговори: „Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е напишано: ‚Началникот на твојот народ да не го злословуваш.‘“ А кога дозна Павле дека еден дел од нив се садукеи, а другиот – фарисеи, извика во Синедрионот: „Луѓе браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј; за надеж во воскресение на мртвите ми се суди!“ Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите, и мнозина од народот се раздвоија. Зашто садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисеите го признаваат и едното и другото. Настана голема врева; и станаа книжниците од фарисејската страна и почнаа да се препираат, велејќи: „Ништо лошо не наоѓаме во овој човек; ако, пак, нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не Му се противиме на Бога.“ И бидејќи настана голема мешаница, заповедникот, уплашен да не го растргнат Павле, им заповеда на војниците да слезат и да го грабнат од нив и да го одведат во тврдината. Ноќта му се јави Господ и му рече: „Не плаши се, Павле! И како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.“ А кога осамна, некои од Јудејците се договорија, се заколнаа со заклетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павле. Имаше повеќе од четириесет мажи што дадоа таква заклетва. Па отидоа кај првосвештениците и старешините и рекоа: „Клетва си кладовме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павле. Затоа вие од Синедрионот соопштете му сега на заповедникот да го доведе утре долу пред нас, небаре ќе сакате поточно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.“ Кога слушна за заседата синот на Павловата сестра, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павле. А Павле повика еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче кај заповедникот, зашто има нешто да му каже.“ И тој го зеде, го одведе кај заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го доведам кај тебе, зашто имало нешто да ти каже.“ Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: „Што имаш да ми кажеш?“ А тоа рече: „Јудејците се договорија да те молат да го одведеш утре Павле долу пред Синедрионот, небаре ќе сакаат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело. Но ти не им верувај, зашто ќе го чекаат четириесет, а и повеќе од четириесет нивни луѓе, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.“ Тогаш заповедникот го испрати момчето и му порача: „Никому не кажувај дека си ми го кажал ова!“ Потоа повика двајца стотници и рече: „Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Кесарија во третиот час ноќеска; и пригответе добици, за да го качат Павле и да го одведат до намесникот Феликс!“ Напиша и писмо со оваа содржина: „Клавдиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс. Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се појавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав дека е римски граѓанин. И сакајќи да ја дознаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион, и дознав дека го обвинуваат по прашање од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужил смрт или окови. И бидејќи ми беше соопштено дека Јудејците намислиле лошо против тој човек, јас го пратив веднаш кај тебе, откако им порачав и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против него. Биди здрав!“ И така, војниците го зедоа Павле, и онака како што им беше заповедано, го одведоа ноќе во Антипатрида. А на вториот ден се вратија во тврдината, откако ги оставија коњаниците да одат со него. Оние што влегоа во Кесарија и му го предадоа писмото на намесникот, му го претставија и Павле. Намесникот го прочита писмото и праша од кој крај е тој, и откако разбра дека е од Киликија, рече: „Ќе те сослушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители.“ И заповеда да го држат под стража во дворот Иродов.
Дела 23:1-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Павле погледна кон Синедрионот и рече: „Мажи браќа, јас живеев со наполно чиста совест пред Бога до овој ден.“ Тогаш првосвештеникот Ананиј им нареди на оние, кои стоеја до него, да го удрат по устата. Тогаш Павле му рече: „Бог ќе те удри тебе, варосан ѕиду! И ти седиш за да ми судиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот!“ А оние, кои стоеја наоколу рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го хулиш?“ И Павле рече: „Не знаев, браќа, дека е првосвештеник; зашто е напишано: „Не зборувај лошо за началникот на својот народ!“ Бидејќи Павле знаеше дека едниот дел се садукеи, а другиот фарисеи, извика во Синедрионот: „Мажи браќа, јас сум фарисеј, син фарисеев; ме судат заради надежта во воскресението на мртвите.“ И кога го рече тоа, настана расправа меѓу фарисеите и садукеите, и собирот се раздели; зашто садукеите велат дека нема воскресение, ни ангели, ни дух, а фарисеите ги признаваат и двете. Така настана голема врева. И некои книжевници од фарисејската странка станаа и се препираа, велејќи: „Не наоѓаме никакво зло во овој човек, и ако му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога.“ И бидејќи расправата стана голема, заповедникот се исплаши да не го раскинат Павла, ѝ заповеда на војската да слезе и да го грабне од нивна средина, и да го одведат во тврдината. Идната ноќ Господ застана пред него и му рече: „Не бој се, Павле! Секако, како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така треба да сведочиш и во Рим.“ И кога се раздени Јудејците се собраа и се заколнаа, дека не ќе јадат ниту ќе пијат додека не го убијат Павла. Беа повеќе од четириесет, кои ја дадоа таа заклетва. Тие дојдоа при првосвештениците и старешините и им рекоа: „Се заколнавме со заклетва, дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павла. Затоа вие, сега, заедно со Синедрионот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе долу при вас, како да сакате поточно да го испитате неговото дело; а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи.“ Но синот на Павловата сестра чу за заседата, дојде и влезе во тврдината и му јави на Павла. А Павле повика еден од стотниците и рече: „Одведи го момчево при заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!“ Стотникот го зеде и го одведе при заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и ме замоли да го доведам при тебе ова момче, зашто има да ти каже нешто.“ Тогаш заповедникот го зеде за рака и се повлече со него насамо и го праша: „Што има да ми соопштиш?“ А тој рече: „Јудејците се договорија да те замолат да го одведеш утре Павла долу, во Синедрионот, како да сакаат поточно да се распрашаат за него. Но немој да ги послушаш, зашто го дебнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа, да не јадат ниту да пијат додека не го убијат. И сега се подготвени, само го чекаат твоето ветување.“ Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: „Не кажувај никому, дека ми го јави ова.“ И повика двајца од стотниците и рече: „Пригответе двеста војници, седумдесет коњаници и двеста стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час на ноќта. Пригответе и добиток, за да го качат Павла и да го одведат безбедно до управителот Феликс!“ И напиша писмо со следнава содржина: “Клаудиј Лисиј до угледниот управител Феликс - поздрав! Овој маж го фатија Јудејците и сакаа да го убијат; јас дојдов со војската и го извлеков, кога научив дека е Римјанин. Сакајќи да ја научам причината за која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Синедрион. И најдов дека го обвинуваат заради спорни прашања на нивниот Закон, но дека нема никаква вина, која заслужува смрт или окови. А кога ме известија дека се подготвува напад против овој човек, веднаш го испратив при тебе и обвинителите ги упатив да кажат, пред тебе, што имаат против него. Биди здрав!“ Тогаш војниците го зедоа Павла, според дадената им заповед, и го одведоа ноќе во Антипатрида; а утреден ги оставија коњаниците да одат со него, а тие се вратија во тврдината. А кога влегоа во Ќесарија, му го врачија писмото на управителот и му го претставија и Павла. А кога го прочита писмото, го праша од која област е, и научи дека е од Киликија; му рече: „Ќе те ислушам кога ќе дојдат и твоите обвинители.„ И заповеда да го чуваат во Иродовата преторија.