Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 16:16-34

ДЕЛА 16:16-34 MKB

А кога еднаш одевме на молитва, нѐ сретна некоја девојка, слугинка, која имаше претскажувачки дух, и која, со вражање, им донесуваше голема печалба на своите господари. Таа одеше по Павла и по нас, викајќи: „Овие луѓе се слуги на Сѐвишниот Бог; кои ни проповедаат пат на спасение.“ Тоа го правеше многу денови. А кога му досади на Павла, се заврти и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исуса Христа да излезеш од неа!“ И излезе во истиот час. Кога нејзините господари видоа дека излезе и нивната надеж за печалба, ги одвлекоа Павла и Сила до пазарот пред началниците. Кога ги приведоа пред заповедниците, рекоа: „Овие луѓе, кои се Јудејци, го бунат нашиот град и проповедаат обичаи, кои ние како Римјани, не смееме да ги прифатиме ни да ги вршиме.“ И заедно, се крена народот против нив, а заповедниците им ги скинаа облеките и наредија да ги бијат со стапови. И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во темница и му заповедаа на темничарот да ги чува добро. Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на темницата, и нозете им ги стави во клада. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите. А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!“ А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила; ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?“ Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.“ И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом. И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови. Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога.