Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 22:4-21

Дела 22:4-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Ги прогонував христијаните до смрт. Ги врзував и ги носев в затвор, без разлика дали беа мажи или жени. Ова можат да го потврдат Првосвештеникот и сите старешини. Од нив добив писма за нашите браќа Евреи во Дамаск, со кои ме овластија да одам во Дамаск и да ги апсам тамошните христијани, а потоа, оковани во пранги да ги доведам во Ерусалим за да бидат казнети. Додека се приближував до Дамаск, некаде околу пладне, околу мене ненадејно блесна силна светлина од небото. Паднав наземи ничкум и чув глас како ми се обраќа: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!?‘ ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав јас. ,Јас сум Исус од Назарет - Оној што Го прогонуваш!‘ И оние што беа со мене ја виделе светлината, но гласот што ми проговори не го чуле. Тогаш реков: ,Кажи ми што да правам, Господе?‘ ,Стани, оди во Дамаск и таму ќе ти биде кажано се што треба да правиш!‘ - ми одговори Господ. Потоа оние што беа со мене ме водеа до Дамаск, зашто јас бев заслепен од силната светлина и воопшто не можев да гледам. Во Дамаск имаше еден човек по име Ананија. Тој беше побожен човек што се придржуваше до Божјиот Закон и уживаше голем углед кај сите Евреи од тој крај. Тој дојде кај мене, ми пристапи и ми рече: ,Брате Савле, нека ти се врати видот!‘ Истиот миг видот ми се врати и можев да го видам Ананија. Потоа тој ми рече: ,Богот на нашите прадедовци те одбра да се запознаеш со Неговата намера, да го видиш Праведникот и да го слушнеш повикот од Неговата уста. Отсега ти ќе им проповедаш за Него на сите луѓе, ќе им кажуваш за она што си го видел и слушнал. Што чекаш сега? Стани, крсти се и повикај Го Господ да ти ги измие гревовите!‘ Кога се вратив во Ерусалим, еден ден отидов во храмот за да се молам. Во видение Го видов Исуса, Кој ми рече: ,Напушти го Ерусалим што поскоро, зашто тие нема да веруваат кога ќе им сведочиш за Мене!‘ А јас Му реков: ,Господе, зошто да не ми веруваат кога знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние што веруваа во Тебе!? А кога го каменуваа Твојот сведок Стефан, и јас бев таму. Го одобрував убиството и им ги чував облеките на неговите убијци!‘ Но Господ ми рече: ,Ти наредувам да го напуштиш Ерусалим, зашто Јас те праќам далеку, меѓу нееврејските народи!‘“

Дела 22:4-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

До смрт ги гонев јас приврзаниците на тоа учење, врзувајќи и предавајќи во затвор и мажи и жени. За тоа може да посведочи прво­свеш­теникот и целото старешинство. Од нив примав и писма за браќата и одев во Да­маск, да ги доведам во Ерусалим и оние кои беа таму врзани, за да бидат каз­не­ти. Но, кога бев на пат и наближив кон Дамаск, околу пладне, одеднаш од не­бо­то ме осветли силна светлина. Јас паднав наземи и слушнав глас, кој ми зборуваше: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘ Јас, пак, одговорив: ‚Кој си ти, Гос­поди?‘ А Тој ми рече: ‚Јас сум Исус од Назарет, Кого ти Го гониш.‘ Оние, кои беа со мене, ја видоа свет­лината и се уплашија; но гласот на Оној, Кој ми зборуваше, не го слушнаа. Тогаш реков: ‚Што да правам, Гос­поди?‘, А Господ ми рече: ‚Стани и оди во Дамаск, и таму ќе ти биде речено сѐ, што ти е одредено да правиш.‘ И бидејќи од болскотот на таа свет­лина не можев да гледам, ме поведоа за рака оние, кои беа со мене, и така ме одведоа во Дамаск. А некој си Ананија, маж благо­чес­тив според Законот, со добро име меѓу сите Јудејци во Дамаск, дојде кај мене, застана и ми рече: ‚Брате Савле, прогледај!‘ И јас во тој миг прогледав и погледнав кон него. Тој ми рече: ‚Бог на нашите татковци те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да слушнеш глас од устата Негова, зашто ќе Му бидеш сведок пред си­те луѓе за она што си видел и слушнал. И сега, зошто се задржуваш? Ста­ни, крсти се и очисти ги гревовите свои, повикувајќи го името на Господ Исус.‘ А кога се вратив во Ерусалим и се молев во храмот, токму кога бев во занес, Го видов како ми вели: ‚Побрзај, из­лези од Ерусалим поскоро, зашто нема да го примаат твоето сведоштво за Ме­не!‘ Јас, пак, одговорив: ‚Господи, тие знаат дека јас ги затворав и биев по си­нагогите оние, кои веруваа во Тебе; и кога се проливаше крвта на Сте­фан, Твојот сведок, таму стоев и јас и го одобрував неговото убиство, пазејќи ги алиштата на оние што го убиваа.‘ И ми рече: ‚Оди! Јас те праќам да­леку – кај незнабошците.‘“

Дела 22:4-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во темници мажи и жени, како што може да посведочи за мене првосвештеникот, со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги дотерам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.“ “Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото. И паднав на земјата и чув глас како ми зборува: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’ А јас одговорив: ‘Кој си ти, Господине?’ И ми рече: ‘Јас сум Исус Назареецот, Кого ти Го гониш.’ А оние, кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот, кој ми зборуваше. Тогаш реков: ‘Што да правам, Господи?’ А Господ ми рече: ‘Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сѐ што ти е определено да правиш!’ И бидејќи не можев да гледам од блескотот на светлината, моите другари ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.“ „А некој Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Јудејци, дојде при мене, ми се доближи и рече: ‘Брате Савле, прогледај!’ И јас во истиот миг погледав во него. А тој рече: ‘Бог на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја и да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста, зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул. И што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го името на Господа.’ Кога пак се вратив во Ерусалим и се молев во Храмот, се занесов и Го видов како ми вели: ‘Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!’ А јас реков: ‘Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе; и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму; одобрував и ги чував облеките на оние, кои го убиваа.’ И ми рече: ‘Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу народите!’

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност