Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови; овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но ова е претскажаното преку пророкот Јоил: ‚И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа. И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата – крв, и оган, и чад. Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘ Луѓе Израелци, слушнете ги овие зборови: Исус од Назарет, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, кои, како што и сами знаете, ги направи Бог преку Него, предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие Го фативте, Го распнавте со рацете на беззакониците и Го убивте. Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи. Зашто Давид за Него вели: ‚Секогаш Го гледав Господ пред себе. Тој е од мојата десна страна, за да не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж; зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во Адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘ Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сѐ до денешниов ден. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва дека ќе постави некој од плодот на неговите бедра на престолот Свој, предвиде и кажа за воскресението на Христос дека нема да биде оставен во Адот и дека телото Негово нема да види распаѓање. Овој Исус Го воскресна Бог. За тоа сме ние сите сведоци. И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Отецот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате. Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги поставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И затоа, нека знае со сигурност сиот Израелов дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.“
Кога го слушнаа тоа, им се растреперија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“ А Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто вам ви припаѓа она ветување и на вашите деца и на сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“ И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!“ И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души.
И беа истрајни во учењето на апостолите, во заедничкиот живот, во прекршувањето на лебот и во молитвите. И страв ја обзеде секоја душа, зашто многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите. А сите што веруваа, беа заедно и сѐ им беше заедничко; продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа колку што му беше потребно. И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, прекршувајќи леб по куќите, се хранеа со радост и со чисто срце. Го фалеа Бога и стекнуваа благонаклонетост кај сите луѓе. А Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво.