Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 17:1-14

Дела 17:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа Павле и Сила поминаа низ градовите Амфиполис и Аполонија, па пристигнаа во Солун. Таму имаше еврејска синагога. Како што обично правеше, Павле дојде кај нив и три саботи по ред им проповедаше од Светото Писмо, објаснувајќи им и докажувајќи им дека беше неопходно Месијата да настрада и да воскресне од мртвите. Тој им рече: „Исус е Месијата. За Него ви проповедам.“ Некои од нив поверуваа и им се приклучија на Павле и Сила, а пристапија и голем број побожни Грци и значителен број жени од високите кругови. Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубници и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата. Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде! А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некојси Исус!“ Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија, меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија. Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога. Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина. Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците. Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле. Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија.

Дела 17:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Минувајќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, ка­де што имаше јудејска синагога. Павле, по својот обичај, влезе кај Ју­дејците и три саботи по ред им зборува­ше од Писмото. Тој им објаснуваше и докажуваше дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос. И некои од нив поверуваа и се при­со­единија кон Павле и Сила, – големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку угледни жени. Но некои од Јудејците што не по­ве­руваа, поттикнати од завист, зедоа не­кои лоши луѓе од пазарите, се насобраа по групи и го разбунтуваа градот. По­тоа ја нападнаа Јасоновата куќа и поч­наа да ги бараат за да ги изведат пред народот. А бидејќи не ги најдоа, го изведоа Јасон и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што го по­буниле целиот свет сега дошле и тука, дека нив ги прибрал Јасон, а сите тие пос­тапуваат против заповедите на царот, изјавувајќи дека има друг цар – Исус. Така го вознемирија народот и градските началници, кои го слушаа тоа. Но тие, откако добија залог од Јасон и од другите, ги пуштија. А браќата веднаш преку ноќта ги упатија Павле и Сила кон Верија. Тие кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога. Овие беа поблагородни од солунја­ни­те; тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го проверуваа Пис­мото, за да се уверат, дали е тоа та­ка. И мнозина од нив поверуваа – од Елините не мал број угледни мажи и жени. Но солунските Јудејци, штом дознаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го потресат и вознемират народот. Тогаш браќата го испратија Павле да оди кон морето, а Сила и Тимотеј ос­танаа таму.

Дела 17:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога поминаа преку Амфипол и Аполонија, пристигнаа во Солун, каде имаше јудејска синагога. И по својот обичај Павле влезе при нив и, три саботи редум, расправаше со нив од Писмото, толкувајќи и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека е Тој Месија - Исус, „Кого јас ви Го проповедам.“ И некои од нив се убедија и се дружеа со Павла и Сила; а исто така и големо множество побожни Грци и не малку угледни жени. Но Јудејците поттикнати од завист, зедоа неколку лоши улични мажи, собраа народ и предизвикаа неред во градот и ја нападнаа Јасоновата куќа, и бараа да ги изведат пред народот. А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасона и некои од браќата пред градските началници, викајќи: „Оние, кои го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука! И Јасон ги прими! И сите тие работат против ќесаревите заповеди, тврдејќи дека има друг цар - Исус!“ Така ги побунија народот и градските началници, кога го чуја тоа; и откако добија сигурност од Јасона и од другите, ги пуштија. А браќата веднаш, уште во ноќта, ги испратија Павла и Сила во Берија; тие, кога дојдоа таму, отидоа во јудејската синагога. Овие беа поблагородни од оние во Солун, зашто го примија Словото сосем подготвено, и секој ден го испитуваа Писмото дали е така. И мнозина од нив поверуваа; а од угледните елински жени и мажи - не малку. А кога солунските Јудејци узнаа дека Павле и во Берија го проповеда Божјото слово; дојдоа и таму и го раздвижија и го побунија народот. Тогаш браќата веднаш го испратија Павла кон приморјето. А Сила и Тимотеј останаа таму.