Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 23:1-35

ДЕЛА 23:1-35 MKB

А Павле погледна кон Синедрионот и рече: „Мажи браќа, јас живеев со наполно чиста совест пред Бога до овој ден.“ Тогаш првосвештеникот Ананиј им нареди на оние, кои стоеја до него, да го удрат по устата. Тогаш Павле му рече: „Бог ќе те удри тебе, варосан ѕиду! И ти седиш за да ми судиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот!“ А оние, кои стоеја наоколу рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го хулиш?“ И Павле рече: „Не знаев, браќа, дека е првосвештеник; зашто е напишано: „Не зборувај лошо за началникот на својот народ!“ Бидејќи Павле знаеше дека едниот дел се садукеи, а другиот фарисеи, извика во Синедрионот: „Мажи браќа, јас сум фарисеј, син фарисеев; ме судат заради надежта во воскресението на мртвите.“ И кога го рече тоа, настана расправа меѓу фарисеите и садукеите, и собирот се раздели; зашто садукеите велат дека нема воскресение, ни ангели, ни дух, а фарисеите ги признаваат и двете. Така настана голема врева. И некои книжевници од фарисејската странка станаа и се препираа, велејќи: „Не наоѓаме никакво зло во овој човек, и ако му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога.“ И бидејќи расправата стана голема, заповедникот се исплаши да не го раскинат Павла, ѝ заповеда на војската да слезе и да го грабне од нивна средина, и да го одведат во тврдината. Идната ноќ Господ застана пред него и му рече: „Не бој се, Павле! Секако, како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така треба да сведочиш и во Рим.“ И кога се раздени Јудејците се собраа и се заколнаа, дека не ќе јадат ниту ќе пијат додека не го убијат Павла. Беа повеќе од четириесет, кои ја дадоа таа заклетва. Тие дојдоа при првосвештениците и старешините и им рекоа: „Се заколнавме со заклетва, дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павла. Затоа вие, сега, заедно со Синедрионот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе долу при вас, како да сакате поточно да го испитате неговото дело; а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи.“ Но синот на Павловата сестра чу за заседата, дојде и влезе во тврдината и му јави на Павла. А Павле повика еден од стотниците и рече: „Одведи го момчево при заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!“ Стотникот го зеде и го одведе при заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и ме замоли да го доведам при тебе ова момче, зашто има да ти каже нешто.“ Тогаш заповедникот го зеде за рака и се повлече со него насамо и го праша: „Што има да ми соопштиш?“ А тој рече: „Јудејците се договорија да те замолат да го одведеш утре Павла долу, во Синедрионот, како да сакаат поточно да се распрашаат за него. Но немој да ги послушаш, зашто го дебнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа, да не јадат ниту да пијат додека не го убијат. И сега се подготвени, само го чекаат твоето ветување.“ Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: „Не кажувај никому, дека ми го јави ова.“ И повика двајца од стотниците и рече: „Пригответе двеста војници, седумдесет коњаници и двеста стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час на ноќта. Пригответе и добиток, за да го качат Павла и да го одведат безбедно до управителот Феликс!“ И напиша писмо со следнава содржина: “Клаудиј Лисиј до угледниот управител Феликс - поздрав! Овој маж го фатија Јудејците и сакаа да го убијат; јас дојдов со војската и го извлеков, кога научив дека е Римјанин. Сакајќи да ја научам причината за која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Синедрион. И најдов дека го обвинуваат заради спорни прашања на нивниот Закон, но дека нема никаква вина, која заслужува смрт или окови. А кога ме известија дека се подготвува напад против овој човек, веднаш го испратив при тебе и обвинителите ги упатив да кажат, пред тебе, што имаат против него. Биди здрав!“ Тогаш војниците го зедоа Павла, според дадената им заповед, и го одведоа ноќе во Антипатрида; а утреден ги оставија коњаниците да одат со него, а тие се вратија во тврдината. А кога влегоа во Ќесарија, му го врачија писмото на управителот и му го претставија и Павла. А кога го прочита писмото, го праша од која област е, и научи дека е од Киликија; му рече: „Ќе те ислушам кога ќе дојдат и твоите обвинители.„ И заповеда да го чуваат во Иродовата преторија.