Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 22:4-21

ДЕЛА 22:4-21 MKB

Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во темници мажи и жени, како што може да посведочи за мене првосвештеникот, со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги дотерам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.“ “Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото. И паднав на земјата и чув глас како ми зборува: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’ А јас одговорив: ‘Кој си ти, Господине?’ И ми рече: ‘Јас сум Исус Назареецот, Кого ти Го гониш.’ А оние, кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот, кој ми зборуваше. Тогаш реков: ‘Што да правам, Господи?’ А Господ ми рече: ‘Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сѐ што ти е определено да правиш!’ И бидејќи не можев да гледам од блескотот на светлината, моите другари ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.“ „А некој Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Јудејци, дојде при мене, ми се доближи и рече: ‘Брате Савле, прогледај!’ И јас во истиот миг погледав во него. А тој рече: ‘Бог на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја и да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста, зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул. И што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го името на Господа.’ Кога пак се вратив во Ерусалим и се молев во Храмот, се занесов и Го видов како ми вели: ‘Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!’ А јас реков: ‘Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе; и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму; одобрував и ги чував облеките на оние, кои го убиваа.’ И ми рече: ‘Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу народите!’

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност