Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 16:6-15

Дела 16:6-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Така тие ги преминаа Фригија и Га­латискиот крај, зашто ним не им беше допуштено од Светиот Дух да го про­поведаат словото во Азија. А кога дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија; но Духот на Исус не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада. Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Ма­ке­до­нец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нѐ повикал таму да го разгласуваме Евангелието. И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а утредента – во Неапол, и оттаму во Филипи. Тој е главен град во тој дел на Македонија и римска колонија. Во тој град престојувавме не­колку дена. А во саботата излеговме надвор од градот покрај една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени. И една богобојазлива жена од гра­дот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што го зборуваше Павле. А кога беше крстена таа и нејзини­те домашни, нѐ замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господ, тогаш влезете во мојата куќа и престојувајте во неа!“ И нѐ принуди.

Дела 16:6-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тие патуваа низ областите Фригија и Галатија, бидејќи Светиот Дух не им дозволуваше да одат и да проповедаат во областа Азија. Пристигнаа до границите на покраината Мизија и сакаа да се упатат накај покраината Битинија, но Духот на Исус не им дозволи. Минувајќи низ Мизија, слегоа до градот Троада. Во текот на ноќта, Павле имаше видение: еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ По тоа негово видение, ние веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог не повикува таму да ја проповедаме Радосната вест. Отпловивме од Троада и се упативме накај островот Самотраки, а следниот ден пристигнавме во пристаништето Неаполис. Оттаму заминавме за Филипи, важен град во покраината Македонија. Тој град беше римска колонија. Таму останавме неколку дена. Во еден саботен ден излеговме од портите на градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека им е местото за молитва. Седнавме и позборувавме со неколку жени што беа дојдени на тоа место. Меѓу нив имаше една жена по име Лидија од градот Тијатир. Таа се занимаваше со продавање на скапоцени пурпурни ткаенини. Лидија веруваше во Бог. Додека не слушаше, Господ и го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше Павле. Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно не канеше да бидеме нејзини гости: „Ако сметате дека имам вера во Господ, дојдете и останете во мојот дом додека престојувате во овој град.“ Така не убеди и останавме.

Дела 16:6-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ги поминаа Фригиската и Галатската Земја, зашто Светиот Дух им забрани да го проповедаат словото во Азија. А кога дојдоа спроти Мисија, се обидоа да отидат во Витанија, но Исусовиот Дух не им дозволи. И така, поминаа низ Мисија и слегоа во Троада. И на Павла му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија - помогни ни!“ И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нѐ повикал да им го проповедаме Евангелието. Потоа отпловивме од Троада и патувавме право кон Самотрак, а на идниот ден во Неапол, 12 а оттаму во Филипи, римска колонија и прв град во оној дел на Македонија. Во тој град престојувавме неколку дена. А во саботата излеговме надвор од градската врата, кон реката, каде што имаа обичај да се молат. И седнавме и им зборувавме на собраните жени. И некоја богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тиатир, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на Павловите зборови. А кога беше крстена таа, и нејзиниот дом, нѐ замоли, велејќи: „Ако ме признавате за верна на Господа, влезете во мојот дом и останете.“ И нѐ принуди.