Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 16:16-34

Дела 16:16-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еднаш, кога одевме на молитва, по патот нѐ сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на господарите свои им донесуваше големи приходи од гатањето. И одејќи по Павле и по нас другите викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог! Тие го навестуваат патот на спасението.“ Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам во име­то на Исус Христос излези од неа!“ И излезе во истиот час. Штом видоа господарите нејзини дека пропадна надежта за нивното бо­га­тење, ги фатија Павле и Сила, и ги довлечкаа на плоштадот кај начал­ни­ци­те. И кога ги приведоа пред управ­ни­ци­те, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, ка­ко Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.“ Тогаш се нафрли на нив народот; а управниците, штом им ги раскинаа али­ш­тата, започнаа да ги тепаат со ста­по­ви; и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стра­жар му наредија да ги чува добро. А стражарот, штом прими таква за­повед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затво­ре­ни­ци­те ги слушаа. Одеднаш настана голем потрес, та­ка што и темелите на затворот се по­местија, и веднаш се отворија сите вра­ти и оковите на сите отпаднаа. А стражарот на затворот, кога дој­де при свест и ги виде вратите на зат­во­рот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека затво­ре­ни­ци­те избегале. Но, Павле викна со силен глас и ре­че: „Не задавај си врз себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“ А тој побара светло, истрча и растре­перен падна пред Павле и Сила; па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?“ А тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ И му го проповедаа словото Гос­по­дово нему и на сите што беа со него во куќата негова. Во истиот час таа ноќ тој ги прими дома и им ги изми раните. Потоа вед­наш беше крстен тој самиот и сите не­гови домашни. Тогаш ги одведе горе во својата ку­ќа, постави трпеза и се зарадува со це­лиот свој дом, зашто поверува во Бога.

Дела 16:16-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Еден ден, додека одевме на тоа место за молитва, не сретна една робинка која се занимаваше со вражање, со што им носеше многу пари на своите господари. Тргна по Павле и по нас, и почна да вика: „Овие луѓе Му се служители на Севишниот Бог! Тие се дојдени да ви кажат како можете да се спасите!“ Тоа го правеше со денови, па кога на Павле му здодеа, се сврте кон духот што ја обземаше девојката, и му рече: „Ти наредувам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“ Во истиот час гатачкиот дух излезе од неа. Нејзините господари сфатија дека згасна нивниот извор на приходи, па ги фатија Павле и Сила и ги одвлечкаа на пазариштето, пред градските власти. Ги изведоа пред судиите и почнаа да викаат: „Овие Евреи го вознемируваат целиот град! Тие проповедаат обичаи кои за нас, Римјаните, се неприфатливи!“ Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови. Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“ Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.

Дела 16:16-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога еднаш одевме на молитва, нѐ сретна некоја девојка, слугинка, која имаше претскажувачки дух, и која, со вражање, им донесуваше голема печалба на своите господари. Таа одеше по Павла и по нас, викајќи: „Овие луѓе се слуги на Сѐвишниот Бог; кои ни проповедаат пат на спасение.“ Тоа го правеше многу денови. А кога му досади на Павла, се заврти и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исуса Христа да излезеш од неа!“ И излезе во истиот час. Кога нејзините господари видоа дека излезе и нивната надеж за печалба, ги одвлекоа Павла и Сила до пазарот пред началниците. Кога ги приведоа пред заповедниците, рекоа: „Овие луѓе, кои се Јудејци, го бунат нашиот град и проповедаат обичаи, кои ние како Римјани, не смееме да ги прифатиме ни да ги вршиме.“ И заедно, се крена народот против нив, а заповедниците им ги скинаа облеките и наредија да ги бијат со стапови. И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во темница и му заповедаа на темничарот да ги чува добро. Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на темницата, и нозете им ги стави во клада. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите. А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!“ А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила; ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?“ Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.“ И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом. И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови. Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога.