Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 14:8-18

Дела 14:8-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде! Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите. Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.

Дела 14:8-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во Листра седеше еден човек, не­мо­ќен во нозете. Тој бил сакат од мај­чи­ната утроба, не можел да оди никогаш. Тој слушаше додека Павле зборува­ше; а Павле, го впери во него погледот и виде дека во него има вера дека може да оздрави, па му рече со висок глас: „Тебе ти велам, во името на Господ Исус Хрис­тос: исправи се на нозете свои!“ И тој скокна и почна да оди. А луѓето, кога видоа што направи Павле, го подигнаа гласот свој и изви­каа на ликаонски: „Боговите слегле кај нас во човечки лик!“ И Варнава го нарекоа Зевс, а Павле Хермес, бидејќи тој го водеше зборот. Жрецот, пак, на Зевс, чиј кип се на­оѓаше пред новиот град, откако доведе јунци и венци пред портата, сакаше за­едно со народот да принесе жртва. Но апостолите Варнава и Павле, кога слушнаа за тоа, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи: „Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви про­по­ве­да­ме да се обратите од овие празноверија кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; Кој поранешните поколенија на на­родите ги остави да врват по нивните патишта, иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост.“ И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва, (туку секој да си оди во својата куќа. Додека се наоѓаа таму и поучуваа)

Дела 14:8-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во Листра седеше некој човек немоќен во нозете, хром од мајчината утроба, кој никогаш не одел. Тој го слушаше Павла кога зборуваше, а кога Павле го погледна виде дека има вера за исцелување, и му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!“ И тој скокна и прооде. А множеството народ кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: „Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!“ И го нарекоа Варнава - Зевс, а Павла - Хермес, зашто тој беше началник на словото. А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе јунци и донесе венци пред вратата и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва. Но кога го чуја тоа апостолите, Варнава и Павле, ги раскинаа своите облеки се втурнаа меѓу народот и извикаа, велејќи: „Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви проповедаме да се обратите, од тие суети, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта, и сепак никогаш не прекратуваше да сведочи за Себеси со Своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодоносни времиња и полнејќи ги вашите срца со храна и веселба.“ И зборувајќи за тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва.