Минувајќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, каде што имаше јудејска синагога. Павле, по својот обичај, влезе кај Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото. Тој им објаснуваше и докажуваше дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос. И некои од нив поверуваа и се присоединија кон Павле и Сила, – големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку угледни жени. Но некои од Јудејците што не поверуваа, поттикнати од завист, зедоа некои лоши луѓе од пазарите, се насобраа по групи и го разбунтуваа градот. Потоа ја нападнаа Јасоновата куќа и почнаа да ги бараат за да ги изведат пред народот. А бидејќи не ги најдоа, го изведоа Јасон и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што го побуниле целиот свет сега дошле и тука, дека нив ги прибрал Јасон, а сите тие постапуваат против заповедите на царот, изјавувајќи дека има друг цар – Исус. Така го вознемирија народот и градските началници, кои го слушаа тоа. Но тие, откако добија залог од Јасон и од другите, ги пуштија. А браќата веднаш преку ноќта ги упатија Павле и Сила кон Верија. Тие кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога. Овие беа поблагородни од солунјаните; тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го проверуваа Писмото, за да се уверат, дали е тоа така. И мнозина од нив поверуваа – од Елините не мал број угледни мажи и жени. Но солунските Јудејци, штом дознаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го потресат и вознемират народот. Тогаш браќата го испратија Павле да оди кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму.
Прочитај Дела 17
Слушај Дела 17
Сподели
Спореди ги сите верзии: Дела 17:1-14
Зачувај стихови, читај офлајн, гледај наставни клипови и уште многу повеќе!
Дома
Библија
Планови
Видеа