Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 2:14-47

Дела 2:14-47 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет часот наутро. Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел: ,Во последните денови‘ - вели Бог,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе, па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши, момчињата ќе имаат виденија, а старците ќе сонуваат соништа. Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух врз сите Мои слуги и слугинки, и тие ќе пророкуваат. Ќе правам чуда горе на небесата и видливи докази долу на Земјата - крв и оган и столбови од чад. Сонцето ќе поцрни, а Месечината ќе се вцрви како крв, пред да дојде тој голем и славен Господов ден. Тогаш секој што ќе го повика името Господово ќе биде спасен.‘ Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете. Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исуса и со помош на еден паганин, Го распнавте на крст и Го убивте. Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше. За Него, Давид вели: ?Знам дека Господ е постојано со мене, Тој ми е оддесно - нема да потклекнам! Поради тоа срцето ми е весело, и душата ми се радува; а и телото во надеж ќе ми почива, зашто Ти во гробот нема да ме оставиш, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да доживее распаѓање. Ти ми го објави патот на животот, Твоето присуство ќе ме исполни со радост.‘ Луѓе, браќа, јасно е дека нашиот прататко Давид овде не зборува за себе, зашто тој умре, беше погребан и неговиот гроб е тука, меѓу нас, се до денешен ден. Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол, претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос, Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање. Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа. Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате. Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече: “Му рече Јахве на мојот Господ: ,Седни на почесното место, од Мојата десна страна, додека не ги претворам Твоите непријатели во чергиче што ќе го газат стапалата Твои!‘“ Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија!“ Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“ Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби. Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите, и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“ Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“ Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните. Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера и на молитви. Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази. Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко. Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби. Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце. Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души.

Дела 2:14-47 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Еру­салим, знајте го ова и внимателно слуш­нете ги моите зборови; овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но ова е претскажаното преку пророкот Јоил: ‚И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќер­ки­те ваши, и младичите ваши ќе имаат ви­денија и старците ваши ќе сонуваат со­ништа. И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата – крв, и оган, и чад. Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Госпо­дов. И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘ Луѓе Израелци, слушнете ги овие зборови: Исус од Назарет, Човекот пос­ведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, кои, како што и сами знаете, ги направи Бог преку Него, предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие Го фативте, Го распнавте со рацете на беззакониците и Го убивте. Но Бог Го воскресна, откако Го ос­лободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи. Зашто Давид за Него вели: ‚Секо­гаш Го гледав Господ пред себе. Тој е од мојата десна страна, за да не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж; зашто Ти нема да ја оставиш ду­ша­та моја во Адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘ Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сѐ до де­неш­ниов ден. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва де­ка ќе постави некој од плодот на него­вите бедра на престолот Свој, предвиде и кажа за воскресението на Христос дека нема да биде оставен во Адот и дека телото Негово нема да види распаѓање. Овој Исус Го воскресна Бог. За тоа сме ние сите сведоци. И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Оте­цот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате. Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги поставам непријате­ли­те Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И затоа, нека знае со сигурност си­от Израелов дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Гос­под и Христос.“ Кога го слушнаа тоа, им се растре­перија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“ А Петар им рече: „Покајте се и се­кој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто вам ви припаѓа она ветување и на вашите деца и на сите што се дале­ку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“ И со многу други зборови све­до­че­ше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!“ И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се при­соединија во тој ден околу три илјади души. И беа истрајни во учењето на апостолите, во заедничкиот живот, во пре­кршувањето на лебот и во молитвите. И страв ја обзеде секоја душа, заш­то многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите. А сите што веруваа, беа заедно и сѐ им беше заедничко; продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа колку што му беше потребно. И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, прекршувајќи леб по ку­ќи­те, се хранеа со радост и со чисто срце. Го фалеа Бога и стекнуваа благонаклонетост кај сите луѓе. А Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво.

Дела 2:14-47 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Петар стана, со Единаесетмината, и го поткрена гласот и им рече: „Јудејци и сите вие, кои живеете во Ерусалим! Знајте го ова и послушајте ги моите зборови! Овие луѓе не се пијани, како што мислите вие - зашто е едвај третиот час на денот - туку тоа е кажаното преку пророкот Јоил: ’Во последните денови - вели Господ - ќе излеам од Својот Дух на секое тело, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите младинци ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа. Исто така, во тоа време, и на Своите слуги и на Своите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и ќе пророкуваат. Ќе направам чудеса горе на небото, а знаци долу на земјата; крв и оган и пареа од дим. Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред да дојде великиот и славен Господов ден. И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.’ Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог во вашата средина Го потврди Исуса Назареецот со сили, чуда и знаци, што Бог ги направи преку Него меѓу вас, како што знаете самите. Вие, Него, откако беше предаден според одредената волја и промисла Божја, преку рацете на беззакониците Го распнавте и убивте, но Бог Го ослободи од смртните болки и Го подигна, зашто не беше можно смртта да Го задржи. Зашто Давид вели за Него: ‘Постојано Го гледам Господа пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поместам. Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик; а и моето тело ќе почива во надеж; зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање. Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба пред Своето лице.’ Мажи, браќа! Можам да ви речам слободно за патријархот Давид, дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е при нас до денешен ден. Но, бидејќи беше пророк и зашто знаеше дека Бог му вети со заклетва, дека од родот на неговите бедра ќе подигне Некого, на неговиот престол, предвидувајќи за воскресението на Христа, рече: ‘Ниту беше оставен во Подземјето, ниту телото Му се распадна.’ Бог Го воскресна Овој Исус, за кое ние сите сме сведоци. И така подигнат со Божјата десница, Тој Го прими од Таткото ветениот Свети Дух, и го излеа ова, што го гледате и слушате. Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот рече: ‘Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене; додека не ги положам Твоите непријатели како подножје на Твоите нозе!’ И така, нека сиот Израелев дом знае веродостојно дека Бог Го направи Господ и Христос, Овој Исус, Кого вие Го распнавте!“ А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето и му рекоа на Петра, и на другите апостоли: „Мажи, браќа, што да правиме?“ А Петар им рече: „Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа за проштавање на вашите гревови; и ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто, ова ветување е за вас, и за вашите деца, и за сите далечни, колку што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“ И уште со многу други зборови сведочеше и ги опоменуваше, велејќи: „Спасете се од ова расипано поколение!“ И така, се крстија оние, кои го прифатија неговото слово. И во тој ден се приклучија околу три илјади души. И беа постојани во апостолското учење и општувањето; и во раскршувањето на лебот и во молитвите. А страв влезе во секоја душа, зашто апостолите правеа многу чудеса и знаци. А сите кои поверуваа беа заедно и сѐ им беше општо. И продаваа стоки и имоти и тоа го делеа на сите, секому според неговата потреба. И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и примаа храна со радост и просто срце, фалејќи Го Бога беа омилени кај сиот народ. А секој ден, Господ ги додаваше оние, кои се спасуваа.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност